Рубрика: На граница на науката
Луѓе на Месечината – подвиг или измама? (4)
Објавено на 15.07.2021 - 18:00

Во 1969 година човештвото направи голем подвиг – двајца астронаути од Мисијата Аполо 11 се спуштија на Месечината на 20 јули и зачекорија по неа на 21 јули 1969 година! Тој триумф на науката и човечкото херојство малку подоцна иницираше една неочекувана и чудна појава – теорија на заговор дека астронаутите не се спуштиле на Месечината и дека тоа е една голема измама на НАСА!? Во оваа серија статии анализираме (и демантираме) повеќе поединечни теми од оваа теорија на заговор, за да може заинтересираните полесно правилно да се информираат, а и да им овозможиме пофокусирано да дискутираат на нашата фејсбук страница за конкретната тема. Во овој четврти дел од серијата зборуваме за темата: „Зошто се вее знамето на Месечината?“

4. Зошто се вее знамето на Месечината?

Еден од најголемите „докази“ со кој агресивно мавтаат (веат!) „верниците“ во теориите на заговор е „веењето“ на американското знаме кое на Месечината го поставија Нил Армстронг и Едвин Олдрин. Според „верниците“, знамето се вее и покрај тоа што на Месечината нема ветер (нема воздух!), затоа што во текот на снимањето на сцената (во студио на Земјата, се разбира!), некој случајно ја отворил вратата од студиото и направил провев!? Кога ќе го видите видеото од поставувањето на знамето на Месечината, ќе ви стане јасно дека единствениот провев што постои е оној во шупливите глави на тие „верници“.
Таа случка е снимена истовремено со две камери, едната поставена на месечевото тло (таа со послабиот видео квалитет), а другата со 16 mm камера поставена во лунарниот модул (таа со многу подобриот квалитет):

(ако видеото не е достапно во рамката кај вас погледнете го на https://youtu.be/_H20GUvUfl4)

На почетокот Армстронг и Олдрин заедно го распакуваат знамето и неговиот статив. Стативот е составен од два главни дела направени од алуминумски цевки – вертикална шипка и хоризонтална шипка поврзана со зглобен механизам за вертикалната – слика 1. Шипките се телескопски (на извлекување), од два дела. Вертикалната шипка на својот врв имала челичен шилец. Зглобниот механизам се закочува на агол од 90 степени меѓу вертикалната и хоризонталната шипка, при што се формира целосниот статив во форма на кириличната буква Г. Ова конструкција ја смислил Jack Kinzler, инженерот од НАСА и шефот на Техничкиот сервисен центар, кој колегите го нарекле, со право, Mr. Fix It.

Астронаутите не успеале целосно да ја извлечат хоризонталната шипка во предвидената должина, па знамето останало малку стуткано, што дало поголем привид на динамична развеаност. Потоа Армстронг неколку пати се обидува да го забоде стативот во каменестото месечево тло, при што ја ротира вертикалната шипка лево-десно. Во текот на тие неколку неуспешни обиди „платното“ од знамето се ниша многу повеќе отколку што е „вообичаено“– токму тоа е моментот за кој се фиксираат „верниците“ во теориите на заговор. Но на Месечината не владеат вообичаени услови – отсуството на атмосфера (таму владее ултрависок вакуум) ги прави работите поинакви од она на што сме навикнале на Земјата. Имено, ако се обидеме да мавтаме со знаме тука на Земјата, ќе се увериме дека тоа воошто не е лесно – воздухот дава голем отпор и многу бргу го смирува платното. Но на Месечината нема воздух и платното се ниша со поголема амлитуда и подолго од она на што сме навикнале – ама „верниците“ не му мислат многу за тоа. Слепи се и на фактот дека штом Армстронг успешно го забоде знамето во тлото, нишањето на знамето запре за помалку од три секунди. Потоа Армстронг се повлече на неколку метри растојание, оставајќи го Олдрин да го поздрави знамето и правејќи ја онаа позната фотографија – слика 2.

Астронаутите од Аполо 12 (Charles Conrad, Alan Bean) не успеаја да ја постават шипката во хоризонтална состојба (попуштил зглобниот механизам) и знамето остана жално виснато надолу. Има и фотографија од тоа – слика 3, но не е нешто многу популарна, од разбирливи причини. А и провев немало, велат.

Повеќе за мисијата Аполо и за теориите на заговор околу нив можете да прочитате во претходните броеви на ЕМИТЕР: 4-6/2019, 7-8/2009 и 9/2004.

Линк за дискусија:
https://www.facebook.com/EmiterSpisanie/posts/pfbid0GqYrv6eLjqzkfjFmTAUm...

 

Бонус видео:

Во познатата американска серија MythBusters една цела епизода (сезона 6, епизода 11) посветија на теоријата на заговор дека слетувањето на Аполо 11 било лажирано. Резултат? Busted!
Во видеото достапно на https://youtu.be/cG4q6K0AzbY има неколку експерименти, а на почетокот е експериментот со веење на знаме во вакуумска комора. 

Клучни зборови:
Слика 1

Слика 1

Слика 2

Слика 2

Слика 3

Слика 3