Во денешниот времеплов ги славиме Денот на социјалните медиуми и Денот на астероидот. Покрај ова го одбележуваме денот на Тунгуската експлозија и денот кога Ајнштајн го објави трудот во кој за прв пат ја објаснува теоријата на специјална релативност.
30 јуни – Ден на социјалните медиуми
Денот на социјалните медиуми беше промовиран од популарната веб-страница Mashable уште во 2010 година. Социјалните медиуми се чини дека се насекаде деновиве. Иако пионерот на социјалните мрежи, Мајспејс одамна веќе го нема, неговите “наследници” се тука, по сè изгледа за да останат, барем во догледно време. Денес постојано слушаме за трендовски теми на Твитер, се смееме заедно на приказите од неуспешните “потфати” документирани со видеа и објавени на YouTube, а голем дел од луѓето опсесивно го следат секој пост на Фејсбук, обидувајќи се ништо да не пропуштат. Дури и ако Фејсбук и Твитер не се за вас, сè уште има десетици други начини за нукро и макро блогирање – Vine, Snapchat, LinkedIn, VK,... и многу, многу други. Дури и деловните субјекти ја препознаа вредноста на социјалните медиуми за поврзување со клиентите и за продажбата на нивниот производ, како и за брзо ажурирање на корисниците за проблемите што влијаат на нивната услуга.
Социјалните медиуми станаа движечки фактор на светот во којшто живееме. За многумина од нас, тие се начин за комуникација со нашите роднини и пријатели, дури и ако тие се на другата страна на планетата. Социјалните медиуми одиграа и сè уште имаат голема улога и во светските настани. Твитер, на пример, се користеше за да организирање протестите и за известувања од настаните за време на Арапската пролет, пред неколку години. За оние од нас со малку поприземи и тривијални интереси, Твитер е одличен начин да останете информирани за животот на вашите омилени славни личности или набрзина да ги прегледате насловите од светските настани.
Но, ако сме искрени, повеќето од нас ги користат социјалните медиуми на еден, па во најмала рака, помалку правилен начин – за да се пофалиме како ги поминуваме одморите и празниците и какви авантури сме планирале за изминатиот или тековниот викенд. Речиси секој од нас во овој интернет-простор претставува идеализирана верзија за себе на социјалните мрежи, некогаш со тргање на тагот од фотографиите на коишто не сме “излеге како што треба” или со пласирање на не толку точна слика за нашиот живот, претставувајќи го многу повозбудлив и погламурозен отколку што навистина е. Токму од овие причини не треба да го споредувате вашиот живот со оној на вашите (виртуелни) пријатели, бидејќи и тие слично како и вас, ви ја прикажуваат само најласкавата слика за себе!
Па, како најдобро да се одбележи Денот на социјалните медиуми? Одговорот е очигледен! Започнете хаштаг, поставете фотографија, ажурирајте го вашиот статус... Сигурно нема да бидете сами, бидејќи социјалните медиуми сè уште се шират како шумски пожар низ целиот свет. Што и да правите, каде и да сте, не заборавајте да го славите #socialmediaday (И. З./ Н. С.)
30 јуни – Ден на астероидот
Научници, астрофизичари, инженери, студенти и академици во 192 земји ќе учествуваат во одбележувањето на денот којшто Обединетите нации го прогласија за официјален Ден на астероидот, посветен на подигањето на свеста и едукацијата за влијанието на овие карпести објекти што орбитираат околу Сонцето и што повремено знаат да одиграат клучна улога во историјата на нашата планета.
Зошто токму 30 јуни? Токму на овој ден во далечната 1908 година, околу 7 часот изутрина по локално време, еден астероид “профучи” низ атмосферата на Земјата за набргу потоа да експлодира над сибирската пустош во близина на реката Подкаменаја Тунгуска, во Краснојарската област во Русија. (Н. С.)
30.6.1908 – Голема експлозија во регионот на Тунгуска
Само што помина седум часот од едно ведро утро. Ден како сите други за малкуте жители на далечната област од сибирската тајга, каде што реката Подкаменаја Тунгуска поминува меѓу густата шума од иглолисни дрвја. Но, одненадеш, една светлечка топка, сјајна како Сонцето - како што подоцна ќе кажат сведоците – го преполовува небото. Потоа, бучава што се слуша до 1000 километри далечина, со огромен облак од чад што се крева кон небото. Некои сведоци раскажуваат дека предизвиканиот ветар бил толку топол што ги горел алиштата, други, пак, велат дека се нашле онесвестени на земја, трети, пак, дека почувствувале неколку удари од земјотрес.
Астероидот којшто навлезе во Земјината атмосфера и експлодира над сибирската пустош во близина на реката Подкаменаја Тунгуска, во Краснојарската област во Русија, ослободи енергија еквивалентана 185 атомски бомби, со јачина на бомбата фрлена на Хирошма некои 40-тина години подоцна. Научниците сè уште зборуваат и дискутираат за овој настан којшто остана забележан во историјата и е општопознат како Тунгуска експлозија. За овој настан повеќе може да прочитате во ЕМИТЕР 7-8/2003 – Енигмата на Тунгуската експлозија од 1908 година, ЕМИТЕР 9/2008 – 100 години од тунгуската експлозија и Емитер 10/2013 –Енигмата на тунгуската експлозија разрешена? (П.Л. / Н. С.)
30.6.1905 – Објавен е научниот труд “Електродинамичноста на телата во движење” од Алберт Ајнштајн
Овој труд за прв пат ја објаснува теоријата на специјална релативност. Во него, Ајнштајн ги поврзува Максвеловите равенки за електромагнетизам и законите на механиката, при што механичките својства на системот претрпуваат промени кога се достигнува брзината на светлината. Својата теза Ајнштајн ја поткрепува со емпириската анализа дека брзината на светлината е независна од движењето на набљудувачот. Ајнштајн го оспорува постоењето на таканаречен “светлосен етер”, односно медиум потребен за движење на светлината. (А. К.)