Емитер 7-12/2019.
Нарачајте го овој број или најавете се за да ја прочитате целата статија.
Новите состојби и времиња бараа трансформација на списанието ЕМИТЕР во поглед на организација на работата, но и во начинот на издавање. Па, така, следејќи ги современите текови во издаваштвото, пред три години преминавме на електронско издание на списанието, а од минатата година, на барање на читателите, го вративме и печатеното издание коешто е достапно исклучиво по пат на претплата.
Во таа насока, од неодамна на нашата веб-продавница www.emiter.mk развивме систем преку кој е овозможена групна претплата и пристап до електронското издание на сите ученици, студенти и вработени во некоја образовна институција, кога тие пристапуваат од ИТ-мрежата на таа институција. Со ова се создаде можност да одобриме навистина огромен попуст за таков вид на групна претплата. Правилата и условите за ваков вид на годишна претплата се следниве:
• Претплатата е годишна, се однесува на електронското издание на ЕМИТЕР и во овој момент содржи 4 броја (со оглед на тоа што сега списанието излегува на 3 месеци).
• Цената на една годишна претплата е со 90% попуст и наместо 400 денари ќе чини само 40 денари за еден претплатник.
• Сите претплатници ќе ги добијат на подарок и електронските изданија на броевите од 2015 година до денес, со што се остварува вкупна заштеда од преку 95% во однос на редовната цена на електронското издание на ЕМИТЕР.
• Институцијата ќе добива и по три гратис примероци од печатеното издание на секој нареден број од списанието додека трае претплатата.
• Сите овие бенефиции се однесуваат само за групна претплата, односно претплата за СИТЕ студенти и вработени од таа образовна институција.
• Со ваква групна претплата, сите ученици, студенти и вработени од таа институција ќе имаат неограничен пристап до електронските изданија опфатени со претплатата од компјутерите, лап-топите, таблетите и мобилните телефони во ИТ-мрежата на институцијата.
• Технички услов за ваков вид на претплата е институцијата да има фиксна IP адреса која, ако ја нема, може да ја обезбеди од својот интернет-провајдер.
Први корисници на системот за групна електронска претплата ќе бидат сите 1200 студенти и вработени од “матичниот” факултет на Емитер – Факултетот за електротехника и информациски технологии (ФЕИТ) од Скопје. Имено, за мало потсетување на нашите читатели, токму на ФЕИТ (тогаш Електротехнички факултет – ЕТФ) во далечната 1995 година беше одржана промоцијата на првиот број од списанието ЕМИТЕР, кое тогаш беше исклучиво посветено на електрониката, телекомуникациите, информатиката, автоматиката, аудио и видеотехниката. Оттогаш до денес поминаа повеќе од 24 години, 200 броја на ЕМИТЕР и десетина книги и брошури. Токму затоа ФЕИТ е првата образовна институција на која ѝ ја понудивме опцијата за групна претплата и таа, со воодушевување, беше прифатена од деканот, проф. д-р Димитар Ташковски, и поддржана од повеќе професори.
Претплатата на сите студенти на ФЕИТ ќе им овозможува брз и едноставен пристап до содржините на Емитер, што секако ќе им биде од полза при студирањето, особено за вежбите, практичните проекти, семинарските и дипломските трудови. Претплатата истовремено претставува и директна поддршка за работата на ЕМИТЕР, сигнал дека ФЕИТ ја чувствува потребата за неформално дополнување на образованието на своите студенти и ја поддржува едукативната, информативната и научно-популарната мисија на списанието.
Со ова ја промовираме нашата нова понуда и ново-старите заложби за поголема присутност на ЕМИТЕР во училиштата и на факултетите. Во наредниот период до сите училишта и факултети ќе доставиме понуда за групна претплата на електронското издание на Емитер. Се надеваме дека, слично на ФЕИТ, и другите образовни институции ќе ги согледаат предностите на овој вид информирање и дополнителна едукација на нивните ученици, студенти и наставници и позитивно ќе одговорат на нашата понуда. Со тоа истовремено ќе дадат силна поддршка за натамошното опстојување и напредок на ЕМИТЕР, единственото македонско списание за популаризација и примена на науката и техниката.
Ова е само дел од статијата која во целост е објавена во Емитер 7-12/2019. Нарачајте го овој број за да ја прочитате целата статија, а ако веќе го имате купено електронското издание најавете се за да го прочитате.