Тукушто се спушти завесата на Светското првенство во воздухопловно моделаратсво во категориите Ф1А, Ф1Б, Ф1Ц, слободнолетачки модели коешто се одржа во Калифорнија, САД. Вчера беа објавени и официјалните резултати на веб-страниците на организаторите и победниците слават. Но, не за долго, речиси сите учесници го продолжуваат караванот натпревари на следната дестинација каде се одржува следниот Светски куп
Натпреварот се одржа во организација на FAI – Спонзориран од клубот SCAT (Јужнo-Калифорнискиот воздухопловен тим) заедно со NFFS (Националната организација за слободен лет на воздухопловни модели), Организацијата Lost Hills и АМА, Национална организација на САД. Треба да споменеме дека истите двата претходни светски шампионти во Lost Hils, во 1993 и 2001 година, имаа исти организатори.
Светското првенство започна според однапред предвидените закажани термини и со пријави на натпреварувачи. Согласно правилникот, по претходните подготвителни натпревари на натпреварувачите им беше дадена можност од четирите пријавени натпреварувачи да се одреди екипа од 3 члена којашто ќе настапи. Па така, званичниот дел започна со пристигнување на натпреварувачите на 15 октомври, проверка на моделите и верификација се вршеше следниот ден, на 16 октомври, свеченото отворање се одржа на 17, додека официјалниот почеток на натпреварите започна на 18 со категорија Ф1А едрилици, натправарите со Ф1Б, моделите со гумен мотор беа на 19 октомври, кога беше и најатрактивната категорија Ф1Ц –качувачи. Секако, однапред беше предвиден и резервен ден, како и евентуални измени во термините поради можноста за дополнителни Fly Off летови, за одредување на победник по категорија.
Во конкуренција од 103 натпреварувачи од целиот свет, во категоријата Ф1А првото место го освои Brinzoi Konstantin од Романија пред Fric Dusan од Чешка и на третото место се пласира Andrist Kristian од Швајцарија. Екипно, првото место го освои Русија пред екипата на Данска, а на третото место се пласира екипата на Белорусија. Според официјалната листа објавена на веб-страницата, има измени во екипен пласман при што првото место го освои Хрватска, второто место Русија, а третото место Холандија.
Во категорија Ф1Б пласманот беше следен : Првото место го освои Mickael Rigault, Франција, пред Andreas Gey, Германија, а третото место го освои Marjan Popesku, Романија. Екипно, првото место го освои екипата на Аргентина пред екипата на Австралија, додека третото место го освои екипата на Австрија. Според новата ранг-листа екипниот пласман во категорија Ф1Б е следен: Израел – прво место, Русија – второ место и трето место за Полска.
Во најпрестижната категорија, Ф1Ц качувачи, победник и освојувач на првото место беше Malkhasyan Taron од САД пред Shvedenkov Yury од Канада, додека третото место го освои Rekhin Nikolay од Русија. Екипно, првото место го освои екипата на воздухопловните моделари од Литванија пред Полска, а третото место го освои екипата на Соеднитетите Американски Држави.
Во генерален пласман, од сите три дисциплини, првото место го освои Полска пред Русија и Соединетите Американски Држави.
Благодарејќи на комплетните информации од госпоѓата Слаѓана Гостоиќ од Србија, Богдан Лемут од Словенија, како и Жан Драпо од Франција, званичната веб- страница на воздухопловниот сојуз на Словенија и на организаторите, имав целосен увид за подготовките и текот на натпреварот. Општ е впечатокот дека натпреварот се одржуваше во беспрекорна организација од почеток до крај на прекрасниот терен. Огромната рамнина без пречки им овозможи на натпреварувачите да постигнат врвни резултати. Од екс-ЈУ просторите учествуваа екипи од БиХ, Србија, Словенија и Хрватска, кои во таа конкуренција постигнаа одлични резултати. Технички, со употребата на врвни материјали но и конструкции, моделарството мошне напредна. Многу фаворити останаа на средина на табелата или блиску до врвот, но сепак победи искуството и среќата. Драго ми е што многумина од натправарувачите претходно и лично ги запознав на Светските купови во Прилеп, меѓу кои и третопласираниот руски натпреварувач Рекхин.
За жал, репрезентацијата на Македонија, и покрај настојувањата, не обезбеди средства за учество. Но, да се надеваме дека во некој нареден период подобро ќе се подготват и со модели и со квалитетни резултати, како би ги одмериле силите со моделарите од светот.
Без 3-4 врвни модели по натпреварувач нема услов да се настапи на ваков натпревар. Материјалот за градба останува карбон, кевлар, вклучувајќи електроника и GPS за потрага по моделите.