Лендерот Инсајт го измери и сними неговиот прв "марсотрес". Слабиот сеизмички сигнал, детектиран од инструментот СЕИС наменет за проучување на внатрешната структура од планетата, бил забележан на 6 април, односно на 128 сол (марсовски ден) од престојот на Инсајт на Црвената планета. Се работи за прв снимен потрес којшто со сигурност потекнува од внатрешноста на планетата. Научниците сè уште ги испитуваат податоците за да ја одредат точната причина за сигналот.
Новиот сеизмички настан беше премал за да обезбеди веродостојни податоци за внатрешноста на Марс. Самата површина на Марс е исклучително тивка, овозможувајќи специјално дизајнираниот сеизмометар на Инсајт да ги регистрира и најмалите потреси. За разлика од ова површината на Земјата сеизмичката бучава е сеприсутна и константна, а нејзе ја создаваат бранувањата и движењата на океаните и на атмосферата. Настанот којшто беше регистриран на Марс е толку “тивок” што ако би се случил, на пример, во Јужна Калифорнија или Јапонија, тој веројатно не би бил ни регистриран туку неговиот сигнал ќе бил ‘маскиран’ и загубен меѓу десетиците помали потреси што секојдневно се случуваат во овие региони.
Своевремено, астронаутите од мисиите Аполо, во периодот помеѓу 1969 и 1977 година, инсталираа пет сеизмометри на Месечината, коишто досега имаат регистрирано и измерено илјадници потреси на Месечината. Различните материјали можат да ја променат брзината на сеизмичките бранови или, пак, да ги рефлектираат, што им овозможи на научниците со нивна помош да дознаат повеќе за внатрешниот состав на Месечината и за нејзиното формирање. Во моментов НАСА планира враќање на астронаутите на Месечината до 2024 година, со што ќе би се поставиле основите за идно истражување на Марс со човечки екипаж.
Сеизмометарот на Инсајт што ледерот го постави на површината на планетата на 19 декември минатата година, ќе им овозможи на научниците собирање на слични податоци за Марс. Проучувањето на длабоката внатрешност на Марс ќе даде увид во начинот на којшто се формираат и другите карпести светови, тука вклучувајќи ги и Земјата и Месечината.
Три други сеизмички сигнали беа детектирани на 14 март (сол 105) (за што пишавме тука), 10 април (сол 132) и 11 април (сол 133). Овие трперења беа “фатени” почувствителните сензори со многу широк опсег на СЕИС, но тие беа далеку помали од настанот забележан на сол 128, при што нејасно било дали потекнуваат од внатрешноста или од површината на Марс. Тимот ќе продолжи да ги проучува овие настани за да го утврди нивниот причинител.
Повеќето луѓе знаат дека главен причинител за потресите на тлото во близина на раседите на Земјата е движењето на тектонските плочи. Марс и Месечината немаат тектонски плочи, но сепак доживуваат потреси коишто, во нивниот случај, се предизвикани од постојаниот процес на ладење и собирање. Овој процес генерира напон во тлото којшто се акумулира сè дури не стане доволно силен за да помине низ кората, предизвикувајќи потрес на површината.
Детектирањето на овие мали потреси претставува огромен инженерски потфат. На Земјата, висококвалитетните сеизмометри честопати се запечатуваат во подземни ‘сефови’ заради нивна изолација од влијанијата на температурните и временските промени (за времето на Марс види тука). Инструментот на Инсајт поседува неколку интересно изведени изолациски бариери, направени со цел да се заштити уредот од екстремните температурни промени на планетата и како и од силните ветрови. Кога е во прашање чувствителноста , СЕИС ги надмина очекувањата на научниот тим. Инструментот го обезбеди Француската вселенска агенција, додека во самата обработка на податоците се вклучени повеќе меѓународни тимови.