Секојдневната временска прогноза е неопходна за нормално функционирање и планирање на активностите во повеќе сегменти. Па, голем број луѓе дури и се “опседнати” со постојана проверка на временските услови. За нив, еве сега и нова занимација. Освен прегледот на временските услови во нивниот град, регион на престој или некоја омилена туристичка дестинација, сега ќе можат да ги проверуваат и моменталните временски услови на Марс. Имено, НАСА ги направи јавно достапни извештаите за временската прогноза на Црвената Планета.
Податоците коишто помагаат за предвидување на временските услови во текот на денот и неделата на Марс, доаѓаат од лендерот Инсајт. Па така, оваа прогноза во најголем дел се однесува на временските услови во Елисејската рамнина (Elysium Planitia) каде што се наоѓа лендерот.
А временските услови на Марс во ова време, поточно во зима, се брутални. Сондата Инсајт секојдневно “трпи” огромни температурни разлики, со максимални дневни температури до -17ºC, за во ноќите да бидат измерени и до -95ºC. Извештајот за прогноза на времето на Марс секој час дава податоци и за измерената брзина и правец на ветерот, како и за моменталниот атмосферски притисок на локацијата на Инсајт, којашто е во близина на екваторот на Марс.
Иако зимата на Марс е период на интензивни бури, на локацијата на којашто се наоѓа сондата тимот од JPL не очекува некоја поголема временска непогода што би можела да ги загрози нормалните активности на мисијата.
Дневната временска прогноза за Црвената Планета можете да ја проследите тука