Емитер 9-10/2016.
Нарачајте го овој број или најавете се за да ја прочитате целата статија.
Во рамките на саемот ТЕХНОМА 2016, по 37. пат се одржа МАКИНОВА – годишна изложба на пронајдоци, иновации, нови производи, индустриски дизајн и младинско творештво. Придружна изложба е ЕКОНОВА, 14. по ред годишна изложба на иновации и пронајдоци насочени кон подобрување на животната средина. МАКИНОВА и ЕКОНОВА секоја година ги организира СПАТУМ – Сојузот на пронаоѓачи и автори на технички унапредувања на Македонија, во соработка со Народна техника на Македонија. На СПАТУМ мора да му се оддаде признание што 37 години по ред успева да организира ваква манифестација, навистина долга традиција што е реткост дури и во светски рамки. Но, за жал, веќе подолго време, а особено во последниве години, СПАТУМ е во голема криза – по сопствена вина! Тоа очебијно се рефлектира врз изложбата МАКИНОВА, но и врз останатите важни настани коишто не се видливи за пошироката публика. Но, да одиме по ред.
Скандал на МАКИНОВА 2015
Минатата година, во време на одржување на саемот, ЕМИТЕР не излегуваше, па јавноста не дозна за скандалот што се случи на МАКИНОВА 2015. Имено, во февруари 2015 година се формираше ново здружение на пронаоѓачи, наречено “Пронаоѓач Михајло Пупин” (интересна е врската на Пупин со Македонија, но за тоа – во друга пригода). Јас сум еден од членовите на Основачкиот одбор на ова здружение. Една од првите наши активности беше пилот-проектот насловен “Од идеја до патент”: на група млади заинтересирани за иноваторството, со серија предавања организирани како работилница, да им “извлечеме” идеја за пронајдок – буквално од ништо! Во гимназијата “Јосип Броз – Тито” организиравме предавања на група од неколку нивни ученици. Резултот на пилот-проектот беше една одлична идеја на тројца ученици: уред за сушење и дезинфекција на обувки (знаете веќе, после спортување – влажни и засмрдени патики...). Помогнавме идејата на учениците да се пријави како патент во Државниот завод за патенти и потоа тројцата малолетни ученици ги пријавивме во главната категорија на награди на МАКИНОВА 2015! Потенцирам – не во категоријата “Младинско творештво”, туку во категоријата “Пријавени патенти”, нешто што вообичаено е “резервирано” само за возрасни.
Претходните две години, јас, како претставник на ЕМИТЕР бев во жирито на МАКИНОВА за доделување на наградите. Овојпат, секретарот на Народна техника ме извести дека не можам да бидам член во жирито, заради “конфликт на интереси” – јас и тројцата пријавени ученици членуваме во исто здружение на пронаоѓачи. Нема проблем, јас истапив, па го замолив колегата од ЕМИТЕР, Емилијан Иљоски да биде член во жирито. Морам да нагласам дека овој “конфликт на интереси” со години наназад не се применуваше во случајот на истиот овој секретар на Народна техника на Македонија (сега секретар на СПАТУМ), кој редовно седеше на истата маса со жирито кога се одлучуваше за наградите и редовно си добиваше по некој медал, сам или заедно со неговата ќерка (вклучувајќи ги и двете златни медали на оваа МАКИНОВА 2016)! Двојни стандарди!
И покрај усилбите и рационалните објаснувања на колегата Иљоски кој и зошто треба, а кој не треба да добие награда, тој беше надгласан од останатите членови на жирито, па тројцата ученици не добија ништо, а медал (!) доби една несериозна “иновација”: филтер за воздух во својата најрудиментарна форма – преку мирна водена површина (во еден сад) струи воздухот придвижен од вентилатор!? Па тој филтер е многу полошо решение од сегдеприсутните правосмукалки со водена филтрација, кои барем ја буричкаат водата и со тоа успешно ја зголемуваат површината на контакт на водата со воздухот, обезбедувајќи добра филтрација на воздухот. А оваа наградена “иновација” има мирна површина на водата, која после 5 секунди работа ќе се засити со нечистотиите од воздухот и ќе престане да филтрира. Скандалозна одлука на останатите членови на жирито! А зошто сериозниот и добар пронајдок на тројцата ученици не доби никаква награда? Затоа што...
Катастрофа – катаклизма – СПАТУМ!
Мал вовед: СПАТУМ е сојуз на пронаоѓачи... или барем треба да биде. По дефиниција, секој сојуз е составен од здруженија, па според тоа, секој сојуз треба да се “отепа” од активности и желба да ги привлече кај себе сите оние здруженија кои сè уште не се нејзини членови. Но сојузот СПАТУМ не се однесува така. Нашето ново здружение “Пронаоѓач Михајло Пупин” веднаш по своето формирање, како што е ред, поднесе писмени барања за прием во СПАТУМ и во Народна техника на Македонија (барањата се заверени со нивни архивски печати). До ден денешен не добивме никакво писмено известување од нив! А изминаа 18 месеци! Во меѓувреме, на наше инсистирање имавме три состанока со врвот на СПАТУМ, на кои повторно баравме прием или барем некакво писмено известување, па нека биде и одбивање. Но, наидовме на крајно игнорантски однос. На едниот од состаноците побарав да ни кажат кои се критериумите за прием во СПАТУМ, бидејќи никаде не се запишани. Нивниот одговор беше: “Прво да видиме каде сте сместени”!? На моето прашање да прецизираат колкава површина е неопходна за седиштето на едно здружение за да може да претендира за прием во СПАТУМ, колку соби мора да има, на кој кат смее да биде или мора да е на приземје, дали мора да има два тоалета или може само еден, дали мора да има тросед или може да има само фотелји, дали прашината мора да биде избришана, нивниот одговор беше само посрамено молчење. Фатени во небрано, ни ветија (усно) дека до крајот на месецот ќе ни испратат писмо со напишани критериуми за прием во СПАТУМ. Се разбира, тоа писмо никогаш не беше испратено. По некој месец, во усна комуникација, престедателот на СПАТУМ ми кажа дека кај повеќето нивни членови од Собранието на СПАТУМ не постоело расположение да нè примат!? Сојуз што не сака да си го зголеми членството?! Неверојатно! А ако сте помислиле дека грешката некако мора да е кај нас а не во СПАТУМ, еве уште еден пример што го докажува спротивното:
Пред три години во Прилеп е формирано здружение на пронаоѓачи кое, како што е редот, исто така веднаш доставило писмено барање до СПАТУМ за зачленување. Повторно, до ден денешен тие немаат добиено никаков одговор написмено! Фрустрирачки, усно секогаш им било ветувано дека: “ќе ве примиме на следното Собрание... еве до крајот на следниот месец... ќе биде пред летните одмори... во септември веднаш по одморите, кога ќе се вратат луѓето... сигурно пред Нова година...” и така три години по ред!
Очигледно, тројца-четворица луѓе во СПАТУМ ја злоупотребуваат својата позиција и го туркаат СПАТУМ во изолација и пропаст. Велам тројца-четворица, бидејќи не видовме некој друг нивни член. На нашето прашање да кажат кои се тие здруженија што се членови на СПАТУМ, добивме смешен одговор: “Многу се”!? Членството на СПАТУМ постои само на хартија... а веројатно ни таму.
Фијаско на МАКИНОВА 2016
Катастрофалното (не)работење на СПАТУМ се одрази и на оваа МАКИНОВА – бројот на македонски учесници беше рекордно мал, со општо земено многу слаб квалитет на понуденото. Во официјалната конкуренција беше ставено дури и едно перпетуум мобиле (поточно – over unity generator)!? Жално и бедно!
Честа ја спасија три нови производи: сликата-греалка од Драгољуб Шешум (наградена со златна плакета) – познато решение во светот, но барем самостојно сработено како комерцијален производ што веќе успешно се продава; потоа деветстепениот заштитник од пренапони од фирмата АЦ/ДЦ (награден со златна плакета) – производ што сериски се произведува и се продава; и граничната пловка од композитен материјал од Живко Ширкоски (наградена со златен медал). Вреди да се спомене уште и постапката за добивање зеолит, од д-р Благица Цекова (наградена со златна плакета) – но тоа е само на ниво на лабораториска постапка со неизвесна иднина како индустриска технологија, а тука некаде се и ЛЕД-очилата од Петар Гелев (наградени со бронзен медал) – веќе одамна видено решение, но барем сработено самостојно. Појаснување: плакетите се утешна награда, а медалите се главна награда.
Останатото беше очајно слабо, а во недостаток на доволен број македонски учесници, СПАТУМ го извади од прашина стариот патент од 2009 година за автоматизирани оранжерии на доајенот на македонското пронаоѓаштво, д-р Трпе Груевски – наградено со златен медал. Но, тука многу посоодветно ќе беше да му се доделеше (заслужена) награда за животно дело, а не за некој негов стар патент. Патем, д-р Трпе Груевски и Драгољуб Шешум се членови на нашето здружение “Пронаоѓач Михајло Пупин” – она исто здружение што СПАТУМ не сака да го прими во своите редови. Слично, наградениот Живко Ширкоски е претседател на здружението на пронаоѓачи од Прилеп – она исто здружение што СПАТУМ три години не сака да го прими во своите редови. Дегутантна “политика” на СПАТУМ!
Но затоа сегашниот секретар на СПАТУМ (поранешниот на Народна техника) си ги издејствува највисоките награди: златен медал МАКИНОВА 2016 за себе и уште еден златен медал ЕКОНОВА 2016 за себе и за својата ќерка! Не само тоа, истиот тој секретар на СПАТУМ претходно однесе на Саемот на пронајдоци во Белград (Србија) како претставник на СПАТУМ постери со 4 иновации, од кои дури 3 од членовите на здруженијата на пронаоѓачи од Прилеп и од “Пронаоѓач Михајло Пупин” (оние исти здруженија што СПАТУМ не сака да го прими во своите редови) и, пазете сега, една своја “иновација”!? Значи, секретарот на СПАТУМ не се труди да презентира во странство иновации од членството на СПАТУМ, туку се натура сам себеси, а во недостаток на квалитетни иновации од членството на СПАТУМ (или недостаток на членови во СПАТУМ!), посегнува по туѓи остварувања – оние на членовите од здруженијата што одбива да ги прими во СПАТУМ!?
На МАКИНОВА 2016 учествуваа и 10 странски учесници од Босна и Херцеговина, претставени со 10 постери. Кога тој број од 10 странски учесници ќе се спореди со мизерната малубројност на 11-те македонски учесници на МАКИНОВА 2016, станува јасно до кое дереџе го донесе СПАТУМ иноваторството во Македонија.
Ова е само дел од статијата која во целост е објавена во Емитер 9-10/2016. Нарачајте го овој број за да ја прочитате целата статија, а ако веќе го имате купено електронското издание најавете се за да го прочитате.