Рубрика: Омнибус
МАКИНОВА 2011 го допре дното
Автор: Владимир Филевски
Ова е само дел од статијата која во целост е објавена во

Емитер 11/2011.

Нарачајте го овој број или најавете се за да ја прочитате целата статија.


Новинарите ги учат дека насловите на текстовите треба лапидарно да ја опишат темата и фактите, а по можност - да поентираат со залучок. Таков наслов сигурно веднаш ќе го привлече погледот на читателот и со тоа успешно ќе ја исполни својата улога. Е па тогаш, насловот треба да биде: "МАКИНОВА 2011 го допре центарот на Земјата, подолу од тоа – не може"!

Да објаснам: МАКИНОВА е дефинирана како "Меѓународна изложба на пронајдоци, технички унапредувања, нови производи и творештво на млади". Од дефиницијата е јасно дека МАКИНОВА треба да биде изложба на технички унапредувања (тука, по дефиниција, се и пронајдоците и новите производи), тоа подразбира прикажување на уреди и идеи кои (може да) функционираат, по можност подобро или поевтино од претходните! Тука нема место за перпетуум мобиле – ниту за прикажување, а за наградување не смее да стане ни збор! А токму еден перпетуум-мобиле, во овој случај over unity generator (генератор што дава поголема енергија отколку што влегува во него) беше награден на МАКИНОВА 2011 со Сребрена плакета!!!
Наградите на МАКИНОВА ги дододелува повеќечлена комисија, со мнозинство на гласовите. Не знам кои се членовите од комисијата што гласале да се награди еден обичен перпетуум-мобиле, но навистина би сакал да ги прашам како тоа замислуваат на следната МАКИНОВА да им се јават сериозни пронаоѓачи и иноватори, кога вака ги девалвираат наградите? Кој вистински иноватор би сакал да добие иста, или, скраја да е, помала награда од онаа доделена на некое перпетуум-мобиле? Мислам дека нема потреба да ги прашам какво техничко унапредување е перпетуум-мобиле, кога секој знае дека не може да функционира? Тоа е во директна колизија со намерата на формирањето на МАКИНОВА – да се наградуваат уредите и идеите кои функционираат.
Најмалиот проблем со оваа најнова МАКИНОВА е што се повторува она што со години наназад го укажувам (негодувам), дека творештвото на (нај)младите, кое секако дека треба да се поддржува и наградува, треба јасно да се одвои од наградите за сериозните пронајдоци и унапредувања. Проблемот со наградување на МАКИНОВА е многу поголем, посериозен и подлабок, чие дно е наградувањето на едно перпетуум-мобиле. Вториот огромен и постојан проблем на МАКИНОВА е доделување голем број награди на просечни, потпросечни, а многу често и лоши "пронајдоци", со изговор (претпоставувам) дека треба да се поттикнат што повеќе луѓе да ги изложуваат своите идеи на МАКИНОВА. Напротив, сигурен сум дека со тоа се одбиваат луѓето кои напорно и долготрајно работеле да добијат навистина квалитетен пронајдок или техничко унапредување. Резултатот на тоа е континуирано опаѓање на бројот на квалитетни пронајдоци пријавени и изложени на МАКИНОВА, пред сè од домашните иноватори. Многу подобра тактика би била заострување на критериумите за доделување награди. Ние од ЕМИТЕР се трудиме да ги одбереме од МАКИНОВА и да наградиме само највредните достигнувања, а просечните или потросечните достигнувања воопшто не нè интересираат.
На овогодинешната МАКИНОВА, 31-ва по ред, беа пријавени и изложени многу мал број на пронајдоци и иновации од домашните автори (сигурно заради причините кои ги наведов претходно). Дел од нив не заслужуваа да се најдат таму, а уште помалку да бидат наградени. Честа на МАКИНОВА ја спасија иноваторите од странство, чија голема бројност пријатно изненади. Беа изложени постери со иновации од Египет, Иран, Тајван, Руската федерација, Србија, Босна и Херцеговина. Навистина е штета што некои иновации од странските изложувачи не беа добро објаснети на нивните постери (самите иноватори не беа присутни), така што не можевме да добиеме вистинска слика за нивниот квалитет. Уште поголема штета е повторното промашување на Украинските "пронаоѓачи" кои повторно изложија некакви глупави "енергетски" уреди кои наводно нешто помагаат и хармонизираат.
Жирито на МАКИНОВА одлучи (со право) да не додели Гран При, но додели (пре)многу други награди (списокот на сите награди можете да ги најдете на нашиот веб-сајт www.emiter.com.mk на страницата за овој напис), од кои овде ќе ги спомнеме само добитниците на Златните медали МАКИНОВА 2011:
"Преносник на механичка моќ со прилагодување на брзини" од Данијела и Устијан Војнески, од с. Лескоец – Охридско е неефикасен преносен систем, кој воопшто не смеел да добие никаква награда! "Контролер на транспортен систем" од Никола Поцев, од Скопје е вообичаено решение, веќе видено. Пофално е тоа што студентот Поцев успешно сработил конкретен систем, но тука нема никаква новост. Од друга страна, "Метода за одредување на проекцијата на положбата на тежиштето и тежината на горната обртна градба на рударски машини" од доц. д-р Милорад Пантелиќ, м-р Бранко Николиќ, Рајко Спасојевиќ и Бојан Шекуларац, од Србија е нов начин на решавање на сериозен проблем, со одлични резултати. "Падобрански аквизициони систем" од Небоша Лукиќ, од Србија е решение со специфична и ограничена намена. "Технологија на изработка на детонациско сечиво со мала линеарна маса" од м-р Душан Врачариќ, Славица Терзиќ и Драган Илиќ, од Србија исто така е нова и ефикасна реализација на технологија со добри резултати во практиката.
Редакцијата на ЕМИТЕР, раководејќи се од логиката дека на вакви манифестации треба да се наградат само навистина квалитетните иновации и достигнувања, со што ќе ги поттикнат на поголеми напори оние кои овојпат не ја добиле нашите награди, одлучи со Диплома ЕМИТЕР и објавување статија за пронајдокот/иновацијата во рубриката Еурека да ги награди:
- Д-р Благица Цекова од Скопје, за "Синтеза на зеолит од флотациска прашина", што претставува ефикасна технологија со која од технолошки отпад се добива вреден производ.
- Chih-Hui Yang, Keng-Shiang Huang, Chen-Sheng Yeh, Hsiang-Chen Hsu, Yuh-Shong Yang, Kang Lu од Тајван, со пронајдокот "Combination Oral and Insulin Microcapsules" донесоа голема помош и олеснување за дијабетичарите.
- E. Sulman, V. Matveeva, V. Doluda, N. Lakina, A. Bykov, L. Nikoshvili, G. Demidenko, M. Sulman, P. Valetsky, L. Bronstein од Русија, со "Mesoporous Supports as Effective Stabilizer of Catalytic Active Metal Nanoparticles in Reactions of Fine Chemistry" прикажаа добар пример на ефикасно сработена технологија.
Со Пофалница ЕМИТЕР и годишна претплата на ЕМИТЕР, редакцијата ги награди:
- Димитар Спасов од Скопје, за "Ацидин форте - детергент за отпадна пластика", затоа што садржи нов рецепт со невообичаени компоненти за таа намена.
- Мирослав Стојчевски од Скопје направи "Моторцикл на електричен погон", практично изработен и функционален еколошки електро-моторцикл, но без регулација на брзина. Нема никаква новост, но добро е да се види нешто што е голема реткост во Македонија.
- Милорад Пантелиќ, Бранко Николиќ, Рајко Спасојевиќ и Бојан Шекуларац од Србија, со "Метода за одредување на проекцијата на положбата на тежиштето и тежината на горната обртна градба на рударски машини" и Душан Врачариќ, Славица Терзинац, Драган Илиќ од Србија, со "Технологија на изработка на детонациско сечиво со мала линеарна маса", исто така се нови решенија, како што спомнав погоре.
На крај, редакцијата ја даде и наградата Пофалница за млад конструктор и годишна претплата за ЕМИТЕР на ученикот Мартин Гелев од Скопје, за проектите "Движечки текст" и "ЛЕД коцка".

Датотеки за преземање:
* најавете се за да можете да ги преземете датотеките
 
Клучни зборови:

Мирослав Стојчевски од Скопје го изложи своерачно направиот електричен моторцикл

Тајванско медицинско чудо - орално внесување специјално третиран инсулин

Ученикот Мартин Гелев изложи Движечки текст (проект од ЕМИТЕР) и 3-D LED коцка управувана со микроконтролер.

Убави дизајнерски решенија од нашите студенти по дизајн.

Ова е само дел од статијата која во целост е објавена во Емитер 11/2011. Нарачајте го овој број за да ја прочитате целата статија, а ако веќе го имате купено електронското издание најавете се за да го прочитате.