Денес, во 11 часот свечено беше отворен 39. Меѓународен саем за металургија, електроника, енергетика, неметали, градежништво, обезбедување и заштита – "ТЕХНОМА 2013".
Oд 15. до 19. октомври 2013 година, заедно со оваа традиционална манифестација на Скопскиот саем ќе се одржуваат и 14. Меѓународен саем на занаетчиство и мало стопанство; 33. Меѓународна изложба на иновации – "МАКИНОВА"; саемот Агромеханизација, како сегмент на 63. АГРОФУД – меѓународен саем за широка потрошувачка; а Меѓународната асоцијација CEFA (Централноевропска алијанса на саеми) ќе одржи и средба на ескперти од браншата на тема: Еколошки места за настани (еко-хали)
"ТЕХНОМА" останува да биде изложбен настан на кој еднаш во годината ќе се постават прашањата околу енергетиката, електрониката и, воопшто, прашањата на стопанството во таа насока. Речиси 40 години го следи развојот на индустриското стопанство во регионот, како и напредокот на најновите достигнувања во областа на технологијата и ја интензивира меѓународната размена. Дека оваа саемска манифестација му е потребна на стопанството, говори фактотот што целиот расположив изложбен простор на Скопскиот саем со површина од 12.000 m2 е ставен во функција. Зa регионалниот карактер потврда се групните учества од Италија, Грција, Бугарија, Словенија и Хрватска.
Организираните национални претставувања ќе земат учество во Метрополис арената на Скопски саем, и тоа:
– компании од соседна Грција – организирани преку TIF (Thessaloniki International Fair) и Регионалната комора од Солун;
– компании од Словенија – организирани преку СПИРИТ, јавна агенција од Словенија;
– компании од Хрватска – организирани преку Хрватската занаетчиска комора и Стопанската Комора на Хрватска;
– компании од Бугарија – Проект за промоција на интернационализацијата на бугарските компании, Агенцијата за промоција на мали и средни претпријатија;
– компании од Италија – организирани преку Дива Ерис, консултантска агенција од Италија.
Она со што ќе се истакне една компанија на пазарот е ИНОВАЦИЈАТА. Затоа, значителна вредност и збогатување на овој саем му даваат Саемот за занаетчиство и мало стопанство и изложбата на пронајдоци – "МАКИНОВА", организирана преку Народна техника на Македонија и СПАТУМ. Дека енергетиката и нејзиното поефикасно и еколошко искористување е предизвик и во земјоделството, говори фактот дека сè повеќе земјоделци се одлучуваат за алтернативна енергетика. Оваа година само сегмент поврзан со агромеханизацијата како зеднички дел од "АГРОФУД" и "ТЕХНОМА" ќе биде изложен во дворот пред управната зграда на Скопскиот саем. Во истиот дух, и ПРОКРЕДИТ банка ќе прогласи најпроактивен земјоделец, а еден од клучните фактори е користењето алтернативна енергија во работењето. Во рамките на Технома ќе има многу индивидуални презентации, организирани од самите учесници.