Овогодинешната изложба на пронајдоци, иновации, нови технологии, нови производи, технички унапредувања, индустриски дизајн, трговски марки и младинско-истражувачко и креативно творештво МАКИНОВА 2019 ќе се одржи од 8 ди 10 ноември во просториите на Музејот на град Скопје.
Како и претходно, така и ова 40-то издание на МАКИНОВА го организираат Сојузот на пронаоѓачите и автори на технички унапредувања на Македонија – СПАТУМ и Народна техника. По 17 пат заедно со МАКИНОВА паралелно се одржува и изложбата ЕКОНОВА, чијашто цел е поттикнување и промоција на иновации, пронајдоци и идеи чија цел е подобрување на животната средина.
По овој повод СПАТУМ неодамна упати повик до сите поединци, производни компании, научно-истражувачки организации, факултети, училишта, самостојните иноватори, клубови на млади техничари и природници, наука на млади истражувачи, за учество во оваа манифестација поврзана со инвентивното и креативното творештво.
Како што велат од СПАТУМ, со учеството на 40. МАКИНОВА 2019 и 17. ЕКОНОВА 2019, “ќе бидете дел од традицијата и инвентивното движење во Македонија, и ја искористеувате единствената можност пред пошироката стопанска заедница и јавноста во Македонија да ја промовирате и афирмирате вашата идеја, иновација, пронајдок, нов производ, техничко унапредување, дизајн и трговска марка.”
Пријавите за учество на МАКИНОВА 2019 и ЕКОНОВА 2019 сите заинтересирани може да ги најдат прикачени на www.atcm.org.mk. Сите коишто сакаат да земат учество во манифестацијата со свој пронајдок или иновација, по пополнување на пријавата истата треба да ја достават најдоцна до 27 октомври електронски или по пошта до СПАТУМ ул. Градски Ѕид блок 5, п. Фах 14, Скопје 1000, Македонија.