Емитер 2/2012.
Нарачајте го овој број или најавете се за да ја прочитате целата статија.
Во претходниот број на ЕМИТЕР, во првиот дел од овој проект беше детаљно опишан и изработен 100W-ен сабвуферски засилувач за автомобил. Додека во овој, втор дел од проектот детално ќе биде опишан и изработен DC/DC конверторот за 12V/±35V, односно потребното симетрично напојување за овој 100W-ен сабвуферски аудиозасилувач со чија помош напонот од акумулаторот од 12V ќе го претвориме во симетричен напон од Us=±35V.
Како што наведов во првиот дел од проектот, со максималниот DC-напон од автомобилот 14,4V може да се постигне максимална теоретска моќност на аудиозасилувачот од околу 25W на вообичаено, 4-омско оптоварување, додека практичната RMS моќност се движи од 15 до 20W. За да се доживее длабок и респектабилен бас во современите автомобилски аудиосистеми ќе биде потребна поголема излезна моќност на засилувачот. За да ја оствариме оваа идеја, во нашиов случај за да добиеме излезна моќност на засилувачот од околу 100W, ние треба да го зголемиме напонот за напојување. Заради овие причини, потребен ни е електронски склоп со чија помош напонот од акумулаторот од 12V, т.е., DC-напонот од автомобилот од 14,4V да го конвертираме (претвориме) во симетричен DC напон од околу ±35V (±38V). Сето ова ќе го овозможиме со DC/DC конверторот за 12V/±35V.
Овој проект за конвертор има долга и интересна историја – првата негова верзија е дело на авторот Ireneusz Powirski, чиј проект е објавен во полското списание Elektronika dla Wszystkich (Електроника за сите) во бројот 9/2004 година. Одредени измени во таа шема и конструкција, а и потполно нова плочка конструира турскиот електроничар со прекар Gevv од блог-страницата 320volt.com. Господинот Драган Илиќ со прекар [eDo] го направи истиот проект, но воочи некои проблеми кои успешно ги реши и својата изработка, заедно со многу други корисни информации, ги објави на босанскиот форум www.elektronika.ba. Вистински интернационален тим од посветени електроничари! Поттикнат од нивната работа одлучив да го прифатам предизвикот – да го изработам овој конвертор и при тоа (преку теорија и пракса) да навлезам во уште една област од електрониката. Резултатите се пред вас.
Основна идеја
Како што е познато од електротехниката, еднонасочниот (DC) напон не може да се трансформира во повисок напон. Исто така, е познато дека наизменичниот, или променливо-импулсен напон, може да се трансформира поради причината што во феритно јадро создава променлив магнетен флукс. Значи, од сето ова можеме да заклучиме дека DC-напонот од акумулаторот од автомобилот треба, на некој начин, да го претвориме во импулсен (променлив). До решение можеме да дојдеме ако ја погледнеме електричната шема. Од неа ќе забележиме дека на крајните изводи од примарната намотка (Pr) од трансформаторот TR1 е приклучено прекинувачко електронско коло (Sw circuit), а средниот извод од примарната намотка е приклучен на напонот од акумулаторот од автомобилот. Така, на овој едноставен начин е овозможено создавањето на променлив магнетен флукс во јадрото на трансформаторот TR1. Вака оформеното магнетно поле овозможува во секундарната намотка (Sec) од трансформаторот да се индуцира соодветен AC-напон пропорционален на преносниот однос меѓу примарната и секундарната намотка (pr/sec). На овој едноставен начин ја опишавме основната идеја на трансформирање на DC-напонот од акумулаторот од 12V, на повисок симетричен (двоен) DC напон. Таа идеја е применета во DC/DC конверторот за 12V/±35V кој во понатамошниот текст од овој проект ќе биде детално опишан.
Да резимираме, овој електронски склоп е многу интересен како за електроничари кои се занимаваат со теорија така и за електроничари кои се насочени повеќе кон практиката. Значи, и едните и другите ќе се соочат со нови или со надградба на веќе познатите сознанија од оваа област од електрониката.
Сабвуферскиот засилувач покрај наведената намена одделно може да најде примена во домашен стерео или сараунд систем со изработка или со употреба на соодветно симетрично DC напојување од градската мрежа. Исто така и DC/DC конверторот може да најде друга намена, како на пр., со употреба на појако трафо (TR1) овој конвертор би можел да напојува и стереозасилувач од 2x100W. За конструкцијата и изработката на помоќното високофреквентното трафо, како што напоменав, ќе биде даден напис во некој од наредните броеви на ЕМИТЕР.
На крај, сакаме да искажеме голема благодарност до полскиот автор Ireneusz Powirski и до редакцијата на полското списание Elektronika dla Wszystkich за даденото одобрение за користење на нивниот проект, како и до турскиот електроничар Gevv и господинот Драган Илиќ за нивните драгоцени искуства и совети во врска со овој проект.
Влезен напон: 12 V dc (10 – 15 Vdc)
Излезен напон: ±35 Vdc (±28 – ±37,2 Vdc)
Максимална излезна моќност: 71,2 W
ИК: TL494 (KA7500);
Транзистори: IRFZ44N (BUZ12);
Импулсен трансформатор од ATX напојување
Ова е само дел од статијата која во целост е објавена во Емитер 2/2012. Нарачајте го овој број за да ја прочитате целата статија, а ако веќе го имате купено електронското издание најавете се за да го прочитате.