Емитер 7-8/2011.
Нарачајте го овој број или најавете се за да ја прочитате целата статија.
Серија нови археолошки откритија ја рушат претставата за тоа како изгледало каменото време. Во источна Турција е пронајден мегалитски комплекс кој со својата старост и начин на обработка ги руши постојните претстави за човекот од каменото време. Во Црно Море, Балтичко Море и Индискиот Океан се пронајдени населби од камено време на длабочина од 30 до 70 метри. Дали ова археолошко откритие треба да ни послужи како опомена за тоа што не чека?
Повозрасните читатели кои пред 25-30 години беа љубители на стриповите сигурно се сеќаваат на серијалот Тунга (се објавуваше во Стрипотека) каде беа опишани авантурите на главниот јунак од камено време – Тунга. Овој лик живееше во пештери, се облекуваше со кожа и постојано се бореше со ѕверови или со други племиња. Овој лик горе-долу одговара на нашата претстава за луѓето од каменото време, поточно за периодите палеолит и мезолит. Да појасниме. Каменото време го опфаќа периодот од кога човековите предци започнале да употребуваат камени алатки, па сѐ до пронаоѓањето на металите.
Кога зборуваме за луѓето од мезолитот, си правиме претстава за луѓе чиј цел живот поминува во лов (за мажите) и собирање на диви плодови (за децата и жените), и чиј највисок културен дострел се цртежите во пештерите. Во претставата за овие луѓе влегува и сфаќањето дека тие живееле во мали заедници – родови, неповрзани или слабо поврзани со другите родови. Поврзувањето на овие родови и нивното прераснување во орди и племиња започнува со неолитот, а особено со откривањето на металот и крајот на каменото време. Последните археолошки откритија во голема мера ја урнуваат оваа наша претстава за луѓето од каменото време, правејќи потполно нова претстава.


ТУРСКИ СТОУНХЕНЏ
Во источна Турција, во Курдските Планини, во 1994г. еден стар овчар пасејќи го своето стадо забележал дека на местото каде што вообичаено пладнува (ја одмора стоката) водата од дождовите испрала слој од песокта и се појавиле чудни големи правоаголни камења. Овчарот ги известил властите во најблискиот град за тоа што пронашол, мислејќи дека можеби овие камења се важни. И бил во право. Овие камења се еден од најголемите археолошки откритија во последните 50 години. Со помош на Германскиот археолошки институт во Истамбул, археологот Клаус Шмит (Klaus Schmidt) извршил опсежни ископувања на локалитетот и ископал мегалитска градба налик на онаа во Стоунхенџ. Но, овде завршува секоја споредба. Овие камења се со правилна форма во облик на буквата Т во исправена состојба. Тие не се груби камења како кај Стоунхенџ, туку се фино обработени и украсени со изрезбарени фигури од животни како лавови, ракови, змии, диви свињи, патки и сл..
Откритието во Гобекли Тепе со својата старост ги остави археолозите вџашени. Радиокарбонската анализа покажа дека староста на овој објект е најмалку 12 000 години, што значи дека е изграден најдоцна во 10 000 г.пр.н.е.. За споредба, Стоунхенџ е изграден 3000 г.пр.н.е., Големата пирамида во Гиза во 2500 г.пр.н.е.. Според анализа на површината, обработката на овие Т-мегалити е направена со камено орудие, т.е. со кремени длета. Непоимливо е дека ловци–собирачи од мезолитот или во најдобар случај рани земјоделци од неолитот, можеле да направат вакво нешто големо, и до таа мера обработено. Да се разбереме, за правење на ваква градба од камен при што се употребуваат само чекани и длета направени од кремен, потребни се голем труд, голема вештина и, пред сè, добра организација на поголем број луѓе. Значи, луѓето од каменото време биле вешти каменорезци и биле во состојба да се организираат за толкав голем градежен потфат како мегалитите во Гобекли Тепе. Овој објект е единствен од таков тип во светот.
Ова е само дел од статијата која во целост е објавена во Емитер 7-8/2011. Нарачајте го овој број за да ја прочитате целата статија, а ако веќе го имате купено електронското издание најавете се за да го прочитате.