Рубрика: Уводник
Емитер е скапо списание?
Автор: Слободан Таневски
Ова е само дел од статијата која во целост е објавена во

Емитер 6/1997.

Нарачајте го овој број или најавете се за да ја прочитате целата статија.


Едно од најчестите оправдувања од оние што би требало да го купуваат и читаат ЕМИТЕР (електроничари - ученици, студенти, хобисти и професионалци), а сепак тоа не го прават, е дека цената на ЕМИТЕР е многу висока. Притоа како аргумент се прави споредба помеѓу ЕМИТЕР и некои други списанија (најчесто списанија за разонода, енигматика и слично).

Се разбира дека сум свесен за финансиската состојба на нашите граѓани и потенцијални читатели, (затоа и даваме големи попусти и гратис примероци при претплата на ученици), но сепак не можам да се сложам со тоа дека цената на ЕМИТЕР е висока. Ќе наведам само неколку причини за тоа:
ЕМИТЕР не може да се споредува со разни списанија за забава и при тоа да се гледа само цената, бројот на страниците и бројот на колорите, а не и содржината. Содржината на ЕМИТЕР не нуди само разонода (иако има и таква функција) туку пред се знаења од разни области на електрониката кои можат да се искористат во унапредување на своето хоби, но и во професионални цели. Впрочем општо познато е дека знаењето е највредна работа. Од друга страна и самата подготовка на написи за некое списание - таблоид и за стручно списание (какво што е ЕМИТЕР) е неспоредлива. Во првиот случај тоа може да го направи скоро секој што завршил средно училиште и тоа со многу мал труд, додека пак за написите во ЕМИТЕР потребна е неспоредливо поголема стручност, труд и време. Исто така познато е дека ваков вид списание не може да има голем тираж, што повторно придонесува за повисока цена. Кога ќе се земе во предвид понуденото знаење (кое читателот може и профитабилно да го искористи), подолготрајната подготовка на написите од страна на стручни лица (кои несебично го нудат своето знаење стекнувано со години) како и малиот тираж на списанието, јасно е зошто ЕМИТЕР има повисока цена од “М-експрес” и “Котелец”.
Баш поради истите причини и во странство ваквите списанија имаат 2-5 пати повисока цена од другите списанија (а имаат 2-5 пати помалку страниици од нив), иако во споредба со ЕМИТЕР имаат многу поголем тираж и поголема поддршка од спонзори. За пример би ги посочил западноевропските списанија (Elektor, Practical Electronics, ELV...) чија цена е меѓу 8 и 15DM. Дури и списанијата за електроника од СРЈугославија, кои по обем и квалитет се слични на ЕМИТЕР, во Скопје се продаваат по цена од 150, 170 па и 270 денари.
Според претходно изнесеното јасно е дека сегашната продажна цена на ЕМИТЕР е всушност многу пониска од неговата реална цена. Затоа на оние “електроничари” кои го застапуваат тврдењето од насловот на овој уводник, би им го поставил следното прашање за размислување: “Што е поскапо - дали стекнатите знаења од ЕМИТЕР за 100 денари или половина час со списание за разонода (или две пива во кафана, или 2-3 кутии цигари, или едно потстрижување ....)?”
И на крај, ако веќе дискутираме дали е ЕМИТЕР скапо списание, мојот одговор е : Да, ЕМИТЕР е скапо списание, меѓутоа за нас кои го правиме - во него вложуваме огромен труд, време и пари, а од него добиваме главно само морална сатисфакција дека сме направиле нешто вредно (за оние што знаат да ја ценат таа вредност).

Главен уредник:
Слободан Таневски

P.S.: Овој уводник е наменет за оние “електроничари” што не го купуваат (а најчесто и не го читаат) ЕМИТЕР. Вас, драги читатели ве молиме кога ќе имате прилика да им ја пренесете неговата содржина.

Ова е само дел од статијата која во целост е објавена во Емитер 6/1997. Нарачајте го овој број за да ја прочитате целата статија, а ако веќе го имате купено електронското издание најавете се за да го прочитате.