Рубрика: Уводник
ЕМИТЕР во 1998 г.
Автор: Слободан Таневски
Ова е само дел од статијата која во целост е објавена во

Емитер 1/1998.

Нарачајте го овој број или најавете се за да ја прочитате целата статија.


Со овој број ЕМИТЕР влегува во својата четврта календарска година што навистина е редок успех во македонското издаваштво дотолку повеќе што станува збор за стручно списание кое е многу посложено за подготовка, а од друга страна неминовно има мал тираж и мал број на спонзори. И покрај сите потешкотии и финансиската неизвесност сепак имаме многу планови за оваа 1998 година. Како што забележувате во овој број започнуваме со неколку серии на написи кои се надевам дека ќе го задржат вашето внимание.

Според плановите најдолга серија написи ќе биде нашиот "Почетен курс по практична електроника" преку кој во 11 продолженија ќе се обидеме да ги воведеме во светот на електрониката сите оние кои се интересираат за тоа, а немале прилика каде и како да ги стекнат основните знаења. Се разбира дека во рамките на овој курс или напоредно со него ќе има и соодветни проекти за самоградба наменети за електроничарите-почетници.
Помала серија по обем, но сигурно многу интересна за сите заљубеници во аудио техниката ќе биде серијата написи за бас рефлекс звучните кутии каде освен основните теоретски поставки ќе можете да најдете и многу практични совети и примери за самоградба на ваков вид звучни кутии. За љубителите на аудио техниката можеме да ги најавиме и тестовите на Hi-Fi уредите што во иднина, освен слушно тестирање на слепо, ќе содржат и многу мерења благодарение на новата професионална мерна опрема на нашиот соработник Владимир Филевски.
Компјутерот денес е неизбежна алатка за секој посериозен електроничар, па затоа подготвивме серија написи и за кај нас најкористениот софтвер за дизајн на електронски кола - Protel for Windows.
За оние читатели кои имаат поголеми знаења и желба да ја совладаат најактуелната технологија во електрониката - микроконтролерите, нашиот нов соработник Ивица Ѓорѓиев подготви серија написи за микроконтролерот MC68HC11F1 со пример проект за негова примена.
Ова, се разбира, е само дел од она што ќе содржи ЕМИТЕР во 1998 година. Се надевам дека по една година заеднички ќе констатираме задоволство од она што ќе го оствариме.

Главен уредник,
Слободан Таневски

Ова е само дел од статијата која во целост е објавена во Емитер 1/1998. Нарачајте го овој број за да ја прочитате целата статија, а ако веќе го имате купено електронското издание најавете се за да го прочитате.