Рубрика: Уводник
Брошури во издание на EМИТЕР
Автор: Слободан Таневски
Ова е само дел од статијата која во целост е објавена во

Емитер 11/1999.

Нарачајте го овој број или најавете се за да ја прочитате целата статија.


По неколкумесечни најавувања конечно од печат излезе нашата прва брошура, која како специјален додаток на овој број на ЕМИТЕР стигнува и до вас. Како што веќе забележавте станува збор за брошурата "Операциски засилувачи" од нашиот соработник Горан Џамбазов, која е прва од серијата брошури под заедничко име "ЕМИТЕР Каталог на електронски елементи".

Идејата за оваа серија мини каталози потекна од сознанието дека многумина електроничари имаат проблеми со идентификација, употреба и замена на електронските елементи. Ваквите проблеми успешно се решаваат со набавка и употреба на соодветни каталози за електронските компоненти. Најдобри каталози се оригиналните каталози на производителите на електронски елементи - во нив за секој елемент има по неколку страници исполнети со разни податоци, цртежи, табели и графици. Меѓутоа, ваквите каталози се тешко достапни кај нас, од една страна, а од друга страна за повеќето електроничари се неразбирливи бидејќи за нивно користење се потребни големи познавања од електрониката. Со оглед на тоа што во пракса, при изработка и сервисирање на електронски уреди, доволно е да се познаваат само најважните карактеристики на електронските елементи повеќето електроничари користат скратени каталози издадени од некоја издавачка куќа или здружение на електроничари. Меѓутоа и овие каталози кај нас се тешко достапни, а и нивната цена е далеку од ниска. Исто така недостаток на повеќето од нив е што имаат многу кратко или воопшто немаат објаснување за прикажаните технички карактеристики што ги прави неразбирливи за помалку упатените електроничари.
Имајќи го во предвид сето ова одлучивме ЕМИТЕР да објави цела серија на мини каталози под заедничко име "ЕМИТЕР Каталог на електронски елементи". Секоја брошура од оваа серија ќе биде посветена на една група елементи, но за разлика од другите каталози освен табели со технички карактеристики, иглед на куќиштата и распоред на изводите, ќе содржи и поопширен теоретски дел во кој ќе бие дадена основната теорија за таа група елементи, дефиниции и објаснувања за нивните технички параметри, како и типични шеми за нивна примена. Брошурата "Операциски засилувачи" е најдобар пример за тоа како ќе изгледаат останатите брошури од едицијата "ЕМИТЕР Каталог на електронски елементи". Во рамките на оваа едиција планираме да објавиме брошури за биполарни транзистори, FET-ови, интегрирани НФ засилувачи, TTL логички кола, CMOS логички кола, PIC-ови, микроконтролери, ИК за ТВ и радио, оптоелектронски компоненти, сензори и други електронски елементи.
Освен брошури - мини каталози планираме да објавуваме и брошури на други теми од сите области на електрониката. Веќе се договорени и се наоѓаат во подготовка и следните брошури: "Радиотехника за почетници", "Батерии, нивно полнење и употреба", "Микрофони и нивна примена", "Просторна аудио репродукција", како и серија брошури за компјутерската техника во форма на кратки прирачници - "PC хардвер", "Windows", "Word", "CorelDRAW", "Electronics Workbench", "Protel" и други.
Сите брошури ќе бидат со обем од околу 50-тина страници со формат A5 и ќе чинат околу 80 денари (2,5DM). Во месецот кога брошурата ќе излезе од печат таа ќе се продава заедно со тековниот број на ЕМИТЕР како негов специјален додаток. Таквиот пакет (ЕМИТЕР + брошура) во тој месец ќе се продава со попуст по цена од 150 денари, а потоа брошурата и списанието ќе се продаваат одделно по своите вообичаени цени.
Ете, тоа се нашите планови во врска со брошурите. Нè интересираат вашите размислувања во врска со ова па затоа ги очекуваме вашите писма и e-mail пораки. Не заборавајте да спомнете и кои броеви на ЕМИТЕР ви недостасуваат бидејќи 50 читатели кои ќе учествуваат во оваа анкета ќе добијат за подарок по еден примерок од списанието.

Главен уредник,
Слободан Таневски

Ова е само дел од статијата која во целост е објавена во Емитер 11/1999. Нарачајте го овој број за да ја прочитате целата статија, а ако веќе го имате купено електронското издание најавете се за да го прочитате.

Статии со слична содржина