Емитер 1/2000.
Нарачајте го овој број или најавете се за да ја прочитате целата статија.
Еве нè на почетокот на 2000-тата година. За повеќето луѓе прва година од третиот милениум, иако, барем според математичките правила, таа сè уште припаѓа на вториот. Како и да е, оваа година го означува преминот помеѓу дваесетиот и дваесет и првиот век, помеѓу вториот и третиот милениум, па затоа нашите желби и очекувања се многу поголеми од вообичаено. Да не ги повторувам сегде присутните дискусии по повод почетокот на новиот милениум, само ќе посакам здравје, среќа и благосостојба за сите.
Почетокот на секоја нова година е вообичаен термин за сведување на резултатите од претходната и најавување на плановите за новата година.
Прво да се потсетиме што постигнавме во 1999 година. ЕМИТЕР ги имаше своите вообичаени 11 изданија на вкупно 636 страници од кои повеќе од 450 исполнети со најразлични содржини од сите области на електрониката, распоредени во вкупно 169 написи, не сметајќи ги кратките информации, писмата, исправките и дополнувањата. Конструкторите можат да бидат посебно задоволни бидејќи во 1999 г. објавивме повеќе од 80 електронски конструкции (36 проекти и повеќе од 45 апликации со вкупно 68 решенија за ППК) за самоградба на разни електронски кола и уреди, од наједноставни како што е на пр. "Детектор на лага", до најсложени, како што се на пример проектите "Примопредавател за 2m" и "250W V-MOSFET засилувач". Сите заедно можеме да бидеме особено задоволни што имавме малку написи во рубриката "Исправки" - во 1999 г. регистриравме само 14 позначајни грешки во објавените написи. Од нив само 5 - 6 беа од таква природа што би предизвикала нефункционирање на прикажаната конструкција, но и тие навреме беа "покриени" со објавена исправка. Со волку мал процент на грешки не можат да се пофалат и некои реномирани списанија за електроника од западноевропските држави. Во 1999 г. успеавме да го подигнеме и да го одржиме на завидно ниво квалитетот на написите, а истовремено да обезбедиме написи од многу различни области на електрониката. На ова поле ни претстои уште работа бидејќи некои области сè уште не се застапени онолку колку што диктира нивното денешно значење и интересот на читателите. Обемот на списанието не успеавме да го зголемиме, но тоа индиректно го направивме со објавување на посебни изданија: книгата "Обработка на аудиосигналот" од Миле Серафимовски и брошурата "Операциски засилувачи" од Горан Џамбазов.
По овој краток преглед на постигнатото во претходната година еве накратко што планираме за 2000-тата година:
- зголемување на обемот на списанието за уште неколку страници,
- воведување на неколку колор страници,
- одржување и зголемување на квалитетот на објавените написи,
- поголема застапеност на областите кои досега не биле доволно застапени (видео техника, компјутерска техника, индустриска електроника...),
- поголема застапеност на проекти и апликации со микропроцесори и микроконтролери,
- неколку проекти и апликации за хардверски додатоци за компјутер,
- издавање на 2-3 нови книги и 4-5 брошури,
- изработка на web страница на ЕМИТЕР и
- формирање на клуб на читателите на ЕМИТЕР.
Планираното ќе успееме и да го реализираме само ако ја имаме и вашата поддршка, драги читатели. Верувам дека таа и овој пат нема да изостане.
Со најубави жлеби за новата 2000-та година,
срдечно ваш,
Слободан Таневски
Ова е само дел од статијата која во целост е објавена во Емитер 1/2000. Нарачајте го овој број за да ја прочитате целата статија, а ако веќе го имате купено електронското издание најавете се за да го прочитате.