Емитер 7-8/2010.
Нарачајте го овој број или најавете се за да ја прочитате целата статија.
Моќност изразена со некоја нула повеќе, потенцирање на неразбирливи параметри дури и за стручната јавност, глорифицирање сосема ирелевантни показатели или прикривање на недостатоците под дебела коприна на незнаење, тоа се познати маркетиншки трикови на потрошувачкото друштво кога се работи за производи од аудиотехниката. Како да се одбраниме од нив?
Навистина, кога гледам како луѓето се вешто изманипулирани од една немилосрдна маркетиншка машинерија, и тоа за работи кои се врзани со природни науки каде сè е мерливо и пресметливо, тогаш што останува за оние помалку прецизни и немерливи појави? Но, тие не се виновни, тие само си ја вршат работата, и тоа многу добро! Едноставно и ефикасно, додавање на една нула во графата за моќност може да донесе една нула повеќе во одделот за приходи!
Од своја страна, борбата за нови пазари и повеќе муштерии станува сè побескрупулозна во последните 20 - 30 години, така што не само што петпарашките фирми и фирмите со сомнително порекло се вмешани во неа, туку и најеминентните фирми се принудени да се приспособат на оваа "нечиста игра". Трката по бројки оди доттаму што се измислуваат цели редоследи на процедури за да се аргументира неточното, односно да се глорифицира непостоечкото.
Еден очит пример за ваква "нездрава" психоза е појавата на таканаречената P.M.P.O а не P. M. P. O. или PMPO, како што, всушност, и би требало да се пишува кратенката за Peak Music Power Output (врвна музичка излезна моќност). Пишувајќи го P.M.P.O, авторите не се сложиле ни за граматиката, а да не зборуваме за неговото значење, како и за методологијата на мерење на овој тип на моќност. Декларирањето на моќноста по некоја за науката непризнаена норма каква што е P.M.P.O априори повлекува ненаучен пристап. Но кому му е грижа за тоа! P.M.P.O дава многу нули, и следствено многу парички во кесето! Често овие вредности се толку предимензионирани што ниту во сон ниту под дејство на силни опијати, уредот не би можел да ја даде таа моќност без претходно да се распадне на субатомски честички.
Но, во претерувањето се отиде дотаму што дури и оние кои не се разбираат многу од работите почнаа да не веруваат во сите овие нули. И, што се случи потоа? Приказната со P.M.P.O стивна, па нашите засилувачи почнаа да имаат релативно мала моќност, но затоа истите имаат неверојатно добри но неразбирливи параметри! И прелажувањето продолжува!
Како да се одбраниме од сето ова? Би требало со знаење, и со правна регулатива. Иако има закони и државите имаат обврска да го заштитат потрошувачот, тие не ја извршуваат квалитетно оваа задача ни таму каде што производите се директно опасни по здравјето на граѓаните, а да не зборуваме за периферни параметри кои влијаат врз квалитетот на одреден електронски уред. Така, јас навистина не сум слушнал дека некоја држава има казнето некој производител на аудиозасилувачи ако истиот декларира дека неговиот призвод има 2, 5 или 50 пати поголема моќност од вистинската. Дотолку повеќе, имам впечаток дека на разните администрации воопшто не им е гајле дали некој е измамен сè додека некој не го изгуби животот поради погрешно упатство за употреба или погрешно декларирани параметри во спецификациите. Тоа повлекува дека единствено ни останува да се вооружиме со знаење, и само така да се одбраниме од овие измами, а тоа е и целта на овој минисеријал.
Ова е само дел од статијата која во целост е објавена во Емитер 7-8/2010. Нарачајте го овој број за да ја прочитате целата статија, а ако веќе го имате купено електронското издание најавете се за да го прочитате.