Емитер 10/2006.
Нарачајте го овој број или најавете се за да ја прочитате целата статија.
Фиат 600, Застава 750, или, кратко и јасно – Фиќо. Автомобил за кој не постои човек од просторите на највозбудливата поранешната држава на Балканот што не слушнал за него. Тој, несомнено, даде огромен придонес при модернизирањето и трансформирањето на повоена Италија, а популарниот Фиќо одигра суштествена улога и во моторизирањето на луѓето од нашите простори. Неговата кариера започна пред 51 година, со промоцијата на салонот за автомобили во Женева и засекогаш останува еден од најпопуларните и најуспешните мали автомобили.
Фактички, Фиат 600 е продолжување на идејата за италијански народен автомобил кој треба масовно да ја моторизира нацијата по завршувањето на Втората светска војна. Продолжување, затоа што Данте Џакоза, ненадминатиот и исклучително успешен и плоден конструктор и дизајнер на Фиат, уште пред Војната го дизајнираше малиот компактен автомобил со ознака Фиат 500, а во светот многу попознат како Тополино. Овој автомобил бил прикажан во 1936 година и се прозведувал десетина години и по Војната кога и се јавува потреба од негов наследник кој треба да биде исто така мал, евтин и комфорен за превоз на четири патници. Инаку, Данте Џакоза е заслужен и за цела низа исто така многу популарни и успешни модели на Фиат од 60-тите и 70-тите години од минатиот век и кои на италијанската марка ѝ донесуваат голема популарност. Тоа се добро познатите модели кои ги носат бројчаните ознаки 124, 125, 127, 128, 130, и кои и ден-денес, во своите изворни или благо модифицирани и лиценцно произведени изданија, сѐ уште се тркалаат и по нашите патишта.

Изведбата со платнен покрив е една од најатрактивните верзии на Фиат 600.
Од повеќето верзии направени врз основа на Фиат 600 треба да се издвои мошне иновативниот модел наречен Мултипла кој може да се смета за еден од пионерите на моноволуменски возила, сегмент кој во денешно време е многу популарен и профитабилен за производителите. Тој се појавил во 1956 година и имал четири врати кои при отворањето се залепувале една до друга, а во внатрешноста располагал со три реда седишта, место за шест патници и напредни конструкторски решенија за уредувањето на внатрешниот простор. Средниот ред седишта можел да се склопи и со тоа се ослободувал голем товарен простор. Освен во Италија, Мултипла се произведувала и во Австрија, во погоните на Штаер-Пух.

“Девојки во потрага по авантура” - вака би можел да гласи рекламниот текст како дел од промотивниот материјал на Застава 750 при крајот на неговото производство од погоните на Црвена Застава од Крагуевац.
За Фиат 600 слободно може да се каже дека е и светски автомобил. Се произведувал и во Шпанија, Аргентина и во Југославија, држави кои дале голем придонес кон зголемување на бројот на вкупно произведени единици. Во Шпанија производството започнало во 1957 година и тоа под името Сеат 600. Подоцна, кога започнало вградувањето на помоќниот мотор, моделот бил нарекуван Сеат 770, а производството во погоните на Сеат, долгогодишниот партнер на Фиат во Шпанија, траело и четири години по престанувањето на производството на Фиат 600 во Италија. Вкупната бројка на произведени единици во Шпанија достигнала речиси 800 илјади, а меѓу нив и специфичната и кај нас малку позната верзија со четири врати. Аргентинците со производството на Фиат 600 започнале во 1960 година, а до 1982 година, кога и завршила продукцијата, биле произведени околу 300 илјади примероци.
Најголемо учество во вкупната бројка на произведени автомобили имале погоните на фабриката Застава во Крагуевац, каде во 1953 година е донесена одлука да се започне со производство на автомобили. Следната година е распишан конкурс за наоѓање стратешки партнер, па така во 1954 година е потпишан договорот со Фиат. Првиот примерок на Фиат 600 од погоните на Застава излегол во октомври 1955 година.

Застава 750 и нејзините верзии е најзастапената верзија на Фиќо кај нас. На сликата е моделот 750Л со луксузни обрачи на раткапните.
Фиќо во Југославија се произведуваше сѐ до 1986 година кога од погоните на Застава излезе последната Застава 850, воедно и најмоќната верзија на домашниот модел со 32 КС и максимални 125 km/h. Од вкупно 4,5 милиони произведени примероци на Фиат 600, во Крагуевац се произведени точно 923 487 Фиќовци. Популарноста на Фиќото е документирана и на филмското платно како главен јунак во култниот филм “Национална класа”.

И покрај тоа што бил мета на многу вицови, факт е дека Фиќото во многу случаи било главно и единствено превозно средство за различни дестинации и разни потреби, било да се работи за летен одмор или зимско рекреирање во планина.
Ова е само дел од статијата која во целост е објавена во Емитер 10/2006. Нарачајте го овој број за да ја прочитате целата статија, а ако веќе го имате купено електронското издание најавете се за да го прочитате.