Рубрика: Аудио и видеотехника
Најдоброто радивце на светот Tivoli Audio Model One
Автор: Владимир Филевски
Ова е само дел од статијата која во целост е објавена во

Емитер 7-8/2008.

Нарачајте го овој број или најавете се за да ја прочитате целата статија.


Веројатно имате тјунер или рисивер во вашиот хи-фи систем во дневната соба, па во секое време можете да си слушате радио... освен во времето кога вашата сопруга во истата соба гледа на ТВ бескрајни шпански серии. Значи, нема никакви шанси да си слушате радио, па ќе треба да се преселите во друга соба. Нема проблем, си велите, купувате од пазар еден кинески "транзистор" за 150 денари (со име "Philibs", "Sany" или "Panasoanic") и - завршена работа! Да, но "транзисторот" од пазар има многу лош звук, а кога ќе се оддалечите од него фреквенцијата се поместува и станицата се губи... Е па, тогаш едно мини хи-фи системче сигурно ќе биде поквалитетно. Да, но колку и да е мало, тоа системче се состои од две звучни кутии, трета кутија со електроника и многу жици, а тјунерот и не е баш нешто... Па добро, има ли некое мало, компактно радивце со добар звук и квалитетен тјунер? Има, има! Ви го претставуваме Tivoli Audio Model One.

Легендарниот конструктор на аудиоуреди Хенри Клоуз (Henry Kloss, 1929-2002) можеби не ви е познат, но затоа сигурно сте слушнале за американската фирма за звучници AR. Неа во 1954 година ја основале Едгар Вилчр и Хенри Клоуз, а резултат на нивната заедничка работа бил AR-1, прва во светот компресиона звучна кутија. Во 1957 година Клоуз ја напушта AR и заедно со Лоу и Хофман ја оформува фирмата KLH (Kloss, Low, Hofmann), која постарите аудиофили и денес со воздишки си ја припомнуваат. Покрај повеќе модели звучници (кој од кој подобар!) Клоуз во 1960 година го конструирал и KLH Model Eleven - првиот на свет hi-fi грамофон со интегриран транзисториски засилувач. Еден од многубројните одлични производи на Клоуз било едно моно FM-радио (со ламби, се разбира) од 1960 година, наречено KLH Model Eight.

KLH Model Twenty One 

Електрониката (7 ламби) била сместена во една мала (28x15x15 cm) дрвена кутија, а звучникот (т.е. два звучника од по 4 инчи) во друга иста таква кутија (компресиона звучна кутија, се разбира!). KLH Model Eight се продавал за цена од 160 долари (многу пари во тоа време!), но неговите перформанси биле подобри од сите други постоечки радија, со исклучок на најдобрите модели на Telefunken или Grundig - кои чинеле повеќе од 250 долари. Многумина денес го сметаат KLH Model Eight за прв на светот mini hi-fi.

Во 1965 година Клоуз го претставил моно FM-радиото со транзисторски засилувач KLH Model Twenty One, сместено во само една кутија. Биле продадени над 100000 радија KLH Model Twenty One - што е доволен доказ за квалитетот на ова мало радио. Во 1967 година Клоуз ја напушта KLH и ја формира фирмата Advent, а првиот негов производ за оваа фирма е одличниот звучник The Advent Loudspeaker. Во 1968 година го конструира Advent Model 44 - првиот на свет магнетофон со Dolby B систем за редукција на шумот. Во 1971 година повторно е прв во светот со касетофон со хром-диоксид касети и Dolby B систем за редукција на шумот - Advent Model 201. Следи во 1972 година првиот во светот видеопроекторски систем за домашна употреба, за што Клоуз ја доби наградата Еми. Во 1988 година Клоуз ја формира компанијата Cambridge Soundworks, која успешно продолжува да работи и после неговото заминување во пензија во 1996 година. Од пензија го извади неговиот соработник Том де Весто, кој едноставно го натера да направи едно мало, квалитетно радивце, налик на старите KLH Model Twenty One или Cambridge Soundworks Model 88. Резултатот на трудот на легендата Хенри Клоуз е најдоброто радивце на светот - Tivoli Audio Model One.

Tivoli Audio Model One

Клучни зборови:
KLH Model Twenty One

KLH Model Twenty One 

Ова е само дел од статијата која во целост е објавена во Емитер 7-8/2008. Нарачајте го овој број за да ја прочитате целата статија, а ако веќе го имате купено електронското издание најавете се за да го прочитате.