Емитер 5/2009.
Нарачајте го овој број или најавете се за да ја прочитате целата статија.
Понекогаш се јавува потреба од испитување на исправноста на трифазен индукциски електромотор без тој да се приклучи на мрежа. Универзалниот инструмент, наместен како омметар, може да помогне да се утврдат основните дефекти, но тоа сè уште не е гаранција дека моторот е исправен. Со мала инвестиција може да го изработите овој уред, со помош на кој може со голема веројатност да ја утврдите исправноста на овој тип на мотори без приклучување на електрична мрежа.
Основна карактеристика на индукциските електромотори е нивната едноставност. Оваа едноставност се должи на непостоењето на колектор и механички контакт помеѓу роторот и статорот. Поради тоа, одржувањето на овие мотори е евтино и едноставно. Практично, тоа се сведува на повремено менување на лежиштата (лагерите) на осовината на овој мотор. Од истите причини, купувањето на половни мотори од овој тип не е купување на ‘’мачка во вреќа’’, како што е тоа случајот со машините кои имаат колекторски мотори. Кај индукцискиот мотор единствен дефект кој не може да се забележи со голо око е изгорена намотка. Со премотување на статорот на индукцискиот мотор и промена на лежиштата, моторот може да се доведе во состојба на речиси нов мотор. За разлика од индукциските мотори, колекторските мотори практично не може да се реставрираат во просечна електромеханичарска работилница. Ова од едноставна причина што кај овие мотори најчесто страда роторот. Вешт мајстор може и да го премота роторот, но не може да го избалансира ако не поседува наменска опрема за оваа работа, које е скапа. Неизбалансираниот ротор понатаму бргу ќе ја уништи машината на која и припаѓа роторот. Но, да се задржиме на индукциските мотори. Со оглед на денешната цена на бакарот и трендот на пораст на истата, купувањето на половен мотор со изгорена намотка станува неисплатливо. Значи, при купувањето на половен трифазен индукциски мотор најбитно е да се утврди исправноста на намотките на моторот. Ова наједноставно ќе го провериме ако моторот преку соодветен приклучок го поврземе на трифазен мрежен напон и ја набљудуваме неговата работа и температура. Но, согласно со Марфиевите закони, половните електромотори секојпат се наоѓаат по некои гаражи, подруми или шупи каде што најчесто нема трифазен приклучок. Некои мотори имаат и оштетен приклучок или, пак, ''зарибани'' лежишта, па така не може да се приклучат на мрежата за да се провери нивната исправност. Половни трифазни електромотори може да се пронајдат и на пазарите за стари работи, популарните ''бувљаци'', а таму сигурно нема мрежни приклучоци. Дури во некои случаи е и пожелно при купување на вакви електромотори да нема мрежен приклучок за проверка. Во тој случај и сопственикот на електромоторот не е сигурен во неговата исправност, па оди со пониска цена за непроверен мотор поради намален ризик од непријатни ситуации :).
Ова е само дел од статијата која во целост е објавена во Емитер 5/2009. Нарачајте го овој број за да ја прочитате целата статија, а ако веќе го имате купено електронското издание најавете се за да го прочитате.