Емитер 205 - 11/2022.
Нарачајте го овој број или најавете се за да ја прочитате целата статија.
Со жалење ја пренесуваме веста дека во август оваа година почина нашиот долгодишен соработник Петар Лагудин, автор на бројни научно-популарни статии објавени во списанието и на веб порталот ЕМИТЕР
Петар Лагудин е роден на 25 март 1937 година во Скопје. На двегодишна возраст починува мајка му Љубица, а 11 години подоцна и татко му Михајло, па него и двајцата браќа ги исчувува тетка им и бабата. Основно училиште и гимназија завршил во Скопје и со гордост истакнуваше дека бил во првата генерација првачиња кои го започнале своето школување на македонски јазик. По средното училиште се запишува на Електротехничкиот факултет во Загреб и по дипломирањето ја започнува професионалната кариера во тогашното ПТТ, во Секторот за инвестиции и развој на радио релејни телефонски врски.
Љубовта кон аудио техниката и пасијата кон слушањето музика со висока верност на репродукцијата го носат во 1974 година во редовите на Студиската техника на Радио Скопје. Како раководител на Одделението за развој, беше одговорен во изборот, набавката и монтажата на врвната техника за музичките и продукциските студија, а подоцна и во изборот и монтажата на техниката за Одделението за касетна продукција. Тој беше еден од најзаслужните што тонските студија во МРТ (тогашна Радио Телевизија Скопје), на почетокот на 1980-тите, беа едни од технички најдобро опремените студија во тогашната Југославија. Изборот за набавка на опрема од тогаш релативно новата американска компанија MCI за којшто Лагудин се избори, привлече некои легендарни југословенски музички имиња, како “Бијело дугме” и “Леб и сол”, да ги снимат таму своите нови албуми. За својата работа во опремувањето и монтажата на тонските студија во новиот РТВ дом, Петар Лагудин во 1984 година стана добитник на Златна плакета за вонредни остварувања и особен придонес во развојот на техниката во РТС.
Од обуката во САД во просториите на MCI Од лево кон десно: Љубе Георгиевски, Александар Ефнушев, Петар Лагудин, Јордан Петровски (директор на техника) и американскиот инструктор од MCI Дон Чекански
Во 1986 година, како раководител на групата за преселба на радиската техника од старите простории на Радио Скопје во Нерези, во новиот објект – Домот на радиото и телевизијата, даде огромен придонес за успешна реализација на тој сложен зафат со кој се реализирани денешните технолошки погони за подготовка и емитување на програмите на Македонското Радио со постојните режии и студија, инсталации и имплементирана техника.
Во текот на својот работен век во МРТВ, тој директно учествуваше и во реализацијата на многубројни преноси и озвучувања на голем број јавни манифестации (општествено-политички, културно-уметнички и спортски), како и во тековно одржување и монтажа на студиската техника.
Своето огромно знаење и искуство несебично го пренесуваше на генерации помлади колеги инженери и техничари. Беше прагматичен и практичен и секогаш и секаде спремен да објасни и илустрира било кој проблем или техничко решение со неговото моливче кое секогаш го имаше во џеб. Практичноста на “Моливчето на Перо” беше што секогаш и секаде и на секаква подлога тоа моливче пишуваше и се бришеше, а во џеб не правеше штета како мастилото од пенкалата. Во работниот век во МРТ и како раководител беше посебен со неговите пристапи кон работата, а своите ставови жестоко ги бранеше и ги одбрануваше.
Лагудин со неговата изведба на електронски теслин трансформатор, проект објавен во Емитер 4/2006
Перо беше човек со широки енциклопедиски знаења, а неговата љубов кон науката, потпомогната со огромниот творечки дух беше овековечена во голем број статии објавувани во списанието ЕМИТЕР во текот на последниве 20 години. Петар Лагудин се приклучи кон редакцијата на ЕМИТЕР уште од првиот број (1/2002) со новиот концепт на списанието како магазин за наука и техника. Тој е автор на преку 300 научно-популарни статии и проекти и преку 300 кратки вести, главно од астрономијата, астронаутиката, физиката, астрофизиката и електрониката, но и од повеќе други научни области како климатологија, геологија, биологија, историја и археологија...
За неговата посветеност кон работата и кон популаризацијата на науката говори и тоа што Петар, и покрај поодминатата возраст, самиот ги црташе придружните цртежи и електрични шеми за своите написи. Тој не потклекнуваше пред предизвици и самостојно научи да работи во CorelDraw, толку вешто што беше во состојба да исцрта 3Д објекти и прикази. Исто така, беше талентиран за странски јазици и без проблеми, како извори за своите статии, користеше научни списанија и портали на англиски, француски, германски, италијански и руски јазик. Речиси до последен ден ги следеше случувањата во науката и техниката, која вечно ја поттикнуваше неговата љубопитност, а најновите и најкомплицирани астрофизички појави и сознанија со невидена умешност ги објаснуваше на едноставен начин и ги пренесуваше на читателите. Беше секогаш подготовен да одговори на многубројните прашања од читателите, но и да влезе во дебата жестоко бранејќи ја науката од разните квазинанучни теории.
Редакцијата на ЕМИТЕР изгуби значаен автор, силен промотор на науката и техниката. Но неговите статии вечно ќе останат како сведок на неговото знаење и ангажман во популаризацијата на науката.
Линкови за написите од Петар Лагудин тука
Ова е само дел од статијата која во целост е објавена во Емитер 205 - 11/2022. Нарачајте го овој број за да ја прочитате целата статија, а ако веќе го имате купено електронското издание најавете се за да го прочитате.