Рубрика: Аеронаутика
Авиони со променлива геометрија на крилото (1)
Автор: Владимир Андоновиќ
Ова е само дел од статијата која во целост е објавена во

Емитер 1/2012.

Нарачајте го овој број или најавете се за да ја прочитате целата статија.


Ништо ново не е ако кажеме дека војската има најмногу заслуги за развој на авијацијата која од Втората светска војна излезе со брзини на граница на транссоничното подрачје (околу 800 km/h), со трапезно крило, со механичко-хидраулични команди на летањето, со усовршена погонска група (висински клипен мотор и елиса со променлив чекор). Набрзо настанатата студена војна пред воените стратези наметна измени во стратегијата и употребата на воздухопловството. Новите услови барале авион способен: да полетува и да слетува од многу кратки писти (оштетени, неуредени), да лета со големи брзини на мали висини, незабележано и по секакви метео услови да продира длабоко во непријателскиот воздушен простор, да нанесува удари врз целите уште во првиот атак и да развива суперсонични брзини независно од висината на летањето. Одговор на конструкторите беше креирање трета генерација авиони со променлив агол на стрела на крилото.

Зошто баш променлив агол на стрелата на крилата? До ова решение се дојде по низа експерименти и совладување на најразлични проблеми од аеродинамичка, механичка и технолошка природа. Особени потешкотии предизвикувало барањето суперсоничен авион да може да полетува од кратки полуподготвени полетно-слетни патеки (писти).
Во тоа време аеродинамиката на трисоничното крило не била уште доволно разработена, особено не применетата. Се барал компромис за аеродинамичко обликување на крилото со кое би се задоволиле спротивставените барања при полетување и слетување на авионот и при неговото суперсонично летање. Очигледно решението се криело во можноста за адаптација на геометријата на крилото на авионот на различни режими на летање: за полетување и слетување од кратки патеки потребна е аеродинамика на крило на мали брзини (голем коефициент на подемот), без (или со мал) агол на стрелата, за суперсонично летање се бара крило со што е можно помал брановен отпор, т.е. тенко крило со голем агол на стрелата. Агол на стрела на нападниот раб на крилото е агол помеѓу нападниот раб на крилото и правата нормална на рамнината на симетријата на авионот. Ова е една од главните геометриски карактеристики на крилото и има големо влијание врз аеродинамичките, конструктивните, технолошките и експлоатациските карактеристики на целиот авион.

Не располагајќи со технолошки можности за универзална адаптација на крилото во лет, конструкторите побарале компромисно решение за овие две спротивставени барања и го нашле во облик на механичка промена на аголот на стрелата на крилото во функција од маховиот број во текот на летањето. Развојот што следува (авиони од четврта и петта генерација) ќе покаже дека ова изнудено решение не било најдобро, но за тоа време, за тој степен на развој на практичната и теоретската аеродинамика и електроника и за расположливите материјали, ваквото механичко решение сепак било оптимално. Со него авијацијата се здоби со трета генерација на успешни авиони како: МиГ-23, Су-24, F-14, F-111, Tornado итн. и направи крупен чекор напред.

Решението од раните седумдесетти години било базирано врз сознанијата дека обликот на проекцијата на крилото во хоризонтална рамнина (обликот на крилото) има големо влијание врз аеродинамичките, конструктивните, технолошките и експлоатациските карактеристики на целиот авион, а истовремено може да се реализира со постоечката технологија. Како течел развојот на авионските крила со променлива геометрија и како се решавани техничко-технолошките проблеми во оваа сфера се темите на написот во продолжение.

Клучни зборови:

Ова е само дел од статијата која во целост е објавена во Емитер 1/2012. Нарачајте го овој број за да ја прочитате целата статија, а ако веќе го имате купено електронското издание најавете се за да го прочитате.