Рубрика: Уводник
Има ли Емитер иднина?
Автор: Слободан Таневски
Ова е само дел од статијата која во целост е објавена во

Емитер 5/1997.

Нарачајте го овој број или најавете се за да ја прочитате целата статија.


И овој пат навреме, во првата недела на месецот, ЕМИТЕР ги нуди своите содржини на сите оние што ги интересира електрониката. Во последните неколку месеци добивме многу пофалби за редовноста и квалитетот на списанието. Ќе издвојам неколку работи што во овој период, по мое мислење, придонесоа и придонесуваат за квалитетот на ЕМИТЕР.

Разновидноста на написите беше навистина голема. Имавме проекти за почетници (на пример “Едноставен транзисторски засилувач”), но и за вистински професионалци (“Развоен систем за MCS-51”). Имавме и интересни теоретски написи - тука посебно би ги издвоил сериите за аудио уредите, микроконтролерите и CAD програмот EAGLE.
Во овој период љубителите на hi-fi техниката имаа посебни причини за задоволство - текстовите на Владимир Филевски и Александар Илијевски дадоа одговори на многу прашања и разбија многу заблуди во врска со hi-fi уредите. Посебно задоволство ни причинува што на ова поле од минатиот број ни се приклучи и еден од најпознатите аудиофили од просторите на поранешна Југославија - Милан Рупиќ од Загреб. Постарите читатели сигурно се сеќаваат на неговите текстови од списанијата “Аудиофил”, “Тренд” и “Аудио-Видео Тренд”. Се надеваме дека ова е само почеток на една трајна соработка. Намера ни е темите од аудио (и видео) техника да бидат повеќе застапени (голем дел од читателите го бараат тоа), па затоа во следните броеви очекуваме со свои текстови да ни се приклучат и познати македонски аудиофили, пред се од нашите дистрибутери на аудио-видео опрема.
Кога на сето ова ќе се додаде и во пракса потврдената сигурност и квалитет на објавените проекти и апликации како и подобрениот графичко-технички квалитет јасно е зошто кај нашите читатели преовладува задоволството од ЕМИТЕР.
Меѓутоа иако е евидентен напредокот на списанието и во технички и во содржински поглед сепак тој напредок не е поткрепен со соодветен финансиски ефект. Напротив - списанието е во многу полоша финансиска состојба отколку пред една година. Ова се должи на неколку причини.
И по две години постоење и квалитативно напредување тиражот на списанието и понатаму е многу мал и недоволен ни за проста репродукција. Четвороцифрен тираж (2-3000 примероци), кој би бил гаранција за егзистенцијата на ЕМИТЕР, е премногу далеку од нашиот троцифрен тираж. Оваа состојба ги надмина и нашите најпесимистички предвидувања што ги имавме на почетокот. Зачудува податокот дека оние кои би имале и најмногу корист од ЕМИТЕР, учениците од електро-техничките училишта и студентите на ЕТФ, многу малку се заинтересирани за списанието - само 1-2% од нив го купуваат ЕМИТЕР. Ваквата незаинтересираност за стручна надградба на идните техничари и инженери, многу повеќе од нас, треба да ги загрижува релевантните фактори од образованието.
Во Македонија има многу малку фирми кои се занимаваат со производство и услуги од областа на електрониката. Дел од нив се недоволно моќни за да одвојат средства за рекламирање, а дел се доволно моќни, но “нив не им треба реклама” во ЕМИТЕР. Затоа само неколку фирми повремено или редовно го спонзорираат ЕМИТЕР. Сите грижи и активности за обезбедување на финансиски средства за издавање на списанието ни одземаат многу повеќе време и енергија одошто подготовката на содржините, а сепак тоа повторно е недоволно за покривање на сите трошоци за издавањето на ЕМИТЕР.
Сето ова само го потврдува фактот дека во Македонија во овој момент е невозможно да егзистира стручно списание на пазарен принцип. Впрочем и во поголеми и побогати држави каде техничката култура е на повисоко ниво ваквите списанија финансиски ги помага некоја владина (или невладина) организација. За досегашното излегување на ЕМИТЕР одлучувачка беше помошта од Институтот Отворено Општество на Македонија што ја добивавме во текот на 1995 и 1996 година. Меѓутоа и оваа помош од ноември ‘96 ја немаме, а шансите повторно да ја добиеме се многу мали. Од друга страна и покрај нашите упорни барања добиваме само негативни одговори од Министерството за наука, Министерството за култура, Министерството за развој, Министерството за образование и Секретаријатот за информации при Владата на Р. Македонија.
Поради сите овие причини натамошното излегување на ЕМИТЕР е наполно неизвесно. Меѓутоа се уште не се предаваме и продолжуваме со сите потребни активности за редовно излегување на списанието. Покрај напорите за обезбедување на спонзорства и финансиска помош, главните активности во наредниот период ќе ни бидат насочени кон зголемување на тиражот. Затоа упативме повик за претплата до сите електро-технички училишта од Македонија и при тоа понудивме голем попуст и гратис примероци со цел списанието да биде подостапно за поширок круг читатели. Исто така планираме поширока презентација и популаризација на ЕМИТЕР за што очекуваме помош од Македонската радио и телевизија. Во таа насока упатувам повик и до сите читатели - препорачајте го ЕМИТЕР на своите пријатели и соработници и така придонесете за популаризација на списанието во вашата средина.
Се надевам дека овие наши напори нема да бидат залудни и ќе придонесат ЕМИТЕР да не згасне. Верувам дека постоењето на ЕМИТЕР не е само во наш интерес туку и во интерес на сите сегашни и идни електроничари.

Главен уредник
Слободан Таневски

Ова е само дел од статијата која во целост е објавена во Емитер 5/1997. Нарачајте го овој број за да ја прочитате целата статија, а ако веќе го имате купено електронското издание најавете се за да го прочитате.