По речиси половина век патување низ вселената, сондата Војаџер 1 се подготвува да испише уште една страница во историјата на човечкото истражување на космосот. На 18 ноември 2026 година, таа ќе ја достигне оддалеченоста од еден светлосен ден од Земјата – растојание од приближно 25,9 милијарди километри, кое светлината го поминува за точно 24 часа. Досега ниту еден објект направен од човекот не се оддалечил толку многу од нашата планета.
Како што веќе пишувавме во јуни годинава, овој момент има и многу практично значење: секоја радио-команда испратена од Земјата до сондата ќе патува цели 24 часа, а одговорот ќе пристигне дури по уште толку време. Значи, за една обична размена на информации меѓу Земјата и Војаџер 1 ќе бидат потребни речиси два дена.

Лансирана на 5 септември 1977 година, сондата денес се движи со брзина од околу 61 000 километри на час низ меѓуѕвездениот простор. Во 2012 година таа ја премина хелиопаузата – границата на влијанието на Сонцето – и стана првиот човечки објект што навлегол во меѓуѕвездениот простор. И покрај тоа што нејзините инструменти постепено се исклучуваат за да се заштеди ограничената енергија, сондата сè уште испраќа вредни научни податоци кон Земјата.
По повод ова историско достигнување, НАСА организира глобална иницијатива под наслов „Shine Bright for Voyager’s Light-Day“ (Засвети за светлосниот ден на Војаџер). На 17 ноември, по зајдисонцето, луѓето ширум светот се поканети симболично да му испратат светлосен поздрав на далечниот вселенски патник.
Учеството е едноставно: со помош на специјална интернет-алатка, достапна преку телефони и таблети, или со обична батериска светилка, учесниците треба да ги испратат буквите V-G-R во Морзеова азбука – кратенката за Војаџер. НАСА замислува симболичен бран од златна светлина што ќе ја обиколи планетата. Учесниците се охрабруваат да ги фотографираат или снимаат своите светлосни сигнали и да ги споделат на социјалните мрежи со ознаката @NASA. За таа цел е отворена и посебна интернет-страница: go.nasa.gov/shinebright.

Оваа графика го прикажува трибуквениот идентификациски код за мисијата „Војаџер“ на НАСА – VGR – претставен преку Морзеовата азбука. По зајдисонцето на 17 ноември 2026 година, НАСА ги повикува луѓето ширум светот да учествуваат во иницијативата „Сјајте силно за Војаџер“ („Shine Bright for Voyager“) – да го прослават моментот кога „Војаџер 1“ ќе достигне растојание од еден светлосен ден од Земјата, така што ќе насочат светлина кон небото и ќе го испратат сигналот V-G-R преку Морзеовата азбука. NASA/JPL-Caltech
Одбележувањето ќе продолжи и на 19 ноември, кога во Лабораторијата за млазен погон (JPL) на НАСА ќе се одржи јавна дискусија со членови на тимот на мисијата. Тие ќе зборуваат за актуелната состојба на двете сонди Војаџер, научните откритија од меѓуѕвездениот простор и инженерските предизвици за одржување на летала што функционираат речиси половина век. Предвидена е и најава на документарен филм за мисијата, кој треба да биде објавен во 2027 година, по повод нејзината 50-годишнина.
Овој историски момент е уште еден потсетник за неверојатната издржливост на човечкото инженерство. Еден ден, кога радиоизотопските генератори веќе нема да можат да обезбедуваат доволно електрична енергија, Војаџер 1 ќе престане да комуницира со Земјата. Но, неговото патување нема да запре. Со себе ќе продолжи да ја носи и познатата Златна плоча – порака за човештвото и животот на Земјата, испратена во бескрајниот океан на меѓуѕвездениот простор.