Како потсетник на денот кога кога ООН го основала радиото на Обединетите нации – 13 февруари 1946 година, денес во светот се одбележува Светскиот ден на радиото. Оваа година Светскиот ден на радиото е посветен на „Радиото и вештачката интелигенција“.
“Денес вештачката интелигенција (ВИ) отвора ново поглавје: не само за иновации, туку и за продлабочување на врската со слушателите. Кога се користи етички и одговорно за поддршка на професионалната проценка, креативноста и вредностите на јавниот сервис, ВИ може да стане сојузник во зајакнувањето на довербата на публиката. Технологијата сама по себе не гради доверба. Ја градат радиодифузерите”, се вели во објавата на УНЕСКО по повод Светскиот ден на радиото.

По повод Светскиот ден на радиото 2026 година, на радио станиците им се нудат различни можности:
• Технолошките претпријатија им нудат на радио станиците да тестираат иновативни алатки за вештачка интелигенција специјално дизајнирани за радио.
• Сесии за градење капацитети од истакнати партнери на УНЕСКО понудија обука и споделување знаење како да се зајакне способноста на радио станиците етички и ефикасно да ја применат вештачката интелигенција.
• Достапни се визуелни ресурси се нудат на сите шест официјални јазици на Обединетите нации, во повеќе формати и бесплатно, како поддршка на радиодифузерите во нивната комуникација и прослави.
• Како заштитна мерка е обезбедена т.н. Мапа за примена на вештачката интелигенција – документн кој содржи 12 практични препораки што ќе им помогнат на радио станиците да ги избегнат вообичаените стапици и да ја користат вештачката интелигенција со доверба. Понудата е достапна на шестте официјални јазици на ОН.

Светски ден на радиото (World Radio Day – WRD) е меѓународен ден што секоја година се слави на 13 февруари.
По барањето на Шпанската радио академија на 20 септември 2010 година Извршниот одбор на УНЕСКО вклучил точка на дневниот ред за прогласување на Светски ден на радиото. Одлуката за денот на којшто тој ќе се одбележува паднала за време на својата 36-та конференција на УНЕСКО на 3 ноември 2011 година. Тогаш било решено Светскиот ден на радиото да биде потсетник на денот кога ООН го основала радиото на Обединетите нации – 13 февруари 1946 година. Одборот понатаму побарал генералниот директор на УНЕСКО да ја поднесе резолуцијата пред Генералниот секретар на Обединетите нации, за Светскиот ден на радиото да биде одобрен од Генералното собрание и да биде прифатен од целиот систем. Светскиот ден на радиото бил едногласно прогласен од сите земји-членки на УНЕСКО, а за прв пат бил прославен на 13 февруари 2012 година.
Повеќе за Денот на радиото и неколку идеи како вие да се приклучите во прославата може да најдете на страницата на УНЕСКО
По повод Светскиот ден на радиото, ние го продолжуваме нашиот проект започнат пред некоја година – Виртуелна изложба на стари радиоприемници кои ја осликуваат нашата врска со радиото. Како тоа изгледа може да погледнете во Виртуелна изложба на стари радија по повод Светскиот ден на радиото
Драги читатели, ако досега не сте испратиле фотографија, ве повикуваме да ја искористите оваа прилика во следниве неколку дена, и да ја збогатите изложбата со вашите прилози. Ако сте вољни, може да нѐ почестите и со некоја анегдота во врска со уредот чијашто слика ја приложувате. Ние со задоволство ќе ги објавиме и двете.