Рубрика: Информатика
Полскиот јазик е најдобaр за управување со вештачката интелигенција
Автор: Ива Зафировска
Објавено на 14.11.2025 - 11:45

Јазиците што не се меѓу најзборуваните во дигиталниот простор можат да бидат подеднакво, ако не и повеќе, ‘разбирливи’ за современите системи за вештачка интелигенција, според ново истражување на Мајкрософт и Универзитетот во Мериленд.

Тимот истражувачи тестирал како водечките модели на вештачка интелигенција, вклучувајќи ги OpenAI, Google Gemini, DeepSix и други, реагираат на идентични влезни податоци на неколку различни јазици. Во анализата се наведува дека највисока ефикасност е забележана кај јазиците со сложена морфологија и јасна структура, што веројатно им помогнало на моделите на вештачка интелигенција полесно да препознаваат шеми во податоците.

Наместо англискиот или кинескиот, кои најчесто се сметаат за „технолошки јазици“, полскиот се покажа како најефикасен во комуникацијата со моделите на вештачка интелигенција. Покрај тоа, јазици како рускиот и италијанскиот се покажаа како подобар избор за вештачка интелигенција од англискиот, што дополнително ги изненади експертите.

Но, она што ‘изненади’ е тоа што според резултатите, полскиот јазик имал просечна точност од дури 88% во решавањето задачи, ставајќи го на прво место на листата од 26 тестирани јазици. Истражувачите оцениле дека ова откритие е неочекувано, бидејќи полскиот јазик традиционално е еден од најтешките јазици за учење поради неговата сложена граматика и фонетика. Сепак, вештачката интелигенција, се чини, нема ваков проблем – системите покажале одлично разбирање на полскиот јазик и висока точност во извршувањето на задачите.

Особено е интересно што англискиот јазик, кој се смета за доминантен јазик на технологијата, го освои само шестото место со точност од 83,9% – едно место под рускиот. Рускиот јазик, со резултат од 84%, го освои петтото место, што ги наведува многу истражувачи да заклучат дека моделите на вештачка интелигенција ‘размислуваат’ подобро на јазици со побогата граматичка структура. Истовремено ова е показател дека обемот на податоци достапни за обука не е единствениот фактор што влијае на квалитетот на разбирањето.

Иако полскиот јазик има мошне помалку дигитални ресурси од англискиот или кинескиот, тој се покажал како најпрецизен во давањето команди на вештачката интелигенција. Полскиот завод за патенти истакна дека „луѓето имаат проблеми со овој јазик, но вештачката интелигенција не“.

Според резултатите, десетте најефикасни јазици за комуникација со вештачка интелигенција се: полски (88%), француски (87%), италијански (86%), шпански (85%), руски (84%), англиски (83,9%), украински (83,5%), португалски (82%), германски (81%) и холандски (80%), објавува Euronews.

Ова истражување фрла нова светлина врз прашањето за јазичната пристрасност во вештачката интелигенција. Иако повеќето системи се развиваат и тестираат на англиски јазик, сè поочигледно е дека некои ‘помалку глобални’ јазици можат да понудат поголемо ниво на јасност и ефикасност во комуникацијата со вештачката интелигенција.

Клучни зборови: