Рубрика: Омнибус
Има ли потреба за промена во сметањето на времето?
Автор: Редакција Емитер
Објавено на 25.10.2025 - 14:45

Овој викенд, ноќта помеѓу 25 и 26 октомври (сабота кон недела), повторно ќе преминеме од летно кон зимско сметање на времето. Како и секоја година во деновите пред преминот од летно кон зимско сметање на времето стануваат актуелни дискусиите за нашата временска зона, како и за самата потреба за премин од летно кон зимско сметање на времето и обратно. Во оваа статија даваме преглед на наши претходни статии на оваа тема и упатуваме повик за дискусија на нашата фејсбук страница.

Дали знаете дека промена на Летно и зимско сметање на времето не се случува насекаде и истовремено низ светот –  некои го менуваат времето на различен датум, други во различно време, а трети пак, воопшто не го менуваат. Дури има и држави во кои една општина го менува времето, а соседната не! Менувањето на сметањето на времето досега предизвикало немири, спасило животи, довело до најразлични ситуации, но најмногу од се довело до доцнење на работа.

Иако уште на 26 март 2019 година Европскиот парламент реши да нема веќе поместување на часовникот сепак во земјите-членки на ЕУ и кај нас и годинава остана во сила старата одлука за летно и зимско сметање на времето. Како и секоја година во деновите пред преминот од летно кон зимско сметање на времето стануваат актуелни дискусиите за нашата временска зона, како и за самата потреба за премин од летно кон зимско сметање на времето и обратно. Повеќе аргументи кои говорат во прилог на постоечката состојба беа презентирани во статијата Зошто Македонија треба да остане во средноевропската временска зона. Од друга страна, кај нас сè погласна е и идејата за останување на летното сметање на времето, односно за премин од средноевропско време (CET или GMT+1) на источоевропско време (GMT+2) – за овој став и аргументите за него повеќе можете да прочитате во статијата Македонија е во погрешна временска зона.

Важно е да се нагласи и тоа дека во светот сè повеќе има несогласувања за самата потреба за премин од летно кон зимско сметање на времето и обратно. Имено, целата “ујдурма” со поместување на стрелките на часовникот се прави со умисла дека промената на времето придонесува за заштеда на електричната енергија што би ја потрошиле на осветлување. И додека добар дел од научната заедница сѐ уште се согласува со тоа, некои истражувања ја ставаат под сомнеж корисноста на промената прашувајќи се  Дали летното сметање на времето штеди енергија?. Исто така, многу истражувања сугерираат дека доколку и во зима се задржи летното сметање на времето, продолжениот период на дневна светлина во попладневните часови поволно ќе влијае на намалување на криминалот, намалување на бројот на сообраќајни несреќи, подобрување на продуктивноста, како и до низа здравствени придобивки. За овие теми повеќе имаме пишувано во веќе спомнатата статија Македонија е во погрешна временска зона, како и во Поместувањето на сметањето на времето е стресно и Три препораки за подобар сон во Македонија.  

ЕМИТЕР ве повикува на дискусија, да ги изнесете вашите ставови за сите овие прашања во коментарите на нашата фејсбук страница под објавата за оваа статија.

Клучни зборови: