Дали постои начин електронските уреди да се разградат сосема самостојно во реалноста? Инспирирани од серијалот "Mission: Impossible" и разните уреди кои се самоуништуваат во рок од 5 секунди и пократко, научници при универзитетот Бингхемтон демонстрираат идеја за разградливи електронски уреди, која лежи на потенцијалот на пробиотиците, јавува ScienceDaily.
Еден од најголемите предизвици во ова истражување е биоразградливоста на изворот на електрицитет, односно батериите. Наместо употреба на токсични супстанци, за дизајнот на изворот на енергија тимот научници анализира пробиотици, поточно бактерии честопати присутни во млечни производи како што е јогуртот. Со дизајн на батерии кои се разложуваат во кисела средина, ваквиот предизвик има потенцијал да стане револуционерно решение за безбедна, разградлива технологија за медицински цели.
Пробиотиците се микроорганизми чиішто внес во човечкиот организам е од полза за здравјето, а се безопасни и за животната средина. Разградливата електроника може да се користи примарно во медицински апликации, но таа мора целосно да се разгради на безбеден начин. Токму затоа дизајнирањето на разградлива батерија е од клучно значење и во моментот голема препрека во развојот на ваков вид на електронски уреди, имајќи предвид дека сѐ уште најчесто употребувани се литиум-јонските батерии.
Дизајн на биоразградливи батерии (извор: Шон Чои, универзитет Бингхемтон).
Овие батерии се познати како извори на најголемо количество енергија, но во својот состав тие содржат отровни супстанци. Имено, Мајде Мохамадифар, студент од тимот научници од универзитетот Бингхемтон, ја развива оригиналната разградувачка ќелија, со употреба на добропозната бактерија која може да се искористи за генерирање струја и е во рамки на ниво 1 за биобезбедност. Меѓутоа се поставува прашање за безбедноста на животната средина доколку бактеријата се испушти во природата.
Во текот на истражувањето е дизајнирана електрода со површина направена од полимер и наночестички за теоретски да се подобри електрокатализаторското однесување на пробиотиците и да им се додаде енергија. Вака модифицираната електрода покажува порозност, што овозможува одлични услови за привлекување на бактерии и нивен раст, и на тој начин ја подобрува електрогенската способност на микроорганизмите. Прекривајќи разградувачки хартиен дел со рН-чувствителен полимер за да може да се оствари хемиска реакција само во кисели средини (области со високо ниво на загадување или човечкиот организам) е предизвикано зголемување на излезниот напон и на издржливоста на батеријата.
Со овие експерименти се покажува потенцијалот за развој на системи од батерии кои работат со енергија добиена од пробиотска мешавина, поврзани во сериски или паралелни врски за зголемување на напојувањето, а и простор за анализирање на индивидуални микроорганизми за откривање на гени кои даваат електрични карактеристики.