Колку температурата на надворешниот воздух е повисока, толку повеќе се зголемува потребата за ладење, а тоа значи зголемување на потрошувачката на електрична енергија. Тоа повлекува зголемување на производството на електрична енергија при што доминантна улога имаат фосилните горива, а тоа значи зголемување на емисијата на јаглерод-диоксид (СО2) кој е главен причинител на ефектот стаклена градина...
Според сите извори на податоци за измерените температури на воздухот во светот, минатиот месец јуни беше најжежок досега, а рекордно високите температури не се намалија ниту во овој јули. На тој начин беа и се загрозени милиони животи, така што луѓето ги вклучуваат клима уредите, доколку ги имаат, за да се разладат. Со тоа се оптоваруваат електричните мрежи до граница на издржливост и се јавуваат дефекти и принудни исклучувања.
И покрај сите предупредувања за високите температури предизвикани од климатските промени, состојбите со емисиите на стакленички гасови на глобално ниво не се подобруваат. Минатите години во некои земји од Блискиот исток живата во термометарот се искачи и преку 50°C, но толку високи температури видовме и во други региони – САД, Кина и на други места.
Топлинските бранови поттикнуваат пожари во цел свет, ова го гледаме секојдневно на вестите кои за САД, Канада, Европа, а и во Македонија првите вести се за пожарите. Високите температури предизвикуваат и скок на бројот на смртните случаи поврзани со топлина.
Колку температурата на надворешниот воздух е повисока, толку повеќе се зголемува потребата за ладење, а тоа значи зголемување на потрошувачката на електрична енергија. Тоа повлекува зголемување на производството на електрична енергија при што доминантна улога имаат фосилните горива, а тоа значи зголемување на емисијата на јаглерод-диоксид (СО2) кој е главен причинител на ефектот стаклена градина, т.е. глобалното затоплување со кое се покачува температурата на воздухот во атмосферата. Може да се заклучи дека овој процес не е вртење во круг, туку вртење во спирала која оди нагоре. Значи, колку повеќе ладиме, толку повеќе се зголемува надворешната температура на воздухот, т.е. се појавуваат поинтензивни топлински бранови.
Зголемената потрошувачка на електрична енергија заради ладењето влијае и на џебот на граѓаните. Притоа трошоците се поголеми ако просториите што се ладат се во зграда со слаба енергетска ефикасност. Исто така, на тоа влијае и квалитетот на клима уредите. Во многу земји, вклучувајќи ја и РМ, се донесени прописи за задолжителна ознака на апаратите што трошат електрична енергија. Воведени се енергетски класи (А+, А, В, ..., F) каде што А+ е најдобра. Веројатно уредите со најдобра класа се поскапи, но по 2 до 3 години разликата во пари се враќа заради помала потрошувачка на енергија.
Екстремните температури поттикнуваат зголемена продажба на клима уреди, а таа најбргу се зголемува во земјите во развој каде што само мал број на домаќинства поседуваат такви уреди. Според Меѓународната агенција за енергија (IEA) во САД и Јапонија повеќе од 90% од домаќинствата имаат клима уреди, додека во Југоисточна Азија само 15%. Тој број е околу 5% во Индија и Африка. Во најжешките делови на светот живеат околу 3,5 милијарди луѓе, а само 15% од нив имаат пристап до клима уреди за ладење во своите домови. Просечно во светот 36% од домаќинствата имаат клима уреди. Според Меѓународниот институт за ладење (IIR) се проценува дека во 2024 во светот имало инсталирано 1,5 милијарди стационарни клима уреди, а се прогнозира дека до 2050 година ќе има 3,5 милијарди единици. Во тој период во Индија тоа зголемување ќе биде пет пати, а во Кина два пати.
Клима уредите во автомобилите и автобусите обезбедуваат зголемена удобност и безбедност за патниците и затоа во развиените земји тие се третираат денес како стандардна опрема. Во земјите во развој само околу 60% од новите возила се опремени со мобилни клима уреди. Се проценува дека денес има околу 1,3 милијарди мобилни клима уреди во автомобили и автобуси низ целиот свет.
Кај електричните возила, кои претставуваат една петтина од глобалниот број на автомобили, покрај воздухот во кабината, системот за климатизација ја контролира и температурата на батеријата за да се обезбеди ефикасност и безбедност на батеријата за време на работата.
Со зголемувањето на глобалните температури, побарувачката за климатизација се зголемува и на северната хемисфера. На пример во Европа, количината на електрична енергија што се користи за климатизација во станбени згради се зголемила три пати помеѓу 2010 и 2019 година, а до 2025 година тој однос е сигурно уште поголем.
Додека потребата за ладење расте, поголемата употреба на клима уреди ги оптоварува електро-енергетските системи низ целиот свет. Со оглед на енергетската криза во светот, и ова лето ќе се појават критични моменти во снабдувањето со електрична енергија во поедини места. Ова особено се однесува за земјите со топла клима. Во услови на недостиг, ќе има ограничувања, прекини и исклучување на електричната енергија.
Не можев да најдам податок за број на инсталирани клима уреди во РМ, но нивниот број драстично се зголемува бидејќи граѓаните масовно ги купуваат и за греење. Заради рекордно високите температури, претпоставувам дека побарувачката за електрична енергија ќе се зголеми. Во минатото, РМ извезуваше електрична енергија во летниот период, но мислам дека ова лето ќе увезува, а таа не е ефтина.
Д-р Ристо Цицонков, редовен професор
Машински факултет - Скопје
18.07.2025