Рубрика: Метеорологија
Македонска медицинска метеорологија
Автор: Борис Секирарски
Објавено на 11.07.2025 - 14:15

Убав и звучен наслов од кој денес нема ништо.
Во сите овие години, а тоа се 78 години метеорологија во државава, вие ќе изнајдете неколку труда и мислам, само еден универзитетски учебник. Толку имаме направено.

Во УХМР ако се решите да побарате, трага нема да најдете, ниту буква ниту бројка, а нема ни канцеларија и нема ниту столица каде некој би седел и би сработил за влијанието на времето врз нас или врз животнитните.
Не знам каков одговор ќе добиете. Сите тие биопрогнози на тв програмите се од други или трети извори, но не се наш резултат секако. Толку!
Како се случи сето тоа со нашата биопрогноза, јас вака го знам, бидејќи тоа мене ми се случуваше.



До пред 2009 година, климатолозите беа задолжени за овој дел од метеорологијата во државата. Тоа ним им импонираше, секако. Советувања за оваа тема имаше во СФРЈ, а назад кога ќе се вратиш од патувањето, малку ќе си молчиш и толку од тоа.

Пред дваесеттина години и откако се случи големата промена на власта, биопрогнозата одеднаш стана главен и важен проблем во УХМР. Новиот директор имаше проблем со „ЕЛ4 и ЕЛ5“ пршлените, а тоа се многу сериозни и изразено сезонски болки. Кај нас од секогаш било: ако за нешто е засегнат директорот, тогаш тоа е главното. Другото оставете го.

Така и беше. На секој колегиум во тој период, директорот бараше „до каде е со таа биопрогноза“. Оти него го болеше, не од друго, а знаеше дека се му е поврзано со промената на времето. Но, тој кутриот (правник) не знаеше дека се е веќе свртено наопаку, и тоа одамна. Тој не знаеше дека климатолозите никогаш и никаде во светот не направиле биопрогноза, барем не од типот “за денес и во следните денови“ што секако не е период кој ним не им е во фокусот. И така на секој колегиум истото, а колку повеќе болки тој имаше, толку повеќе бараше резултат.

Јас и малку пред пролетта во 2007 година самиот и „на диво“ си почнав да оформувам решение за идна биопрогноза, иако покоректно би било да се нарекува прогноза од медицинска метеорологија.

Таа пролет директорот многу мора да патеше, а и веќе беше многу нервозен од толку изминати празни месеци и без резултати од тоа што нему му беше важно. Разбирливо е нели? Субјектите кај нас, па и оние државните и најдржавните, го работат она што му е важно на директорот, а и го достигаат она до каде што е неговиот личен плафон, бидејќи повеќе не е ни потребно.

Во летото во 2009 година некако успеав да испратам абер до директорот дека јас би ја направил биопрогнозата, но да ми се дадат 100 дена во кои ќе испроверам дали тоа би било една посигурна врска меѓу атмосферата и симптомите кај луѓето.
Секако дека луѓе кои никогаш ништо слично не создале, не ни знаеја дека за 100 дена не се истражува. Ама такви си беа. Тие тогаш, а сега и овие денешниве се исти. Тие само ја сакаат улогата „тие да кажат дека може. Дека се одобрува“.

По пратениот абер преку државен советник, бидејќи не добивав прием кај директорот мене ми остана само да чекам.
Важно е дека бидна, а дека е одобрено јас веднаш не знаев. Некој ден подоцна дојде советникот до кај мене, како да е некој доброносец и ми рече дека директорот на колегиум рекол дека јас ќе сум ја правел биопрогнозата и дека ми се дадени 100 дена за таа работна задача.

Секако на колегиумот било интересно и секако дека имало олеснување кај вовлечените во темата. Секако си мислеа: Сега „оној Борис“ ќе работи и ќе ја прави, а ние ќе си решаваме на колегиум за поважни работи!

Така почнаа да течат моите 100 дена, заедно со 100 ноќи кои сам си ги ставив на грбот! Имав компјутер и идеја и само требаше да сработам.

Требаше да изодберам „симптоми“ на атмосферата и да соберам симптоми кај луѓето но прибележани со тоа кога и кому му се случиле. Не одев да барам податоци „од здравство“ затоа што знаев дека таков вд на податоци нема и дека тоа е бесмислено. Не барав податоци „во архивите“ на УХМР затоа што такви параметри кои се случуваат во моментот над поширокиот регион едноставно нема и дури нешто да има, ќе требаше тие што не ја направија биопрогнозата да ми одобрат користење на податоци.
Јас морав по друг пат да изодам!

Уште во првите денови составив таблица за секој час и од ден по ден и почнав да прибирам промени во атмосферата на секаков можен начин извлечени од повеќе извори. Она што е поинтересно, јас почнав да запишувам и да додавам се што ќе начуев дека некого го боли, ама точно во час кога почнало.

Просторот за целото истражување беше матен и мораше од сите записи во една се поголема табела да почнам да воведувам коефициенти кои поврзуваа по неколку атмосферски параметри и секако и да одредувам класи на симптоми (не болести) кои некој ги почувствувал. За луѓето кои патеа од нешто „навидум поврзливо“ одредував и класи според возраст и пол.

Јас време имав во денот за работа. Уште од 2005 година веќе не одев на колегиуми и тоа не ми одземаше часови и часови. Она што ја држеше целата работа активна и помагаше да се случи беше засегнатоста на оној кој го болеше и тој беше гаранција и поддршк ама од далеку.
Никој во тие први месец или два ништо не ме праша. Никој не ме праша ниту дали ми треба водичка, или моливче некое, а бе ни за компјутреско глувче, или да не имам некој проблем. Струката забарикадирана во молќење само чекаше. Она што сите чекаа беше тоа да не успеам. Затоа беше само тишина и толкав неинтерес. Она што сите го знаеа беше дека се распрашував по колегите постојано дали нешто ги болело и дека на одговор  „да, ме болеше“, јас постојано ќе прашав „ама кога во колку саат“. Дома ги распрашував роднините и пријателите!
По месец и половина јас имав „таблица за атмосфера и луѓе“ која беше се поголема и стигнав до  стотини записи за почувствувани симптоми. Симптомите на атмосферата сами се запишуваа, па дури и неколку новоизмислени коефициенти постојано се пресметуваа.

На почетокот на третиот месец, во ходник и онака неврзано, веќе еден висок раководител ми вели: "А бе ти што направи со таа прогноза? Ја направи ли...? Немаш време многу!"

На крајот реченицата беше чудно завлечена и како со страв завршена. Тогаш ова беше важен пресврт, затоа што имаше и предлози да земеме биопрогноза од дуга служба и да ја прилагодиме за нас и така ќе ни биде супер! Ако не успеев јас, ќе си имавме „туѓа а наша“ биопрогноза, што беше многу погодно за начинот на кој ние со децении ги решававме работите и тогаш!

Пак ќе споменам: Јас само барав 100 дена да побарам дали ќе можам да најдам врска меѓу времето и луѓето и ова не беше набавка од фирма. Биопрогноза нема во фирма и да си купите. Мислам, има и тоа е супер идеја државава сега да си купи некоја, а може и неколку и „само си ги пушташ“ да се прават.

На само неколку недели пред крајот на тие 100 дена јас имав слика дека навистина врската постои и дека таа може да се постав како коефициент кој се менува во текот на денот.

И така биопрогнозата почна. Секој ден до кај 10 часот се создаваа два текста како ќе им биде на луѓето во текот на тековниот ден и како ќе им биде утре. С правеше и сликичка на промената на „лошиот индекс“! Се беше достапно во локалната мрежа за синоптичарот и тој само требаше да го превзема со копирање. Правењето беше потполно автоматизирано.

Прогнозата почна, но она што не почна е тоа што оваа биопрогноза која УХМР почна да ја објавува заедно со останатата прогноза беше дива и неомилена кај метеоролошките раководни сили. Ќе кажете како тоа дива. Па, дива беше. Откако беше како работна задача и откако почна редовно за се создава и да се објавува, за неа немаше никаков пишан документ. Денес да сакате да најдете трага дека ова се случило, сигурен сум дека нема да најдете. Ништо од неа нема. Празнина.

Ова го олесни убивањето на македонската официјална прогноза и таа на следната промена на директорот, беше прогласена за досадна од високораководно метеоролошко лице и на прогностичарите им беше наложено да не ја објавуваат како дел од прогнозите на УХМР. Убиството на биопрогнозата беше олеснување за сите(?). Песната дека треба да се земе од други можеше сега фласно да се пее, а можеше на колегиум да се решава дека само треба да оди некој(?) постручен и да ја донесе.

Но биопрогнозата не беше до крај доубиена, бидејќи јас продолжив да ја одржувам и таа на еден обичен компјутер продолжи да се создава секој ден околу 10 часот! Се рабира дека јавноста не праша каде е овој продукт. Полужива и полуофицијална без допир кон директор кого „времето не го болеше“ биопрогнозата одеше на интранет (внатрешна) веб страница којашто јас ја одржував за кратко, а потоа и тоа замре.
Повторно оживеа македонската официјална биопрогноза и тоа во нов формат со еден нов директор во 2015 мислам.

Само на месец од доаѓањето, или ете два да беа, „Новиот“ ме викна во канцелараријата и само рече:

–"Борис може ли нешто ново да направиме, до сега што не било, ама брзо да биде па да објавиме во медиумите?" Да, така беше. Директорот имаше таков пристап. Беше дирeктен и без гласници да испраќа да му ги вршат работите.

– "Брзо директоре не е можно, единствено да ја активираме повторно биопрогнозата ама сега со нов формат и како посебен документ кој ќе се објавува секој ден", – одговорив јас.

– "За колку може тоа да биде?"

– "Па за една недела би можел да ја преправам."

– "Прави и јави ми кога ќе почне!"

Толку беше зборувањето. По една недела оживе еднаш убиената биопрогноза и сега во вид на посебен документ „во ворд“. Таа се правеше секој ден и потполно автоматски. Постојано имаше бројач, датум на важење, датум на почеток на форматот, па дури и „Кју-ар“ код кој ние толку денес го користиме. Ова сепак беше 2015 година и веројатно беше прв вака создаван документ и со автоматски креирани елементи.

Секако ќе прашате: "И? Преживеа ли?" Што да ви кажам. Немаше преживување. Официјалност имаше новиот формат, па дури и одеше кај директорот понеделнички на потпис и печат.

Она што немаше беше немање одржливост. Немаше заштита дека некој следен директор или блискиот на следниот директор нема да искористи момент и нема да притисне сето тоа да застане.

Токму тоа последново и се случи. Истиот висок раководител кој ја уби Мкедонската официјална биопрогноза првиот пат, откако си отиде од УХМР, успеа повторно да си се врати на истата позиција.
Само две години од оживувањето само ми беше речено:
"Борис, јас ова што го работиш не го одобрувам да знаеш. Да го тргнеш и да престанеш."
УХНР веќе имаше најнов директор и се ми беше веќе познато, а од битки против ветерниците ми беше премногу и јас ја запрев.
Тогаш во таа 2018 и по над 1000 објавени броја, застана биопрогнозата.

Реакција немаше никаква и никој не праша, или подобро речено до мене не стигна абер дека некој праша и дека е потребна.
Завладеа биопрогностички мрак, а кого го боли, негов проблем си е, или нека чита „по гугл“ што ќе пронајде.
Денес како што спемнав, траг нема од сето ова во УХМР. Нема ни дека било ни дека би требало да е. Можеби сега ќе се јават оние кои велеа дека биопрогноза изработуваат лекарите и дека тоа не е метеоролошка работа.
Само понекогаш по дома Бети ќе ми рече и денес:
 "Дај врати ја биопрогнозата, све ме боли денес. Почни ја пак."
 

За жал, силите на темнината ја убија засекогаш. Ние веќе никогаш нема да имаме биопрогноза во официјална верзија. Кога ќе го отвориме заради кластерите делот за метеорологија, само ќе креваме рамења и ќе вртиме глави на страна.

Биорпгнозата од ништо родена и тука направен и која два пати беше убиена, сега е умрена засекогаш.
Толку е и „Слава и“! Веројатно јас треба да ја жалам најмногу, ама и некако ја прежалив.

Сепак таа имаше некои кратки и светли моменти во своето постоење. Само немаше почва. На сувотија се роди и толку можеше.

Клучни зборови: