Рубрика: Медицина
Кето диета – метаболичка терапија за ментални болести
Автор: Марјан Божиновски
Објавено на 18.05.2025 - 00:00

Дали знаете дека кај пациенти со психотични заболувања имало 60-70 проценти намалување на тежината на симптомите со кето диета?

Кетогенската диета се темели на многу низок внес на јаглени хидрати (5-10%), при што енергијата главно доаѓа од кетоните што се добиваат при обработка на мастите (50-80% од вкупните калории). Бројни истражувања сугерираат дека луѓе кои страдаат од психички заболувања (неврози, психози, деменции) имаат развиено инсулинска резистентност и инфламација во мозокот.

Инсулинска резистентност е состојба при која за иста гликемија (концентрација на гликоза во крвта), на клетките во организмот им е потребна поголема количина инсулин за да ја апсорбираат гликозата. Дијабетес тип 2 е екстремна форма на инсулинска резистентност при која и највисоки излачени концентрации на инсулин од страна на панкреасот повеќе не можат да го одржуваат крвниот шеќер во нормален опсег (4-6 mmol/L).

Според научните сознанија, кај голем процент пациенти со психички заболувања се случува инсулинска резистентност во мозокот, кои многумина ја нарекуваат тип 3 дијабетес. Всушност, клетките на мозокот ја имаат загубено способноста да апсорбираат онолку гликоза колку што им е потребно за нормално функционирање и поради тоа почнува процес на нивно оштетување и инфламација.

Токму овој проблем на инсулинска резистентност во мозокот се таргетира со помош на кетогенската диета. При стандардна диета со висок внес на јаглени хидрати (45-60% од вкупните калории), главниот извор на енергија за мозокот е гликозата добиена од јаглените хидрати. Кај кетогената диета, мозокот ја заменува гликозата со кетони како главно гориво. Во состојба на максимална кетоза се смета дека околу 30% од енергијата мозокот ја добива од гликоза, а останатите 70% од кетони. Да се потсетиме, кетоните се добиваат со обработка на мастите од исхраната.

Што се случува кога еден пациент со психоза, како на пример биполарно растројство се префрли на кето исхрана? За среќа, во последните неполни три години се објавени 3 студии со фантастично позитивни резултати кај група пациенти со тешки психички заболувања. Да ги погледнеме една по една.

1. Француско-американска студија објавена во 2022

31 пациент со тешки ментални болести (тешка депресија, биполарно растројство и шизоафективно растројство) со лошо контролирани симптоми и покрај интензивно психијатриско менаџирање биле примени во психијатриска болница и ставени на рестриктивна кето диета со максимум 20 грама јаглехидрати дневно. Периодот на следење бил до 248 дена.

Резултати:
- Просечно 60-70% намалување на тежината на симптоми
- 64% од пациентите биле отпуштени со намалени дози од нивната стандардна терапија
- Значителни намалувања во телесната маса, крвниот притисок, крвниот шеќер и триглицериди

2. Американска студија објавена во 2024

23 пациенти со шизофренија или биполарно растројство биле вклучени во 4-месечна пилот студија со кето диета (10% јаглехидрати, 30% протеини и 60% масти).

Резултати:
- Комплетно исчезнување на метаболичкиот синдром кај сите пациенти
- Пациентите со шизофренија имале во просек 32% подобрување на симптомите
- 69% од пациентите со биполарно растројство постигнале намалување на симптомите од 2 или повеќе поени според стандардна мерна скала

3. Британска студија објавена во февруари 2025

27 пациенти со биполарно растројство биле вклучени во пилот студија со траење од 6-8 недели со кетогена диета.

Резултати:
- Подобрување на расположение, енергија, брзина на мисла, намалени импулсивност и анксиозност
- Намалување на телесната маса и крвен притисок

Клиничките истражувања за терапевтското дејство на кето диетата кај менталните болести се историски на самиот почеток. Почетните резултати се мошне охрабрувачки, но допрва следат поголеми и позначајни студии.

Клучни зборови: