Рубрика: Роботика
Започна 13 издание на RoboMac и 5 издание на RoboMac Junior
Објавено на 12.05.2025 - 17:45

На Факултетот за електротехника и информациски технологии почна 13 издание на RoboMac и 5 издание на RoboMac Junior. Деканот на ФЕИТ, професор Владимир Атанасовски, на денешното отворање на RoboMac изјави дека RoboMac 2025 веќе не е само студентски натпревар, туку RoboMac прерасна во симбол.

Симбол на младешкиот ентузијазам, на безрезервната посветеност, на натпреварувачкиот и истражувачки дух, на иновациите и на бескрајната љубопитност кон технологијата. RoboMac е симбол кој сè повеќе добива препознатливост не само на национално, туку и на регионално ниво. RoboMac е место каде што се среќаваат идни инженери и иноватори, каде што се спојуваат идеите, страста и знаењето. RoboMac е платформа што го надминува класичниот концепт на натпревар – RoboMac инспирира, мотивира и поврзува. RoboMac е поим за роботика, автоматика, електроника и вештачка интелигенција во Македонија. Но, RoboMac е и нешто многу повеќе од тоа. Тој е синоним за соработка, за решавање реални предизвици, за креативно размислување и за градење на вештини кои се клучни за иднината. Преку натпреварите, работилниците и предавањата, RoboMac создава средина во која младите луѓе учат да соработуваат, да истражуваат, да експериментираат, но и да се забавуваат. За некого, тоа е првиот чекор кон инженерска кариера, а за друг – и почеток на еден животен пат исполнет со страст кон создавање, истражување и напредок“, вели Атанасовски.


 

Државниот секретар во министерството за дигитална трансформација, Гордана Клинчарова рече дека ваквите иницијативи се клучни за иднината што се гради.

RoboMac освен натпревар треба да претставува и платформа што обединува млади луѓе од земјата и од странство, кои со својата креативност, храброст и технолошка подготвеност, го менуваат светот на подобро. Овие шест дена нека биде време на учење, предизвици и инспирација. Нека RoboMac биде потсетник дека технологијата е најсилна кога е во рацете на оние кои сакаат да ја користат за општо добро“, рече Клинчарова.

Ректорката на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, проф. д-р Биљана Ангелова потврди дека овој настан е збир на талентирани умови и доказ за зголемената важност на роботиката и вештачката интелигенција во нашето општество.

Светот околу нас претрпува брза технолошка трансформација. Автоматизацијата и интелигентните системи суштински ги менуваат индустриите, од производство и здравствена заштита до транспорт и комуникација. Додека гледаме кон иднината, јасно е дека роботиката и вештачката интелигенција ќе играат се поважна улога во обликување на нашите животи“, рече Ангелова.

За Филип Жаков, претседател на студентскиот огранок на Македонската секција на IEEE, RoboMac претставува симбол на амбиција, знаење, визија и упорност.

Денес, кога зборуваме за вештачка интелигенција, автоматизација и дигитална трансформација, не сме само публика – ние сме тие што го движат процесот напред. ФЕИТ се појасно го препознава значењето на партнерството меѓу генерациите и силата на една средина што вложува во луѓето“, рече Жаков.

Оваа година, RoboMac 2025 е домаќин на над 60 студенти, распределени во пет натпреварувачки дисциплини. Учесниците ќе развиваат роботски системи што препознаваат визуелни и звучни команди, ќе дизајнираат интелигентни агенти за динамични сценарија, ќе комбинираат машински вид со роботика за автоматизирано сортирање и – за љубителите на брзината – ќе се натпреваруваат во програмирање на автономни тркачки возила.

Овие активности не се само вежби во кодирање и хардвер – тие се лаборатории на креативност, соработка и решавање на комплексни проблеми. Дополнително, во текот на оваа недела, студентите ќе имаат можност и да слушнат предавања од врвни експерти, да се надградуваат, да поставуваат прашања, и да добијат повратна информација која ќе им биде драгоцена во нивниот развој. На тој начин, RoboMac остварува уште една значајна функција, а тоа е да биде мост помеѓу академијата и индустријата, меѓу знаењето и практиката.

ФЕИТ, како институција која го негува иновативниот инженерски дух, стои цврсто зад оваа иницијатива. Како пионери во областа на електротехниката и информациските технологии, горди сме што нашите лаборатории, наставни програми и предавачи создаваат услови за врвно образование и инспиративна практика. Нашите програми постојано се ажурираат во чекор со глобалните трендови, а нашите дипломци се барани и ценети во индустријата – како кај нас, така и надвор од државата“, додаде Атанасовски.

RoboMac Junior, петти пат, ги отвора вратите за најталентираните 54 средношколци од четврта година од 30 средни училишта од Р.С. Македонија, поделени во две категории. Освен активностите од натпреварувачки карактер, учесниците имаат можност да следат и неколку предавања во кои ќе се претстават популарни теми од роботиката, вештачката интелигенција и електрониката, одржани од професори и експерти во областа. За нив, ова е шанса не само да ги покажат своите вештини, туку и да се запознаат со ФЕИТ и можностите што ги нуди факултетот.

Работејќи во тимови, студентите – учесници на Робомак 2025 имаат можност да ги употребат своите теоретски знаења и практични вештини, истите да ги надоградат и усовршат, да соработуваат со студенти од земјата и странство, со цел да го освојат првото место во својата категорија.

Категориите во кои учесниците може да се натпреваруваат се:
• Detect the Intruder > Hardware-software co-design for detecting a misaligned element.
• AI Football > Program intelligent agents to find and eliminate opponents in a dynamic environment.
• Robotic Arm Challenge > Combine robotics and machine vision to accurately sort objects.
• The VoiceBot Challenge > Command your VoiceBot to victory in this speech-driven robotics competition.
• Self Racing Cars > Program and unleash NVIDIA JetBots for self-racing car showdown.

Покрај тоа, ќе имаат можност да присуствуваат на предавања од овие области.

 

Преземено ФЕИТ

Клучни зборови: