Минатата недела како една од најголемите вести од светот на науката беше пласирана објавата од компанијата Colossal Biosciences, кои во нивното соопшение велат „го вративме страшниот волк од листата на изумрени“. Се работи за суштество налик на големиот волк (direwolf) од серијата ‘Игра на тронови’, суштество со латинско име Aenocyon dirus кое постоело во епохата на плеистоценот. Но, колку има вистина во ова тврдење?
Тука може да ја најдете веб-страницата Colossal која ја објавува веста и детално објаснува како функционира овој проект за враќање на некој вид назад од листата на изумрени. Но, дали е навистина може да се каже така? Ајде да се обидеме малку да ги разјасниме работите.
На компанијата Колосал Биосајансез (Colossal Biosciences) ова не ѝ е првпат да излезе со бомбастични тврдења. Тие со години работат и на враќање на волнениот мамут од ‘изумрените’, а неодамна тврдеа дека го направиле првиот чекор во оваа насока благодарение на создавањето на „волнениот глушец“. Методот што се применува кај овие два вида е истиот што бил користен и за страшниот волк, вид од семејството кучиња (Canidae) кој изумрел пред околу 10 000 години и е во поблиско сродство со чакалите отколку со кучињата и волците. Се работи за метод којшто е своевидна полуизмама.
„Реконструкцијата“ на еден изумрен вид од нула, всушност, е речиси невозможна. За оваа намена ќе ви треба целата ДНК на животното, која речиси никогаш не останува недопрена десетици илјади години. Во случајот со страшниот волк, секвенците коишто се реконструирани се разумно целосни, но не и 100%. Од друга страна, дури и при поседување на целосни секвенци, останува фактот што не постојат достапни живи примероци. Па, во најмала рака, бременоста на исчезнатото животно мора да му се довери на сличен и сè уште постоечки вид.
Но, Колосал Биосајансез се обидува со друг пристап: идентификување на оние гени кои директно влијаат на „макро“ карактеристиките на животното, оние видливите какви што се обликот на черепот, големината на телото или дебелината на крзното. На овој начин, којшто Колосал го нарекува „функционално де-изумирање“, се создаваат „копии“ кои по надворешниот изглед се мошне слични на оригиналот, со надеж дека тие во себе ќе ги имаат истите адаптации како и изумрените видови. Па оттука, резултатот од операцијата не е баш “де-изумирање” (анл. de-extinction), односно вистинско враќање на изумрениот вид.
Во случајот со страшниот волк, во Колосал како основа користеле сиви волци, правејќи околу дваесетина промени во 14 гени поврзани со фенотипот на животните (а со тоа и со нивниот надворешен изглед). Ова значи дека страшните волци на Колосал и не се вистински страшни волци – тие се всушност сиви волци со одредена генетска модификација, најпросто кажано сиви волци ‘преправени’ во страшни волци.
Од друга страна, истиот метод е веќе искористен за создавање на волнениот глушец и е основа на напорите за функционално ‘де-изумирање’ на мамутот, но и на други видови како тасманскиот тигар, додото итн.
Уште една работа што “ја мати водата” е тоа што сè уште не се познати сите детали од достигнувањето. Имено, Колосал го објави подвигот, но сè уште не објави ниту една придружна студија, дури ни во пред-принт фаза. Па засега, на оваа вест може да гледаме единствено онака како што таа ни е сервирана, со податоците кои се достапни, а тоа е дека имаме сиви волци кои површно личат на примероци од страшни волци, но се сепак сиви волци.
Патот до вистинско враќање во живот на изумрените видови е сè уште долг – ако некогаш и успееме да го изодиме.