Рубрика: Автомобилска техника
Планетарен CVT преносник
Автор: Томе Скендеровски
Објавено на 01.04.2025 - 12:15

Интересен трансмисионен механизам способен за континуиран преносен однос од 0 до 6, барем според декларацијата од видеата кои одат во прилог на оваа кратка вест. Тоа значи дека автомобилот опремен со ваков преносник не мора да е опремен со спојка, во мајсторскиот жаргон познат како кумплунг. Нешто слично, а кориснички исто, како автомобил опремен со автоматски менувач. Но, сето ова и не е толку битно во оваа прилика. Да го расветлиме во кратки црти механизмот.

Едноставно, се работи за планетарен запчест преносник со статични три сателити со во серија инкорпориран шарнирен механизам (основен лостов механизам) од кој извршната полуга е запченик со внатрешно назабување (види слика 1 и слика 2).

Слика 1: Реален изглед на прототипот од преносникот

Слика 2: Принципиелна шема и начин на функционирање на преносникот

Значи, во паралела следуваат три лостни механизма од видот шарнирни механизми, кои во комбинација со запчест пар со надворешно и внатрешно назабување и меѓусебна синхронизација со ексцентрите, што наизменично го „влечат“ запченикот со внатрешно назабување (излезното вратило) преку прескокален механизам инкорпориран во малите запченици. Континуираниот пренос се остварува со големината на ексцентрицитетот. Сето ова добро се гледа на видео презентациите во прилог на оваа кратка вест. Црвената точка е визуелен знак дека во тој момент тој шарнирен механизам е во погон.

Веднаш да ги нотирам недостатоците иако истражувањата продолжуваат. Тесно грло е прескокалниот механизам. Има два принципиелни начини на изведба на овој механизам. Првиот е со подвижни елементи (како кај спортските велосипеди) а вториот начин е со заклинување (отсуствуваат подвижни елементи (посредници) во класична смисла на зборот) како кај старите велосипеди-контраши. Недостаток на првото решение е инерцијата на подвижните елементи која не е подобна за големи брзини, а овде брзините се мошне високи. Недостаток на второто решение се големите површински притисоци, а за двете решенија заеднички недостаток е малата надежност т.е. подложноста на зачестени дефекти. Втор многу незгоден недостаток е од самата кинематика. Извршната полуга на шарнирниот механизам е подложна на флуктуации на брзината што создава вибрации и голема бука. Ова може да се избегне ако како погон на овој преносник се користи ланец со тоа што флуктуациите на ланчаникот и на шарнирниот механизам ќе се проектираат така што амплитудата да им биде иста и на тој начин овие механизми ќе се спарат за двете флуктуации да се поништат (интерференција).

Овој механизам не е погоден за големи брзини и за големи вртежни моменти, како кај товарните и теренските (SUV) возила. Јас лично не гледам перспектива на овој преносник, иако идејата е интересна. Но, изведбата е комплицирана и механизмот е мошне сложен. Овој механизам е добар за едукативни цели и гимнастика на мозокот.

Клучни зборови:
 Реален изглед на прототипот од преносникот

Слика 1: Реален изглед на прототипот од преносникот

Принципиелна шема и начин на функционирање на преносникот

Слика 2: Принципиелна шема и начин на функционирање на преносникот