Рубрика: Енергетика
Дигитални близнаци за интеграција на обновливи извори на енергија: Проект GOTOTWIN
Објавено на 23.03.2025 - 20:45

Технологијата „дигитален близнак“ претставува револуционерен концепт кој ја трансформира индустријата преку создавање на виртуелни реплики на физички објекти, процеси или системи. Оваа технологија овозможува симулација, анализа и оптимизација на реални сценарија без потреба од физички прототипови или експерименти. Дигиталните близнаци се создаваат со комбинирање на податоци од сензори, моделирање, аналитика на големи податоци и вештачка интелигенција, што овозможува прецизно моделирање и симулација на однесувањето на физичките објекти во реално време.

 

Што содржи дигиталниот близнак?

Дигиталниот близнак е составен од три клучни елементи: физичкиот објект или систем, неговата виртуелна реплика и податочната инфраструктура што ги поврзува. Физичкиот објект е опремен со сензори кои собираат податоци во реално време за неговото состојба, перформансите и однесувањето на околината. Овие податоци вклучуваат метрики како што се температура, притисок, вибрации, енергетска потрошувачка и слично. Виртуелниот модел, пак, е дигитална репрезентација на објектот, создадена со помош на софтверски алатки за моделирање. Овој модел ги имитира карактеристиките и однесувањето на физичкиот објект, а се ажурира во реално време врз основа на податоците од сензорите. Дополнително, дигиталниот близнак користи аналитика на големи податоци и вештачка интелигенција за да ги анализира податоците и да овозможи предвидување, оптимизација и подобрување на перформансите.

Како функционира дигиталниот близнак?

Дигиталниот близнак функционира преку континуирана интеракција помеѓу физичкиот објект и неговиот виртуелен модел. Прво, сензорите на физичкиот објект собираат податоци и ги пренесуваат до виртуелниот модел. Овие податоци се анализираат со помош на алгоритми на машинско учење и вештачка интелигенција, што овозможува прецизно моделирање на однесувањето на објектот. Виртуелниот модел потоа се користи за симулација на различни сценарија, како што се промени во дизајнот, условите на работа или надворешни влијанија. Оваа симулација овозможува предвидување на идни настани, откривање на потенцијални проблеми и оптимизирање. Во некои случаи, дигиталниот близнак може дури и да испрати команди до физичкиот објект за автоматско прилагодување на неговото работење, создавајќи затворен циклус на комуникација и управување.

 

Примена на дигиталните близнаци

Во производствениот сектор, дигиталните близнаци се користат за оптимизација на производните процеси,  одржување на машините и намалување на отпадот. Во градежништвото, тие овозможуваат симулација на перформансите на зградите, оптимизација на енергетската ефикасност и предвидување на потенцијални проблеми. Во здравството, дигиталните близнаци се користат за симулација на човечки органи, развој на персонализирани третмани и тестирање на медицински уреди. Во автомобилската индустрија, тие овозможуваат симулација на перформансите на возилата, тестирање на автономни системи и оптимизација на дизајнот. Во логистиката и транспортот, дигиталните близнаци се користат за оптимизација на рути, предвидување на однесувањето на флотите и подобрување на ефикасноста на синџирите на снабдување.

Во енергетскиот сектор, дигиталните близнаци играат клучна улога во интеграцијата на обновливи извори на енергија, овозможувајќи поефикасно управување со производството, дистрибуцијата и потрошувачката на енергија. Тие овозможуваат оптимизација на енергетските мрежи, предвидување на однесувањето на системите во различни временски услови и идентификација на потенцијални проблеми пред истите да се појават. Со употреба на вештачка интелигенција и машинско учење, дигиталните близнаци можат да се прилагодуваат на промените во реално време, да ги оптимизираат перформансите и да обезбедат стабилност и сигурност на енергетските системи. Технологијата овозможува намалување на оперативните трошоци и подобрување на целокупната ефикасност на енергетските инфраструктури. Дигиталните близнаци нудат и можност за обука и симулација на сложени операции, овозможувајќи им на операторите да се запознаат со различни сценарија и да ги подобрат своите вештини.

 

ФЕИТ и проектот GOTOTWIN

Во контекст на овој технолошки напредок, проектот GOTOTWIN, инициран од Факултетот за електротехника и информациски технологии (ФЕИТ) при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, претставува значаен чекор кон имплементација на дигитални близнаци во Јадранско-Јонскиот регион. Со буџет од 1,7 милиони евра, финансиран преку програмата Interreg IPA ADRION, GOTOTWIN има за цел да развие и имплементира софистицирани компјутерски модели кои ги реплицираат реалните енергетски системи, со цел да се забрза интеграцијата на обновливи извори на енергија. Проектот вклучува партнерство со 6 институции и 9 придружни партнери од регионот, а неговите активности вклучуваат формирање на регионални „живи лаборатории“ за тестирање на дигиталните близнаци во реални услови, како и создавање на регионална мрежа на компании и институции за размена на знаења и соработка. GOTOTWIN активно учествува на саеми и симпозиуми, како што се ЕНЕРГО ТЕХНОМА, CIGRE 2024 и Telfor 2024, за да ги презентира своите резултати и да промовира соработка.

 

Контакт: https://gototwin.interreg-ipa-adrion.eu/

Клучни зборови: