Рубрика: Електроника
SWR-метар за долги бранови
Автор: Дејан Трајковски, Z31RQ
Објавено на 11.03.2025 - 18:15

Поглед во внатрешноста на SWR метарот според Sontheimer.

SWR-метар – рефлектометар за долги бранови претставува важен дел од радиостаницата за фреквентното подрачје од 136 kHz, односно за долги бранови (LF). Ниту еден предавател не би требало да емитува „на слепо“, без индикација на коефициентот на стојни бранови, односно рефлектираната моќност од антената поради неприлагоденост на нејзината импеданса на импедансата на преносната линија.

Во случај на прилагоденост, напоните и струите патуваат по преносната линија во вид на прогресивни синусоидни бранови, чија амплитуда е константна. Но, во случај на неприлагоденост извесен дел од моќноста се рефлектира од антената и патува наназад по преносната линија, па заедно со прогресивниот бран формира стоен бран, што се манифестира преку мевови и јазли на струјата и напонот по преносната линија. Рефлектираната моќност конечно пристигнува до предавателот и таму се претвора во топлина, па доколку таа е преголема, може да доведе и до негово прегорување.

Поглед на предната плоча од SWR метарот. Скалите не се калибрирани, но тоа не е ни неопходно, бидејќи е битен само количникот Uref/Ufwd, од каде се пресметува коефициентот на рефлексија Г и коефициентот на стојни бранови SWR.

На долги бранови ова е особено голем проблем, бидејќи сериската намотка за прилагодување на антената (loading coil) во текот на емитувањето дисипира големо количество топлина. Степенот на корисно дејство на кратките антени за долги бранови изнесува одвај околу 0,1%, односно 99,9% од моќноста се претвора во топлина, што од друга страна предизвикува издолжување на жицата и промена на индуктивноста, а ова резултира со неприлагоденост и појава на стојни бранови. Доколку го имав овој инструмент при првите експерименти на долги бранови, на време ќе спречев горење на излезниот степен на предавателот.

Постојат разни конструкции на SWR (Standing Wave Ratio) метри, но воглавно се базирани на насочени спрежници (directional coupler) од преносни линии или пак се изведени со трансформатори. На долги бранови првата варијанта не доаѓа предвид, бидејќи инструментот би требало да биде долг неколку метри. Поради тоа е применет SWR мерен мост според Зонтхајмер (Sontheimer), со еден струен (TR1) и еден напонски (TR2) трансформатор, што ги мерат линиската струја и напон во преносната линија.

Шема на SWR мерниот мост според Зонтхајмер (Sontheimer)

Освен што конструкцијата е едноставна и збиена, таа не бара никакви компензации со променливи кондензатори, ниту кондензатори за висок напон, а може да се корист и за поголеми моќности. Доколку на излез инструментот се терминира со отпор RL = 50 Ω, тогаш инструментот не покажува никаква рефлектирана моќност, односно SWR=1.

Доколку прилагодувањето е идеално, напонот на излезот од струјниот трансформатор е еднаков со напонот на излезот од напонскиот трансформатор, односно I*R/Ns=U/Ns, каде R = R3||R4 = R8||R9 = 50 Ω. Нивниот количник во случај на совршено прилагодување изнесува U/I=R. U и I се напонот и струјата од моќноста на предавателот нанапред.

Шема на склопот за индикација

Можеби не е очигледно на прв поглед, но двата напони, од струјниот и напонскиот трансформатор (во против-фаза) се собираат на отпорот R3||R4, а се одземаат на отпорот R8||R9. Многу е важно да се внимава на правилно фазирање на трансформаторите, односно конвенцијата со точка (dot convention), односно секоја чица што влегува во отворот од торусот одгоре да се означи со точка.
При идеално прилагодување на импедансата на антената на импедансата на преносната линија (товарот), т.е. Z
L=Zo, двата напони на секундарите од TR1 и TR2 (вториот завртен за 180 степени) собрани се поништуваат, односно Uref=0, па ќе биде Г=0 и SWR=1. Во случај на неприлагоденост на импедансите ZL и Zo, мерниот мост ќе покаже резултантен напон Uref различен од нула.
Слично, иако помалку очигледно, на отпорот R8||R9 = 50 Ω имаме разлика на напоните на излезот од струјниот и напонскиот трансформатор, а овој напон (Ufwd) ни претставува индикација на моќноста нанапред. Со помош на напоните Vfwd и Vref потоа пресметуваме коефициент на рефлексија Г и коефициент на стојни бранови SWR.

Поглед на десната страна од инструментот

Со дадените трансформатори инаку овој инструмент многу добро би работел и на фреквентното подрачје од 472 kHz (средни бранови, 630 m), доколку биде одобрено во Македонија. Десно е плочката со диодите за исправање на струите и заштитните диоди, а долу се двата инструменти за индикација на напоните Ufwd и Uref.
Инаку, доколку наместо напонскиот трансформатор TR2 се примени капацитивен делител на напон, се добива шемата на SWR метар според Бруене (Bruene).

Шемата на склопот за индикација не содржи ништо особено, единствено треба да се внимава диодите D1 и D2 да имаат мал пад на напонот во пропусната насока и да имаат доволно висок сопирен напон. За таа цел се употребени Шотки диодите BAT41, за максимален напон од 100 V, а можат да се употребат и поиздржливи германиумски диоди 1N270 или OA91.

Поглед на задбата страна од инструментот

Со потенциометрите се врши баждарење на мерните подрачја, односно изедначување на индикациите за Ufwd и Uref. Диодите D3...D8 имаат само заштитна функција за инструментите, микроамперметри. Скалите на инструментите не се баждарени во SWR единици, туку даваат индикација на напоните нанапред и наназад (Ufwd и Uref), од кои може да се пресметаат моќноста нанапред и рефлектираната моќност. Од коефициентот на рефлексија Г=Uref/Ufwd, што инаку претставува мерка на неприлагоденоста на импедансата на товарот (антената) ZL кон карактеристичната импеданса на преносната линија Zo, односно Г=(ZL-Zo)/(ZL+Zo), можеме да го пресметаме коефициентот на стојни бранови SWR=(1+|Г| ) / (1-|Г| ).

Со левиот преклопник се одбира мерно подрачје за моќноста, а со потенциометарот десно се подесува полн отклон за Ufwd при дадена моќност, со цел на десниот инструмент да се отчита Uref и оттука да се пресметаат Г и SWR.

Како и секогаш, не смееме да дозволиме работа на предавателот при SWR>2, а треба да се потрудиме прилагодувањето да биде што е можно подобро, односно SWR близок до 1,0.

Поглед во внатрешноста на SWR метарот според Sontheimer.

Како изгледа изработениот SWR метар може да се види од приложените фотографии. На фотографијата од внатрешноста на уредот може да се видат сите главни елементи. Горе лево се гледаат струјниот (TR1) и напонскиот (TR2) трансформатор, чиј примар има само една намотка, односно жицата само поминува низ отворот. Секундарите имаат подеднаков број на навивки, Ns=25. Јадрата се феритни, тип FT141-43 и при дадениот број на навивки се добри за моќност до 500 W. За поголема моќност би требало да се употребат поголеми јадра. Крајно десно, во ѕидот од кутијата се преклопникот за мерното подрачје на моќноста и потенциометарот за подесување на полн отклон на Ufwd, заради отчитување на Uref. Да напоменам дека скалите на индикаторите не се калибрирани, но тоа не е ни неопходно, бидејќи е битен само количникот Uref/Ufwd, од каде се пресметува коефициентот на рефлексија Г и коефициентот на стојни бранови SWR.

Во десниот конектор од задната страна се приклучува предавателот (TX), а во левиот се приклучува антената (Ant). Доколку предвателот се приклучи во Ant, а антената во TX, тогаш десниот инструмент ќе прикаже моќност нанапред, а левиот моќност наназад (блиску до нула). Ова претставува и проверка на инструментот, но и баждарење за рефлектираната моќност

Инструментот очигледно правилно работи, бидејќи при правилно терминиран излез со RL=50 Ω и моќност нанапред (кон антената) од 3 W, наназад не се враќа ништо. Доколку двата трансформатори TR1 и TR2 се правилно фазирани (dot convention за навивките), тогаш ова се постигнува автоматски, што не е случај со другите видови на SWR метри.

Подетален опис на принципот на работа може да се најде тука, а видео со убаво објаснување може да се види на видеото подолу.

Клучни зборови:
Поглед во внатрешноста на SWR метарот според Sontheimer.

Поглед во внатрешноста на SWR метарот според Sontheimer.

Поглед на предната плоча од SWR метарот.

Поглед на предната плоча од SWR метарот.

Шема на SWR мерниот мост според Зонтхајмер (Sontheimer).

Шема на SWR мерниот мост според Зонтхајмер (Sontheimer).

Шема на склопот за индикација.

Шема на склопот за индикација. 

Поглед на десната страна од инструментот.

Поглед на десната страна од инструментот. 

Поглед на задбата страна од инструментот

Поглед на задбата страна од инструментот