Рубрика: Информатика
Европа заостанува во сферата на вештачката интелигенција
Автор: Ива Зафировска
Објавено на 14.02.2025 - 13:30

Вештачката интелигенција се развива во САД, каде што се инвестираат стотици милијарди долари. Кина ги следи нивните стапки. А каде е Европа?

Акцискиот самит за вештачка интелигенција (AI Action Summit) што неделава, од 10 до 11 февруари се одржа во Париз вклучи многу истакнати учесници – се собраа шефови на држави и влади, лидери на меѓународни организации и компании, научници, уметници и претставници на граѓанското општество.  Самитот се одржа во Гранд Пале, една од арените на минатогодишните Олимписки игри.

Во секторот за вештачка интелигенција (ВИ) моментално доминираат американски корпорации, но како што покажа и неодамнешното изненадување DeepSeek, на ова поле не заопстануваат ниту кинеските компании. Европа, од друга страна, значително заостанува.

Така, американската корпорација Амазон оваа година најави инвестиции од околу 100 милијарди долари во инфраструктура за вештачка интелигенција. Побарувачката на ИТ клиентите за ресурси во овој сектор е толку висока што AWS, одделот за облак услуги на Amazon, веќе има проблеми со капацитетот, вели извршниот директор на Amazon, Енди Џеси, па оттаму не изненадува што само во последниот квартал, компанијата инвестираше повеќе од 25 милијарди евра во својата инфраструктура.

Пред само неколку недели, кинескиот DeepSeek предизвика бура во светот на вештачката интелигенција. Големиот јазичен модел на компанијата изгледа исто толку моќен како и нејзината американска конкуренција, но беше развиен за значително помалку пари и со помалку технички ресурси.

За разлика од ChatGPT, четботот на американската компанија OpenAI, алгоритмот на DeepSeek не е таен, туку е слободно достапен, со отворен код.

Иако е тешко да се предвиди иднината на DeepSeek како компанија, структурните ефекти се чини дека се доста далекусежни“, рече инвеститорот Санџот Малхи, според Ројтерс.

Едно од клучните прашања што го постави DeepSeek е дали воопшто вреди да се инвестираат милијарди долари во вештачка интелигенција во САД.

Каде е Европа на ова поле?

Франција планира свој проект за вештачка интелигенција. Според официјалните најави, најголемиот кампус за вештачка интелигенција во Европа треба да се создаде во Париз. Срцето на овој проект ќе биде огромен центар со сопствен, моќен енергетски систем. Планирани се инвестиции од „30 до 50 милијарди евра“, а во финансирањето ќе учествуваат и Обединетите Арапски Емирати, се вели во соопштението од Елисејската палата.

Истовремено, своето присуство во Европа го проширува и американската компанија OpenAI. По Лондон, Даблин, Париз, Брисел и Цирих, Минхен ќе стане првиот германски град во кој тие ќе отворат своја канцеларија.

Како земја позната по своето техничко знаење и индустриски иновации, не е изненадување што Германија е светски лидер во користењето на вештачката интелигенција“, рече основачот на OpenAI Сем Алтман за време на посетата на Германија.

Според дневниот весник Франкфуртер Алгемајне Цајтунг (Frankfurter Allgemeine Zeitung)(, Германија е земја со најмногу претплатници на ChatGPT во Европа и една од трите водечки земји во светот во овој поглед.

Во САД веќе нема регулација за развој на вештачка интелигенција. Претседателот Трамп ги укина прописите што ги воведе неговиот претходник Џо Бајден, веднаш по преземањето на функцијата. Меѓутоа, во Европа, барањата за државна регулација стануваат сè погласни. Пред почетокот на самитот во Париз, околу 100 научници од 30 земји предупредија дека новата технологија може да доведе до „губење на контролата“ со драматични последици.

На Европа ѝ треба сопствена инфраструктура со отворен код, вели Аксел Науман, германски физичар кој живее и работи во Швајцарија и кој се залага за развој на етичка и одржлива ВИ, но и за анализа на нејзиното влијание врз иновациите, транспарентноста и довербата. Целта, посочува тој, е „да им се покаже на европските компании и институции дека има смисла да инвестираат заедно и заедно да уживаат во плодовите на софтверот со отворен код“.  Но, ова бара инвестиции, на пример во „приспособување на административните процеси, приспособување на производите, промовирање на софтвер со отворен код и советување политика и индустрија“.

Тој ја формулира својата визија за дигиталната иднина на Европа на следниов начин: „Визијата мора да биде дека Европа суверено складира и обработува сопствени податоци, дека нашиот софтверски екосистем ги одразува нашите вредности“.

Во иднина повеќе не смее да се случува Европа само да се приклучува кон другите и потоа да  плаќа за правата за лиценцирање. Европа мора, вели Науман, „координирано да се рефокусира на заедничкиот развој на производи со отворен код“.

Сепак, како што тој заклучува, за каков и да е напредок во доменот на ВИ: „За тоа ни треба инфраструктура која допрва треба да се изгради“.

Клучни зборови: