Рубрика: Информатика
Трамп ја одложи забраната на ТикТок во САД на 75 дена
Автор: Ива Зафировска
Објавено на 21.01.2025 - 13:00

Меѓу актите потпишани вчера од американскиот  претседател во текот на првиот ден од неговото второ претседателствување, се најде и оној што се однесува на популарната социјалната мрежа и апликација за споделување видео содржини ТикТок.

Како што веќе е познато минатата година апликацијата доби забрана за работа во САД којашто требаше да започне да се применува почнувајќи од 19 јануари. Токму поради ова во текот на неделниот ден платформата стана на моменти недостапна за Американците што ја користат.

Но, уредбата потпишана од Трамп го упатува јавниот обвинител да го одложи спроведувањето на  законот со цел „да ѝ се даде можност на администрацијата на Трамп да одреди соодветен курс на дејствување во врска со TikTok“. Новиот американски претседател, истовремено му наложи на Министерството за правда да испрати писма до компаниите како Епл, Алфабет (Гугл) и Орикл, кои соработуваат со ТикТок во кои се наведува дека “нема прекршување на прописите и дека нема одговорност за какво било однесување што се случувa во горенаведениот период".

Запрашан за ефектот на уредбата за ТикТок, Трамп одговорил дека: „Таа само ми дава право да го продадам или да го затворам“, додавајќи дека мора да донесе одлука.

Врховниот суд на САД во петокот го потврди законот со кој се бара од сопственикот на ТикТок, БајтДенс (ByteDance) да ја продаде популарната платформа на американски партнер  или, во спротивно, да се соочи со забрана за дистрибуција и користење во земјата, почнувајќи од 19 јануари 2025, сѐ поради загриженост за националната безбедност.

Од БајтДенс засега одбиваат да го продадат својот деловен скапоцен камен, иако веќе имаат повеќе понуди.

ТикТок е една од најпопуларните социјални мрежи во САД, со околу 170 милиони американски корисници што изнесува приближно половина од вкупното население. Добар дел од овие корисници е многу млади луѓе.

Фактот што ТикТок е во кинеска сопственост веќе со години е трн во окото на американските власти. Имено, САД веруваат дека кинеската контрола врз ТикТок претставува „сериозна закана за националната безбедност“ и дека Кина се обидува преку платформата да собере огромни количини чувствителни податоци за Американците што ќе ѝ овозможат тајно да манипулира со јавното мислење. САД тврди и дека Кина ги принудува компаниите како БајтДенс на премолчено споделување на корисничките податоци од платформата со кинеските власти како и на спроведување на директивите на кинеската влада.

САД сметаат дека огромната податочна база на ТикТок претставува моќна алатка којашто кинеската влада би можела да ја користи за вознемирување, регрутирање и шпионажа, и дека Кина „може да го користи ТикТок како оружје за да им наштети на САД“.

Клучни зборови: