Рубрика: Астрономија и астронаутика
Денес сите ние заедно со нашата планета Земја сме најблиску до Сонцето!
Автор: Миле Кокотов
Објавено на 04.01.2025 - 19:30

Денес се наоѓаме во точка од орбитата на Земјата околу Сонцето, која се нарекува перихел и сме најблиску до Сонцето, оддалечени од него „само“ 147,1 милиони километри!

На почетокот од јули, Земјата ќе биде најдалеку од Сонцето. Таа точка, кога сме најдалеку од Сонцето се нарекува Афел. Кога Земјата е во Афел, растојанието до Сонцето е 152,1 милиони километри, односно 5 милиони километри подалеку од денес.

Разликата во растојанието од Земјата до Сонцето кога Земјата е најблиску и најдалеку од Сонцето е околу 3,3% и нема значително влијание врз сезонските промени на Земјата, кои главно се резултат на наклонот на Земјината оска.

Перихел и афел се два астрономски термина што се однесуваат на орбитата на небесните тела околу Сонцето. Притоа, перихел е точката во орбитата на небесно тело кога тоа е најблиску до Сонцето. Во таа точка, телото се движи со најголема брзина поради гравитацијата според законите на Кеплер. Точното растојание и време кога Земјата ќе биде во перихел, варираат од година во година. Но, Земјата го достигнува својот перихел околу 3 до 5 јануари секоја година.

Афел е точката во орбитата на небесно тело кога тоа е најдалеку од Сонцето. Во оваа точка, телото се движи со најмала брзина. Земјата го достигнува својот афел околу 4 до 6 јули секоја година.

Овие точки се резултат на елиптичната форма на орбитите на планетите според првиот закон на Кеплер.

 

п.с. Поради перихелната положба, Сонцето овие денови одлично се гледа и фотографира со послаби оптички инструменти кои имаат заштита и филтри (може и темна, неупотребена филм-фолија или тенка алуминиумска фолија).

Клучни зборови: