Денот Д за префрлување на радио и ТВ сигналите од Новиот радио-телевизиски дом беше 27 септември 1986 година, во 24 часот. И покрај сите направени подготовки, секогаш се поставуваше прашањето дали ќе се појават некои непредвидени технички проблеми и колкав ќе биде прекинот на програмата. На општо задоволство, прекинот на програмата беше само неколку секунди. Тоа беше факт што сите нас кои во тие моменти учествувавме во потфатот нè направи особено горди.
Изградба на зградата со музички студија (РМС) и нивно опремување со техника
Иако радиото доби релативно пристојни услови за работа, сместувањето на Радио-телевизија Скопје во Нерези било од привремен карактер. Затоа уште во 1965 година започнале подготовки за лоцирање и изградба на нов, модерен и современ радио-телевизиски центар што би создал услови за квалитетна и професионална работа. Подготовките траеле десетина години. Најпрво биле собирани и проучувани искуствата на други центри од земјата и од странство. Потоа била изработена програма за изградба, а во 1971 година била формирана посебна служба за проектирање и надзор на радио-телевизискиот дом. На 29 ноември 1974 година започнала неговата изградба. Изградбата се одвиваше во фази. Во првата фаза од изградбата на новиот РТВ дом беше и објектот за радио музичките студија (РМС) кој содржи 5 музички студија, режии, ехо-простории, сала за преслушување, машинска хала, работни и други придружни простории со вкупна површина од 8740 квадратни метри. На крајот на 1978 година, овој дел беше завршен и ставен на користење на радиото (слика 1).
Слика1: На крајот на 1978 година, делот на радиото наречен РМС (радио-музички студија) беше завршен и ставен на користење на радиото
По опремувањето со неопходната техника на една режија и студио некои редакции кои не беа толу врзани со програмата веднаш се преселија во новиот објект. Во овој сегмент РМС, она што беше планирано беше изградено според сите норми. Но тоа беше објект главно наменет за Музичката продукција на РТС што во тој момент беше во состав на радиото.Значи беа формирани следните продукциски капацитети:
Слика 2: Студиото М1 се наоѓа два спрата под нивото на земјата, наменето за снимање на сериозна музика и јавни настапи
Слика 3: Студио М2 наменето за снимање на забавна музика
Слика 4: Режија и студио М3 наменето за снимање на народна музика
Слика 5: Г2 – Режија за подготовка на говорно-музичка програма . Миксетата Siemens е префрлена од 'Новинарското Студио' од Нерези
Слика 6: Акустички обработена сала за преслушување
Интересно е да се напомене дека осмислувањето на градбата на режиите и студијата, и проектот за нивната акустика е дело на наши инжинерски кадри. Во прв ред, на инженерот-акустичар Крсто Ристевски, кој бил во оваа средина од нејзиното формирање, и архитектите Трајко Трајковски и Вангел Божиновски. Овие студија се градени како “соба во соба”, со посебни системи за амортизација, така што ги задоволуваат високите норми за квалитетна акустичка изолација од надворешна бучава, како и нормите од висококвалитетна просторна акустика. Поради вградениот специјален изолациски материјал, ваквата градба е дури 10 пати поскапа од обичната станбена градба. Инаку, акустиката и студијата се навистина гордост за куќата и се пофалени од сите стручни лица што ги посетиле овие простории.
Освен извонредните просторни услови, беше неопходно да се набави и најсовремена техника за музички снимања. Во тоа време (седумдесеттите и осумдесеттите години на XX век) покрај квалитетен технички кадар, во радиото пристигнува сè повеќе млад инженерски кадар, кој ќе го даде својот придонес токму во овој момент, при набавката на квалитетна и современа технолошка опрема. За таа цел, формирано е Одделението за развој и распишан е меѓународен оглас за набавка на нова опрема. Група инжинери извршија повеќе посети на саеми, други радио телевизиски центри и производители на опрема, со цел да се запознаат со најновите технологии во тој момент. Во овој проект од техниката на радиото најмногу беа вклучени инжинерите Петар Лагудин, Љубе Георгиевски, Александар Ефнушев и Јордан Петровски како тогашен раководител на Секторот за Студиска техника. До тој момент, опремата во радиото беше главно од познатите европски производители Siemens, Telefunken, Studer, EMT. Повеќеканалното снимање го завзема своето место во продуцирањето на музиката, а една речиси непозната компанија од Флорида, САД, прави револуција во начинот како да се реализира тоа.Тоа е фирмата MCI, која едноставно речено, во една миксета сместува функционалности од две. Во фазата на снимање, каналскиот дел служи за проследување на аудиосигналите кон повеќеканален магнетофон, а мониторскиот дел за правење приближна звучна слика за преслушување. Во втората фаза, ремиксот, се оформува финалната звучна слика од страна на продуцентот и тон-мајсторот и од повеќеканалната матрица се прави стерео звучна слика сместена само на два канала – лев и десен.
Сепак, во тоа време да се донесе одлука да не се земе опрема од сигурните европски партнери, туку од некоја далечна американска компанија, беше повеќе од храбро. Иднината потврди дека одлуката беше правилна – MCI стана врвна светска компанија за производство на опрема за музичка продукција. Тоа беше најголемата набавка на опрема во историјата на радиото:
Секоја режија на музичките студија беше опремена со по една 24 канална миксета MCI (JH-500), а во режијата или машинската соба имаше по еден повеќе канален магнетофон (24 или 8 канален) и два или три двоканални т.е. стерео магнетофони. И секако по два мониторски звучници и други додатни уреди како еквилајзери, вокал стресери, електронски реверберациони единици и слично (слика 7).
Слика 7: Секоја режија на музичките студија беше опремена со по една 24 канална миксета MCI (JH-24), а во режијата или машинската соба имаше по еден повеќе канален магнетофон (24 или 8 канален) и два или три двоканални т.е. стерео магнетофони
По монтирањето на целокупната техника и пуштањето во работа, овие музички студија беа магнет за многу музички групи и вокални солисти кои сакаа да продуцираат музика токму во нив. Под раководство на инж. Петар Лагудин техничарите Драган Стефановски, Љупчо Секуловски, Слободан Трајковски и столарот-акустичар Милан Чанкулов многу квалитетно ја завршија својата задача оклу инсталирање и поврзување на целокупната опрема. Во наредните години, во студијата се работеше во три смени. Доволно е да се напомене дека и култната група од тогашната СФРЈ, “Бјело дугме” нимаше музика за еден свој албум во студиото за забавна музика М2. Тука е настаната и песната “Липе цвату”, во својот дефинитивен облик со уфрлување на карактеристичен македонски ритам (1984 г.). Ваквите извонредни услови за работа беа комплетирани и со врвните музички тон-мајстори кои работеа во режиите и кои имаат освојувано вредни награди на натпреварите за тонски снимки во Нови Сад (ТАКТОНС), Раденци и Охрид.
• Милка Герасимова, народна и забавна музика (втора награда во Раденци во 1978 и 1982, трета награда ТАКТОНС 1983 и награда за највисок пласман на ТАКТОНС, 1988 во Нови Сад) (слика 13)
• Цветан Паунов, сериозна музика;
• Анастас Панајотов – Таше, народна и забавна музика (слика14)
• Јордан Цаневски - Дане, народна и сериозна музика (почнувајќи од 1971 до 1976, има 6 последователни награди на ТАКТОНС во Нови Сад во категоријата “Изворна народна музика”, прва награда на ЈРТ во Охрид, 1979, прва награда ТАКТОНС за најдобра снимка во категоријата “Народна музика” во 1987 година и во категоријата “Сериозна музика” во 1989 година) (слика 15)
• Светлана Марковиќ Георгиевска, забавна музика;
• Братислав Зафировски – Брацо, забавна музика;
• Ѓорѓи Христовски – Жорж, забавна и сериозна музика;
• Исмаил Авдуловски – Џо, народна музика;
• Томислав Димитриевски, драма и народна музика.
За да се заокружи процесот на развој во продуцирањето на македонската музика, иако хронолошки малку подоцна (1990 година), не може да се заобиколи формирањето на Одделението за касетна продукција (слика 8). Појавата на првите аудиокасети, како најкомерцијални носачи на звук во тој период, неминовно доведе до потребата да се набави техника за мултиплицирање на касетите.
Слика 8: За да се заокружи процесот на развој во продуцирањето на македонската музика во 1990 година се формира Одделението за касетна продукција
Нашиот избор беше комбинација од четвороканален магнетофон TELEFUNKEN за добивање матрица, снимач на таканаречените ,,пити” од компанијата LYREK и полнач на касети од компанијата TAPEMATIK. Во корелација со фестивалите за популарна музика, Мак фест и Фолк фест Валандово, нивните изданија беа произведени во фантастични тиражи од по неколку стотина илјади касети.
Завршување на градбата на Новиот РТВ дом
Со привршувањето на изградбата на телевизискиот дел и кулата, се наметна прашањето на комплетна преселба на РТС во новиот радиотелевизиски објект. За жал, делот што во планот се нарекуваше радио драмски и говорни студија (РДГ ) и означуваше објект во кој требаше да се сместат радио драмските студија, режиите и студијата за подготовка на говорно-музичката програма и режиите за емитување на програмата заедно со новинарскиот деск не беа изградени. За радиото ова беше многу неповолен момент, бидејќи беше јасно дека тие никогаш и нема да бидат изградени. Иднината го потврди ова, никогаш понатаму немаше доволно финансии за завршување на овој технолошки, можеби и најважен дел за радиото. Залудни беа аргументираните противења на членовите на Централниот работнички совет од ООЗТ Радио (Ангел Варналиев и Димац Митковски) и тогашното раководство на радиото. Имаше директива целата РТС да се пресели целосно во Новиот РТВ дом. Секако мораше да се реши оваа ситуација. Каде да се сместат радиските студија т.е. “срцето” на радиото?
Слика 9: Програмските режиии и студија беше планирано да се сместат во делот на телевизиската зграда наречен ТВ 7. Од лево кон десно: На сликите се режиите на а) Првата програма на Македонското радио – Радио Скопје и б) Втората програма – Радио 2. в) Помалите музички студија М4 и М5 се пренаменија во драмски. Во драмското М5 се снимаше култната хумористична емисија ,,Хихирику''. Најпрво ја снимаше Бесим Кека, а потоа Владимир Дедиќ (на сликата)
Соломонското решение беше следното:
• Помалите музички студија М4 и М5 се пренаменија во драмски (слика 9а/9б);
• Емитувањето на програмата беше сместено во делот на телевизијата ТВ7, во проектирани тонски телевизиски студија наменети за синхронизација (слика 9в). И ден-денеска нивната оддалеченост од радиските редакции сместени во друга зграда прави проблем.
• За подготовка на програмата, значи за снимање на текстовите, монтажа и музичка илустрација на емисиите, покрај професионално проектираните Г1 и Г2, беа додадени уште пет импровизирани мали режии со спикерни адаптирани во поширок ходник, кои не се она што би требало да бидат според ниедни стандарди (слика 10).
• Фонотеката да се смести во ТВ делот наречен ТВ6 (исто во зградата на телевизијата)
• Фоно документацијата да биде на 5 спрат во кулата
Според овој план се одвиваа понатамошните продготовки за преселба.
Слика 10: Пет режии и студија за припремање на говорно музичка програма се сместени во адаптирани простории и опремени со миксети Studer 089 и по 4 магнетофони Telefunken M-21
Преселба во Новиот РТВ дом. Денот Д беше одреден: 27 септември 1986
За преселбата беше направен посебен план. Тоа беше навистина технолошки многу комплицирана операција. Стануваше збор за префрлување на старата опрема на нов простор, во новиот РТВ дом, а притоа програмата мораше непречено да се одвива. Најкомплициран дел беше префрлувањето на главната режија, бидејќи тоа е единствениот компактен дел според својата функција. За нејзиното префрлање беше изработено помошно преспојно поле, кое ја замени во функцијата на локацијата во Нерези. Дури тогаш можеше старата опрема да се демонтира и повторно да се монтира во Новиот РТВ дом. Префрлувањето на режиите беше поедноставно и се вршеше една по една, бидејќи имаше резервни режии. Секако, постоеше ризикот да се работи без резерва.
Преселбата можеше да се изведе и од причини што во секторот Техника постоеше квалитетен и високопрофесионален инжинерски и техничарски кадар. Во тие моменти, во секторот беа вработени 13 инженери, а во Одделението за одржување, кое учествуваше во монтажата и 8 многу квалитетни техничари. За радиската технологија беа направени три групи за монтажа, кои беа задолжени за одреден сегмент, и тоа:
• Група за монтажа на главната режија и нејзино поврзување со центарот за врски (терминалот);
• Група за монтажа на режиите за емитување на програмата;
• Група за монтажа на режиите за подготовка на говорно-музичката програма;
Координатор и раководител на целиот проект беше Петар Лагудин, дипл. инж. раководител на Одделението за равој. Групите покрај редовните работни обврски продолжуваа да работат дополнителни дозволени 4 часа прекувремена работаа. И така беше секој ден во траење од неколку месеци, некаде од мај до септември.
Многу сериозна задача имаше и делот на МРТ задолжен за врски. Тие мораа да воспостават паралелни системи за врски, и од локацијата во Нерези и од Новиот радиотелевизиски дом. Посебна приказна беше качувањето на антенските параболи на врвот од кулата. Бидејќи параболите не можеа да се качат на друг начин, беше монтирана посебна дигалка на врвот, со која задачата беше извршена и покрај големиот ризик.
Денот Д за префрлување на сигналите од новиот радио-телевизиски дом беше 27 септември 1986 година, во 24 часот. И покрај сите направени подготовки, секогаш се поставуваше прашањето дали ќе се појават некои непредвидени технички проблеми и колкав ќе биде прекинот на програмата.
На општо задоволство, прекинот на програмата беше само неколку секунди. Тоа беше факт што сите нас кои во тие моменти учествувавме во потфатот нè направи особено горди. Во следните месеци преостануваше да се префрлат преостанатите студиски капацитети и потполно да се напушти локацијата во Нерези. Постепено, радоста и еуфоријата дојдоа во нормала, а работата во новите простори го поприми вообичаениот секојдневен тек.
МРТ беше активен член на ЈРТ и EBU. Согласно тоа имаше и одредени програмски обврски. Една од нив беше и организирање концерт во рамките на EBU за радио, кој ќе ги презентира музичките особености на земјата-домаќин. Настанот требаше да биде реализиран на 24.10.1988 година, во салонот на Македонската опера и балет, и директно да биде пренесуван од нејзините членки. Токму тој факт укажуваше на какво ниво треба да биде пренесен овој музички настан и колкава е одговорноста на техниката на радиото. Беа ангажирани сите расположливи технолошки и кадровски капацитети што ги имавме на располагање. Мораше да се направи детален план за работа, согласно многу прецизно направената сатница. И секако, тоа добро да се увежба. Беа изнајмени од телекомот посебно квалитетни музички канали, кои пренесуваа фреквентен опсег на сигналот до 15 KHz. Од страна на EBU имаше пропишано посебна процедура за мерење на квалитетот на аудиосигналите и квалитетот на линиите. Се правеа и проби со изведувачите. Ваквите подготовки резултираа со еден навистина извонредно квалитетен пренос, речиси до крајот на настанот. Кога на сцената се појави Влатко Стефановски и ја зеде гитарата во рацете, се појави такво непријатно “крчење”, што во тие неколку секунди мислевме дека преживуваме катастрофа. Сепак, Влатко набргу се снајде, сфати дека проблемот е во лошиот контакт на “џекот” што влегуваше во гитарата. Со новото внесување на “џекот” во лежиштето, сè се смири, и музичкиот настан продолжи како што требаше. За реализација на овој пренос, техниката доби одлични коментари од EBU. Дури и беше речено дека ако не се појавел проблемот со “џекот” на гитарата, ќе мислеле дека се работи за снимка. Вака се покажало дека настанот се одвива навистина “во живо”.
Почетоци на дигитализацијата на радиото
Првите проблеми со намалените инвестиции во радиото настанаа поради финансиската криза со не собирањето на претплатата. Потоа дојдоа раководни структури на чело на куќата кои беа со убедување дека нема многу потреба од радиото. Трето раководството на МРТ главно беше свртено кон инвестициите во телевизијата која исто така имаше стара аналогна опрема. Таму многу бргу се менуваа различните формати и дојде момент кога законски мораше да премине не само на дигитална продукција туку и на комплетно дигитално емитување. Радиото се уште нема законска обврска да премине на дигитално емитување иако во многу земји е воведен системот DAB ( Digital Audio Broadcasting ) или DRM (Digital Radio Mondiale), а некои од скандинавските земји аналогното емитување веќе го имаат напуштено.
Така се случуваше некои години во инвестициите за радио, графата да биде – нула денари. Но изгледа радиото излезе доста отпорно на сето ова. Слободно може да се заклучи дека радиото на некој начин само се снаоѓаше за обезбедување на инвестициите, преку добивање донации, кои значеа колку толку постепена замена на старата аналогна технологија со современата дигитална.
Благодарение на одличната соработката со Радио Deutsche Welle, па и со BBC преку нивните редакции на македонски јазик добивавме некои донации кои многу ни помогнаа да навлеземе во светот на дигитализацијата.
Слика 11: Свеченост по повод вклучувањето на емисијата на Радио DW на македонски јазик на Првиот програмски сервис на Македонското радио - Радио Скопје (добиена преку сателитски приемник) и емитувана на новиот СБ предавател од 1200 KW. Од лево на десно: инж. Димац Митковски (пом. на директорот на МР за техника, Љупчо Тридуновски (водач на смена во Главната режија), инж. Љубиша Ѓорѓевски (Директор на Македонска радио дифузија), Dieter Weirich (Интендант на Радио DW), Антон Серечи (Директор на Македонското радио)
Со првата донација од Радио Deutsche Welle (2001, од 200.000 германски марки) беше набавен сервер Siemens-Fujitсu со меморија од 120 GB, неколку работни станици и софтвер “Dalet 5.1” со кој можеше и автоматски да се реализира програмата. Најпрво се направи база за музичките нумери од страна на музичките новинари која потоа ја користеа тон-мајсторите во изведба на програмата за правење на “play” листи. Исто така и говорните прилози, прилозите за вести, телефонските извештаи од приемниот центар се ставаа во серверот, а подоцна се превземаа на програма. Избраниот софтвер “Dalet 5.1” беше еден од најкористените во јавните радио дифузни сервиси во Европа, а и нашето искуство со него беше многу задоволително. Секако подоцна имаше негова надградба и се појавија понови верзии кои за жал не можевме да ги следиме поради финансиски причини. Со него работеа Првата програма на МР – Радио Скопје и програмата на Радио Македонија. Овој момент беше важен и за почетокот на дигитализацијата на фонотеката. Потребата налагаше постојано да се внесуваат нови нумери во базата на серверот која постојано се зголемуваше. Со оваа донација беа набавени и две дигитални миксети Soundcraft Rm 1d.
Бидејќи немавме доволно лиценци за работни станици Втората програма на МР – Радио 2 почна да користи слободен софтвер наречен “Jazler”, а Програмата на етничките заедници Win App. Дури подоцна со донација на турската владина организација ТИКА во режијата на Програмата на етничките заедници покрај дигитална миксета, сервер и неколку работни станици беше инсталиран нов софтвер за емитување програма Solea.
Најголема донација што беше важна за Македонското радио беше грантот добиен од Француската влада и Радио Deutsche Welle во вредност од милион и пол германски марки за набавка на нов среднобранов предавател и дигитална миксета што ја наменивме за Втората програма – Радио 2 .
Предавателот беше со моќност од 1200 KW (3 блока по 400 KW) и имаше можност и за дигитално емитување во системот DRM ( Digital Radio Mundial ) со докупување на одреден сегмент – кодер. Ова придонесе за значајно зголемување на чујноста на Првата програма - Радио Скопје и Радио Македонија (емитувана на среден бран после 19 часот и наменета за слушателите во соседните земји и во странство). Тоа можевме и самите да го констатираме преку писмата на слушатели и преку директните јавувања во програмата. Некои емиси, особено контактни музички, каде слушателите гласаа за некоја музичка нумера, ни се јавуваа слушатели преку мобилни телефони на пример кои возеле низ Северна Италија, Словенија, јужниот дел на Германија итн. Тие успевале да го најдат Радио Скопје на нивните радио приемници и се јавуваа директно во програмата.
Вредно е да се напомене и добивањето на нов сервер со капацитет од 4TB во 2008 година кој значајно ќе ја зголеми можноста за проширување на базата на Македонското радио (слика 12).
Слика 12: Големо беше нашето задоволство кога го добивме новиот сервер од 4 ТB (2008 г.). Од лево на десно Добри Крстевски, Живко Маневски, Љупчо Дебарлиев и Димац Митковски
Кога станува збор за слушаноста морам да го споменам и периодот кога имавме неверојатно многу јавувања на нашинците од Австралија. Имено радиото преку компанијата Унет како провајдер имаше многу рано своја WEB страна и стриминг на Првата програма преку интернет.
Во Австралија, можеби не потполно легално, нашата програма била симната и уфрлена во некој пакет преку кабелски оператор. Без многу компликации, сателитски антени и слично таа била достапна за нашинците,особено постарата генерација кои слушаа и често се јавуваа во музичките емисии од контактен тип. Со посебно задоволство ја слушале и хумористичната емисија “Хихирику” на Карадак.
Подоцна МРТ имаше склучено и договор со компанија за сателитско пренесување на радиската и телевизиската програма кон Австралија и Европа.
Слика 8: За да се заокружи процесот на развој во продуцирањето на македонската музика во 1990 година се формира Одделението за касетна продукција
Слика 9в: Помалите музички студија М4 и М5 се пренаменија во драмски. Во драмското М5 се снимаше култната хумористична емисија ,,Хихирику''. Најпрво ја снимаше Бесим Кека, а потоа Владимир Дедиќ (на сликата)
Слика 10: Пет режии и студија за припремање на говорно музичка програма се сместени во адаптирани простории и опремени со миксети Studer 089 и по 4 магнетофони Telefunken M-21
Слика 11: Свеченост по повод вклучувањето на емисијата на Радио DW на македонски јазик на Првиот програмски сервис на Македонското радио - Радио Скопје (добиена преку сателитски приемник) и емитувана на новиот СБ предавател од 1200 KW. Од лево на десно: Инг. Димац Митковски(Пом. на директорот на МР за техника, Љупчо Тридуновски (водач на смена во Главната режија), Инг. Љубиша Ѓорѓевски (Директор на Македонска радио дифузија), Dieter Weirich (Интендант на Радио DW), Антон Серечи (Директор на Македонското радио)
Слика 11: Свеченост по повод вклучувањето на емисијата на Радио DW на македонски јазик на Првиот програмски сервис на Македонското радио - Радио Скопје (добиена преку сателитски приемник) и емитувана на новиот СБ предавател од 1200 KW. Од лево на десно: Инг. Димац Митковски(Пом. на директорот на МР за техника, Љупчо Тридуновски (водач на смена во Главната режија), Инг. Љубиша Ѓорѓевски (Директор на Македонска радио дифузија), Dieter Weirich (Интендант на Радио DW), Антон Серечи (Директор на Македонското радио)
Слика 14: Музичкиот тон-мајстор Анастас Панајотов - Таше и продуцентот Мате Грујовски на снимање со новите миксети MCI во Новиот РТВ дом
Слика 15: Јордан Цаневски - Дане, народна и сериозна музика (почнувајќи од 1971 до 1976, има 6 последователни награди на ТАКТОНС во Нови Сад во категоријата “Изворна народна музика”, прва награда на ЈРТ во Охрид, 1979, прва награда ТАКТОНС за најдобра снимка во категоријата “Народна музика” во 1987 година и во категоријата ,,Сериозна музика” во 1989 година) и продуцентот Миодраг Божиновски - Миќо во режијата за народна музика М3