Сè уште раните од поплавата не биле залечени, а уште поголема трагедија го погодува Скопје – катастрофален земјотрес. За времe на земјотресот, на 26 јули 1963 година, во 5 часот и 17 минути, тешко е оштетена зградата на радиото. Во тие судбоносни моменти, Радио Скопје одигрува клучна улога и повторно почнува речиси од ништо.
Во тие судбоносни моменти непосредно по скопскиот земјотрес, Радио Скопје одигрува клучна улога и претставува единствена врска со светот. Согледувајќи ги околностите, раководството решава програмската активност да продолжи од нова локација на предавателот во Маџари. Само 5 часа по земјотресот, предавателот добил редовна електрична енергија од термоцентралата во непосредна близина. Пред чуварската зграда била поставена студиска миксета и на магнетофон е снимена првата информација, која во 10.30 часот, по сигналот “А, бре, Македонче”, ќе го извести светот за катастрофата во Скопје.
Слика 1: Преснимување на лента во шаторската населба во дворот на предавателот во Маџари по земјотресот во 1963 г.
Наредните месеци работата на сите редакции се одвивала под шатори сместени во кругот на предавателот (слика 1). Од дрвен материјал било изградено импровизирано радиско студио. Кон крајот на 1963 година, сега веќе Радиотелевизија Скопје се определила за изградба на студиски и друг придружен простор на локацијата во Нерези. И таму, во почетокот се работело во шатори, до крајното поставување на монтажни бараки и метални хангари. По земјотресот била добиена како помош некоја постара техника од други радиостаници која во тие моменти била добредојдена и веднаш била ставена во функција. Во 1964 година, во една од приземните бараки биле оформени 5 режиско-студиски простори за подготовка и емитување на радиската програма, мала контролна режија, 2 монтажи, приемен центар, фонотека (слика 1а) и едно поголемо студио за снимање музика и драми.
Слика 1a: Фонотеката е архивата на радиото. Со правилно чување на лентите и плочите може да се користат снимките долги години. Фонотекарот Михајло Зафировски на работното место
На 28 декември 1964 година, на 20-годишнината од постоењето на Радио Скопје, со скромна свеченост овие студија биле и официјално пуштени во работа и многу придонеле да започне стабилизирањето на радиопрограмата, а едновремено и за нејзино зголемување по обем и квалитет. Според сеќавањата на некои од вработените, во 1968 година биле набавени неколку десетини “Ухери” – репортерски магнетофони кои што одиграле значајна улога во отворањето на програмата кон слушателите и за презентирање на снимените прилози од терен во програмата. Додека репортерските магнетофони “Ухер” ги користеле новинарите, во одделението за надворешни преноси техничарите користеле едни од најдобрите теренски магнетофони во светот, познатата “Награ”. Нив ги има во повеќе верзии и од 1969 година биле постојано набавувани. Покрај можноста за снимање на теренска лента, тие имаат можност да се користат и како теренски миксети, многу се отпорни на удари и на надворешни атмосферски влијанија (слика 2).
Слика 2: Лево – Додека репортерските магнетофони “Ухер” ги користеле новинарите, во одделението за надворешни преноси техничарите користеле едни од најдобрите теренски магнетофони во светот, познатата “Награ”. Десно – Спортскиот коментатор Зоран Јордановски и тон-мајсторот Стипе Чибариќ на фудбалски пренос во Титово Ужице (1971), секако со користење на Награ
Во овие години, според пишувањето во монографијата “50 години сведоштво”, издадена по повод 50-годишнината на МРТ, се случува и еден квалитативен скок во емитувањето на радиската програма. Имено, покрај емитувањето на програмата во монотехника и на средни бранови, се почнува со емитување во ултракратко браново подрачје (УКБ). Спектарот од 15 KHz на аудиосигналот е навистина нов квалитет во радиоемитувањето. Уште во 1963 година, со пуштањето во редовна работа на 200 W предаватели во студиото на Радио Скопје и на репетиторскиот пункт Солунска глава почнала изградбата на УКБ-мрежа. Во текот на 1963 година се инсталирале УКБ-предаватели во Нерези и на пунктовите Црн Врв и Пелистер (слика 3), а на 28.12.1963 година почнале со редовна работа и ја пренесувале Првата програма на радиото. Освен Првата програма, во овој период било почнато и емитување на Втора програма на Радио Скопје. Најпрво преку среднобранов предавател од 400 W лоциран во Маџари (15.4.1963 г.), а потоа со многу посилен – од 10 KW. Содржински, програмата почнала како скопска програма, и покрај информациите за настаните и случувањата во градот имала современа нова музика благодарение на позајмувањата од тогаш малкумината дискофили.
Слика 3: На 28.12.1963 година почнало емитување на ултра кратки бранови (УКБ) на Првата програма на радиото од ТВ/УКБ пунктот Пелистер
Вистинско доживување било пуштањето во работа на 1000 KW среднобранов предавател во Овче Поле (слика 4), на 29.11.1970 година, со што Радио Скопје се вброило во светската елита на среднобрановите предаватели. Овче Поле е единствената поголема рамнина во централниот дел на Република Македонија со задоволителна спроводливост на теренот. Антенскиот столб со висина од 185,4 метри е една половина од брановата должина на која работел предавателот (810 KHz) и имал засилување по хоризонтала од 1,6 пати. Ефикасноста на антенскиот систем била 94,5%, што претставувало одлична вредност. Што се однесува до просторниот или јоносферскиот бран, во зависност од вертикалните агли на зрачење и под одредени услови на пропагација, ноќе, бранот можел да се простира на големи далечини, при што приемното поле било со сосема задоволително ниво. Набавен бил од швајцарската фирма “Браун-Бовери”, со врвен квалитет на вградените компоненти. Добиените резултати наполно ја оправдале инвестицијата од 11 милиони германски марки, бидејќи од тој ден гласот на Радио Скопје можел да се чуе во одредени делови на Европа, Блискиот Исток и во Северна Африка. (Од монографијата “Со збор и слика – 50 години сведоштво”)
Слика 4: Лево: СБ пункт Овче Поле со антенскиот столб. Десно: Електронска ламба во засилувачкиот степен на 1000 KW предавател
До 1972 година била изградена нова зграда на Радио Скопје од цврст материјал на локацијата во Нерези, со повеќе професионално проектирани и изведени студија и редакциски простори. Во оваа зграда радиото добило комплекс од три идентични режиско-студиски простори за емитување на програма, главна режија (master control room), една “новинарска” режија за подготовка на вести со спикерна и големо студио за дебати и прекрасна режија и студио за снимање драми. Овие современи просторни услови овозможиле и набавка на соодветна модерна техника и овој момент претставува почеток на брзиот технички развој што ќе следи во наредните години (слика 5). Во 1974/75 година бил набавен еден голем контингент студиска техника за опремување на новоизградените режии. Техниката е од производителот Siemens, и тоа 5 режиски столови – миксети и матрица за преспојување на аудио сигналите (слика 6). Монтажата на целата оваа техника била од страна на инженерите и техничарите на Радио Скопје.
Слика 5: Секоја режија за изведба на програмата во радиската зграда во Нерези била опремена со миксета Siemens, два грамофана ЕМТ и по четири магнетофони Studer A-80. Раководителот на Одделението за техничка изведба на програмата инж. Димац Митковски и тон-мајсторот Славна Ташевска
Слика 6: Главната режија и преспојната матрица во неа. Ванчо Постоловски, водач на смена на дежурство (Сликата е од Новиот РТВ дом но техниката е истата. Работи се уште и на овој 28 декември 2024 година. До кога никој не знае)
Современата матрица за преспојување на сигналите, сместена во главната режија, од технички аспект дала можност за рамноправно учество во системот на ЈРТ. Имено, сите републички центри биле меѓусебно поврзани со систем за врски. Секоја видеотраса имала во себе и четири тонски канали. Додека првите два биле доделени на телевизијата, третиот и четвртиот биле за радиото. Централна точка била главната режија на Радио Белград и преку неа биле преспојувани сите радиоцентри. Тоа давало можност за реализација на заеднички емисии на радиските центри во тогашната СФРЈ, таканаречени “радио мостови”.
За државните празници секогаш беа реализирани заеднички емисии на сите осум главни републички и покраински центри. Истото се случуваше и во неделите, кога се реализираше заедничко спортско попладне. Овие емисии беа технички навистина многу сложени, но успешно се реализираа и имаа голема слушаност. За технички и програмски договор беа воведени посебни “омнибус” врски, независни од програмските. Програмските врски покрај тоа што се користеа за директни емисии, беа мошне корисни за проследување на тонските извештаи на нашите дописници и репортери, каде и да се наоѓаат во Југославија, и за добивање најразлични материјали, особено музички, преку т.н. “размена”. Постоеја фиксни термини во кои секој радиоцентар нудеше сопствена програма или, пак, добиваше програма реализирана од страна на другите радиоцентри.
Почнувајќи од 1974 година, во следните неколку години биле набавени 20 магнетофони од швајцарската фирма Studer (A-80), 40 магнетофони од Telefunken (M – 15A), 20 професионални грамофони од германската EMT (EMT 930 St), ехо плочи (EMT), микрофони главно од Sennheiser и Neumann, како и друга студиска опрема.
Мошне значајна инвестиција за настаните што се одвиваат на терен е опремувањето на техниката на радиото во 1974 година со современо репортажно возило (слика 7). Тоа претставува, всушност, мобилна режија и мала кабина за репортер.
Слика 7: а) Репортажната кола на радиото и техниката во неа б) Музичкиот тон-мајстор Ѓорѓи Христовски – Жорж и продуцентот Будимка Имери на снимање во репортажната кола на Радио Скопје
Режијата е опремена со 24-канална миксета Telefunken, преспојно поле, три магнетофони, еден пар квалитетни звучни кутии. Поради акустичката обработка на просторот во возилото, тон-мајсторот и продуцентот имаат одлична звучна контрола, што е многу значајно при снимање, особено на музички настани. Напојувањето може да биде трофазно или монофазно, а постои и резервен систем за напојување од акумулатори. Клима-уредот овозможува греење и ладење на возилото во зависност од потребата. Вграден е квалитетен радиоприемник и што е интересно, сопствен предавател од 50 W и антенски систем за емитување на УКБ-подрачјето. Подоцна во него се вградени и системи за пренос на модулацијата, кои работеа во опсегот од 400 MHz. Со ова репортажно возило, направени се неброено многу квалитетни преноси и снимки кои се дел од архивата на Македонското радио: Охридско лето, фестивалот Валандово, Макфест во Штип, Скопските фестивали, концертите на Македонската филхармонија, се само дел од многубројните настани овековечени со него.
Студиската опрема што била набавена имала можност да работи во стереотехника, иако сигналот што се емитувал на УКБ-подрачјето сè уште бил моно. Во 1979 година “Предаватели и врски” кои веќе функционирале како посебна организациска единица, склучиле договор за набавка на 8 УКБ стерео предаватели за базичните пунктови, кои што биле монтирани и пуштени во работа по следниот редослед:
• Пункт Црн Врв, 2x10 KW, 28.12.1979 година;
• Пункт Мали Влај, 2x1 KW, 8.6.1980 година;
• Пункт Туртел, 2x10 KW, 11.10.1980 година;
• Пункт Пелистер, 2x10 KW, 11.10.1981 година.
Со подготвувањето, а сега и емитувањето на радиската програма во стереотехника, се овозможува на приемничката база навистина квалитетна аудио информација со впечаток дека слушателот е на самото место на настанот и има чувство за просторно слушање. Тоа е времето на појавата на приемни уреди со висока верност на репродукцијата т.н. Hi-Fi (High Fidelity).
Уште една од дејностите што ги извршувала техниката на радиото, и тоа од нејзиното формирање, е озвучувањето на манифестации од најразновиден карактер. Не ја споменувам случајно оваа дејност бидејќи многу труд и часови се потрошени токму на оваа проблематика. Почнувајќи од 1974 година, Радио Скопје се опремува и со посовремена опрема за озвучување што подразбира набавка на звучни кутии, засилувачи, теренски миксети и друга додатна опрема. Најнапред за свои потреби, а потоа сè повеќе и повеќе за потребите на целата република.
Немало настан каде Радио Скопје не учествувало со својата техника за озвучување. Реализирани се многубројни музички, политички, културни манифестации, како на пример, Струшките вечери на поезијата, гранични средби, партиски конгреси,10 дена Крушевска република, најразлични музички фестивали. Во тие моменти немаше друга организација со толкава опрема за озвучување и разбирливо беше ваквото ангажирање на Радио Скопје. Иако не постоело посебно организациско одделение и кадар за оваа проблематика, екипите се формирале од настан до настан, но главно учествувале техничарите од одделенијата за надворешни преноси и одржување. Ова е опремата со која располагало Радио Скопје во тие години:
• 1974 г. 8 звучни столбови Dynacord S 46 60/40 W и неколку засилувачи Eminent
• 1977 г. 6 звучни кутии со вградени засилувачи Altec Lansing 846-8A и
• 1977 г. 2 Altec засилувачи со моќност 2x400 W
• 1977 г. 2 хорни Altec за надворешни озвучувања
• 1981 г. 2 миксети Studer 169 и 1 миксета Studer 269
• 1991 г. 4 звучни кутии ASTON 2000
Музичките снимања во овој период се одвиваат во студиото 6 во Нерези, но и во холот на основното училиште “Песталоци” во Скопје. За студиото и режијата 6 е интересно следното: бидејќи тие се сместени во приземна барака, со цел да се добие поголем волумен, студискиот дел бил вкопан во земја, а режијата е останата на нивото на земјата. Во него имало и 4-канален магнетофон Studer на којшто се правеле првите обиди за повеќеканално снимање. Холот, пак, во “Песталоци”, кој служел за приредби, е опкружен од сите страни со кадифени завеси кои обезбедувале пристојна акустика за музичките снимања.
Ова е период кога Радио-телевизија Скопје е членка на ЈРТ, и според тоа, учествувала во сите големи манифестации што биле и технички покривани од неа. Особено треба да се истакне “Неделата на Југословенското радио”, манифестација што секоја година се одржувала во Охрид и била смотра на најдобрите годишни новинарски, драмски и музички достигнувања во разни категории. Како домаќин, секторот Студиска техника на Радио Скопје по тој повод опремувал најмалку три простории со комплетна опрема за квалитетно преслушување. За секоја просторија се подразбирало миксета, два магнетофона и еден пар квалитетни звучни кутии. Исто така, било неопходно да се покрие и прес-центарот за известување од настанот и едно или две импровизирани студија за директни емисии за сите радиски центри. Сето ова значело дека голем дел од опремата од Скопје морало да се пресели во Охрид, да се монтира и да се стави во беспрекорна функција.
Настани од светско значење во кои техниката на Радио Скопје зела активно учество и кои не може да се заборават, се техничкото покривање на XIV Зимски Олимписки Игри во Сараево (1984 г.) и Универзијадата во Загреб (1987 г.). Техничката екипа на РТС ја покриваше салата Скендерија во која се одржуваа натпревари во хокеј. Радиска екипа во Сараево имаше неколку задачи:
• Вршеше покривање на коментаторската проблематика во салата Скендерија, задолжна да ги опслужува коментаторските позиции и да ги воспоставува коментаторските врски за околу 80 пријавени спортски коментатори;
• Учествуваше во озвучувањето на просторот пред салата Скендерија;
• Го покриваше радискиот пул на ЈРТ во Скендерија;
• Вршеше техничко покривање на новинарската екипа на Радио Скопје во сопствената режија и студио во меѓународниот олимписки центар во Сараево.
Признание за добро завршената работа е добиениот бронзен медал за квалитетно радиско покривање на олимписките игри во Сараево (слика 8).
Слика 8: Горе – Дел од екипата одговорна за коментаторската проблематика во салата Скендерија;
Долу – Признание за добро завршената работа е добиениот бронзен медал за квалитетно радиско покривање на Олимписките игри во Сараево.
Сместувањето на Радиотелевизија Скопје во Нерези било од привремен карактер. Затоа уште во 1965 година започнале подготовки за лоцирање и изградба на нов, модерен и современ радио-телевизиски центар што би создал услови за квалитетна и професионална работа. Подготовките траеле десетина години. Најпрво биле собирани и проучувани искуствата на други центри од земјата и од странство. Потоа била изработена програма за изградба, а во 1971 година била формирана посебна служба за проектирање и надзор на радио-телевизискиот дом.
На 29 ноември 1974 година започнала неговата изградба.
Слика 2а: Додека репортерските магнетофони “Ухер” ги користеле новинарите, во одделението за надворешни преноси техничарите користеле едни од најдобрите теренски магнетофони во светот, познатата “Награ”.
Слика 6: Главната режија и преспојната матрица во неа. Ванчо Постоловски, водач на смена на дежурство (Сликата е од Новиот РТВ дом но техниката е истата. Работи се уште и на овој 28 декември 2024 година. До кога никој не знае)
Слика 7: а) Репортажната кола на радиото и техниката во неа б) Музичкиот тон-мајстор Ѓорѓи Христовски – Жорж и продуцентот Будимка Имери на снимање во репортажната кола на Радио Скопје