Паметните електроенергетски мрежи (Smart Grid) и Интернетот на нештата (Internet of Things - IoT) ќе доживеат значителна експанзија околу 2027 година, а од 2030 година ќе станат сеприсутни и ќе ни го променат животот, онаков како што го знаеме денеска.
Паметните мрежи, преку 5G Интернет протоколи ќе овозможат двонасочна комуникација помеѓу производителите на електрична енергија (вклучувајќи ги и обновливите извори) и потрошувачите (вклучувајќи ги домаќинствата и индустријата).
IoT, исто така преку 5G Интернет, во меѓувреме ќе ја воспостави потребната инфраструктура помеѓу уредите, кои ќе можат паметно да се вклучуваат или исклучуваат од мрежата, на пример по прием на сигнал од производителите на обновлива енергија (фотонапонските и ветерните електрични централи) во време на големо производство на енергија и ниска цена на берзата. Ова ускладување на производството и потрошувачката би било на обострана корист на сите учесници на пазарот.
Звучи нестварно, но Германците уште во 1970-ите години направиле сличен, но еднонасочен систем за далечинско вклучување (teleswitch), којшто преку сигнали на долги радио бранови менувал тарифни блокови, вклучувал и исклучувал осветление и греење на големи групи корисници.
Овие огромни долгобранови предаватели, како некакви реликти од едно поминато време, работаат сé уште и денес! Во Германија емитуваат две долгобранови радиостаници, DCF39 и DCF49, а во Унгарија сѐ уште емитува станицата HGA22. Овие станици имаат предаватели со моќност од 50 kW и антенски системи високи 324 m.
Нивните FSK (frequency shift keying) модулирани сигнали се слушаат ширум Европа, а на снимката може да се видат во радио спектарот и да се слушнат нивните сигнали. Сигналите се примени од мојата радио станица во Преспа, каде владее радио тишина, ослободена од локални шумови и пречки од градовите. Во Преспа сигналите, односно односот сигнал/шум е за десетина децибели повисок отколку во Битола.
На видеото прво го слушаме сигналот на Унгарската станица HGA22 на 135,5 kHz, а потоа и на германската станица DCF39 на 138,83 kHz. Сигналите се екестремно силни, дури 45 dB, односно 31 dB над нивото на шумот.
Точно помеѓу овие два сигнали се наоѓа долгобрановиот радиоаматерски сегмент, од 135,7 до 137,8 kHz (2.200 m банд). Овие две станици воедно ми служат за испитување на антенскиот систем, приемната апаратура и радио пропагациите на долги бранови.
Сигналите се примени со активна антена (Mini Whip), модификација на шемата од холандскиот радиоаматер PA0RDT, со транзистори што можеа да се најдат локално. Антената во основа претставува сонда за детектирање на електричното поле (e-probe) и наменски засилувач со многу висока влезна импеданса.
Како приемник е користен RSP1 SDR (software defined radio), како и радио уредот Icom IC-756 Pro II. Со ова го надминав проблемот со шумот и со приемот на долги бранови (предавањето е успешно испробани претходно), така што сега се е спремно за првата двонасочна врска на долги бранови.