Постојат три стила на пребарување на Википедија: оние кои се губат во мноштвото информации, оние кои душкаат наоколу и оние кои одат директно до резултатот. Звучи тривијално, но разликувањето на овие три типа е важно за вештачката интелигенција да се направи поефикасна.
Ако сте меѓу корисниците на најпознатата и најраспространета онлајн енциклопедија на интернет, и ви се случило да истражувате, а потоа да се изгубите во морето од содржини, да се најдете, можеби во два часот наутро, како се распрашувате за репродуктивниот циклус на мушичките, настаните од Тунгуска или теоријата за рамна Земја, имаме добра вест за вас: немате никакво нарушување... барем не такво кое е поврзано со читачките навики :)
Но, од друга страна, можеби сте Википедија “танчер”, “душкало” или “ловец” – термини што ги предлага истражувачкиот тим под водство на Дани Басет од Универзитетот во Пенсилванија. Имено, тие ги испитувале пребарувачките навики на 482 760 читатели на Википедија од 50 различни земј. Притоа танчерите и душкалата ги опишуваат оние кои компулсивно преминуваат од една тема на друга во онлајн енциклопедијата (но на суптилно различни начини), додека ловците одат директно кон темата што ја пребаруваат.
Прикажана овде: Мрежа од хиперлинкови од Википедија (на англиски јазик), со визуелизација на само 0,1% од статиите (јазли) и нивните врски (рабови). Седум различни патувања на читателот низ оваа мрежа се означени со различни бои. Мрежата е организирана по тема и се прикажува со користење на распоред што ги групира поврзаните статии заедно.
Слика: Универзитет на Пенсилванија/Дејл Џоу
Според студијата, “танчерите” се движат меѓу темите со флуидност и креативност, поврзувајќи ги навидум далечните концепти на оригинален и интердисциплинарен начин. Различни, но подеднакво љубопитни се “душкалата”, кои без прецизен план скокаат од една на друга тема, секогаш привлечени од “новото”.
Ова истражувачко однесување е познато и како “Wiki Rabbit Hole” (Википедиска зајачка дупка), опис инспириран од светот на “Алиса во земјата на чудата”. Слично како што Алиса влегува во непознат свет зад зајачката дупка, овие конкретни читатели на Википедија следат бескрајна серија врски што ги води до неочекувани информативни места и понекогаш далеку од почетната точка на истражување. За разлика од првите два профила, “ловецот” е повеќе ориентиран кон резултати, бара одговори на конкретни прашања или корисни податоци за да добие појасна и поцелосна слика за она што го интересира.
Покрај трите стила, истражувачите открија интересна корелација помеѓу земјата на потекло на корисниците и нивниот начин на прелистување. Во земјите што се карактеризираат со поголема родова еднаквост и добар индекс на пристап до образование, поголема е веројатноста Вики-читателите да “танцуваат” повеќе меѓу темите или да покажат поразновидна и послободна љубопитност.
Меѓутоа, во земјите со помала еднаквост, однесувањето за пребарување има тенденција да биде повеќе насочено, што дава увид во тоа како културата и социјалниот контекст можат да влијаат на патеките на знаење. Професорката Басет претпоставува дека слободата на истражување, всушност, може да зависи од културното ниво, но не треба да се потценат и други фактори. Имено, разновидноста на интересите може во многу случаи едноставно да ја одразува употребата на енциклопедијата, без разлика дали се пребарува за работа или поради лична љубопитност.
Според еден друг член на тимот, Др. Шубанкар Патанкар, овој тип на анализа ни овозможува да замислиме системи со капацитет за учење врз основа на човечки интеракции, почитувајќи ги времето и методите на секој корисник.
Со други зборови, студијата би можела да има и практична примена во областа на вештачката интелигенција. Всушност, подоброто разбирање на тоа како корисниците се однесуваат кога ќе се соочат со таков огромен басен со информации каков што е Википедија, може да помогне во дизајнирањето на системи со вештачка интелигенција способни да се приспособат на различни стилови на пребарување. Па така, на пример, вештачката интелигенција „танчерка“ може да развие покреативни врски, додека вештачката интелигенција „ловец“ може попрецизно да одговори на целните прашања.
Повеќе кај Универзитет на Пенсилванија
Прикажана овде: Мрежа од хиперлинкови од Википедија (на англиски јазик), со визуелизација на само 0,1% од статиите (јазли) и нивните врски (рабови). Седум различни патувања на читателот низ оваа мрежа се означени со различни бои. Мрежата е организирана по тема и се прикажува со користење на распоред што ги групира поврзаните статии заедно. Слика: Универзитет на Пенсилванија/Дејл Џоу