Експлозивниот напредок на генеративната вештачка интелигенција би можел да биде одговорен за дополнителни 5 милиони тони е-отпад до 2030 година, вели една нова студија. Извештајот, објавен деновиве во Nature Computational Science, проценува дека без промени во регулативата, само генеративната ВИ технологија ќе произведе 1,2 до 5 милиони тони е-отпад до крајот на деценијата.
Студијата открива и дека годишната продукција на е-отпад од генеративната ВИ би можело да се зголеми илјада пати, пораснувајќи од 2600 тони во 2023 година на зашеметувачки 2 500 000 тони годишно во 2030 година. Иако, според анализата, практиките на циркуларната економија би можеле да го намалат овој отпад за 16% до 86%.
„Претходните студии за одржлив компјутинг првенствено се фокусираа на употребата на енергија и јаглеродните емисии од моделите со вештачка интелигенција“, пишуваат истражувачите во нивниот труд. „На физичките материјали вклучени во нивниот животен циклус и протокот од отпад во вид на застарена електронска опрема – познат како електронски отпад (е-отпад) – се обрнуваше помалку внимание“.
Брзиот напредок во развојот на компјутерски чипови што ја овозможуваат ВИ мошне бргу го застаруваат постариот хардвер, сметаат истражувачите. Тимот користел компјутерски модели за да ја процени количината на хардвер што се користи и се отфрла од генеративната ВИ за периодот од 2020 до 2030 година.
Тие моделирале конзервативно сценарио, каде технологијата се користела само за специфични апликации, и агресивно сценарио, каде таа била нашироко применувана. Во агресивното сценарио, годишното производство на е-отпад се зголемило на 2,5 милиони тони годишно во 2030 година, а вкупно на 5,0 милиони тони. Тука биле вклучени и 1,5 милиони тони печатени плочки (ППК) и 0,5 милиони тони батерии, при што обата материјали содржат опасни загадувачки материјали. Во конзервативното сценарио, годишното производство на е-отпад пораснало на 0,4 милиони тони годишно до 2030 година, а вкупно 1,2 милиони тони.
„За контекст, најновиот извештај на Global E-waste Monitor покажува дека на годишно ниво количината на е-отпад што потекнува од мала опрема од информатичката технологија, како персоналните компјутери, изнесувала вкупно 4,6 милиони тони во 2022 година и ќе се покачи до 43,2 милиони тони до 2030 година, што значи дека ВИ серверите би можеле да ја зголемат оваа количина за 3% до 12%“, пишуваат истражувачите.
Тие истакнуваат и дека оваа количина на е-отпад е еквивалентна на тоа секој човек на Земјата во 2030 година да исфрли помеѓу 0,2 од 1,6 iPhone-и. Истражувачите го анализирале и потенцијалот на 3 стратегии за кружна економија: подобрување на перформансите, зголемување на животниот век и повторно користење на модулите во производството, со цел намалување на овој отпад.
Иако ефектите од овие стратегии може да бидат комплицирани – на пример, изработката на чипови со повисоки перформанси може да предизвика поголема побарувачка – истражувачите пресметале дека е-отпадот може да се намали до 86% ако овие опции се имплементираат низ целиот синџир на снабдување.
Истражувачите исто така истакнуваат дека геополитичките тензии што ја обликуваат индустријата за полуспроводници може да го влошат е-отпадот. Ако земјите не можат да ги купат најновите чипови за нивната ВИ технологија, тие ќе користат постари модели што побрзо ќе фрлаат.
„Нашите наоди ја нагласуваат потребата да се признае потенцијалот од идно преплавување со е-отпад што потекнува од генеративна ВИ и проактивно да се имплементираат кружни и дизајн стратегии, како и стратеги за справување со него за да се избегнат вакви сценарија“, пишуваат истражувачите.
Извор Cosmos