Се ближи грејната сезона, па ќе биде неопходно да се води сметка за секој потрошен киловатчас електрична енергија. Особено ќе биде важно термоакумулационите печки да не акумулираат во високата тарифа, бидејќи многу бргу се навлегува во најскапиот, четврт тарифен блок ВТ4. За монофазните потрошувачи можат и на нашиот пазар да се купат тајмери со утичница за вклучување во опредено време од денот, но за трофазните потрошувачи мораме самите да изработиме таков уред.
Овој едноставен склоп за временско вклучување се состои од еден тајмер (компонентата со дисплеј лево на првата слика) и трофазен контактор (десната компонента на првата слика). Соленоидот од контакторот се активира со 220 V, што ги добива преку работниот контакт на тајмерот, редно поврзан со една од фазите на градската мрежа. Тајмерот е поврзан монофазно, а за следење на времето и во моментите кога нема електрична енергија во мрежата, истиот има и батерија. Тајмерот и трофазниот контактор се набавени преку Алиекспрес, но слични може да се набават и кај нас.
Тајмерот и контакторот таман се сместени во кутија за 4 автоматски осигурувачи (точно толкава им е ширината), а кутијата има убав надворешен изглед со проѕирна вратничка, преку која може да се пристапи до тајмерот за подесување на времето за вклучување. Кутијата има и своја мала DIN шина за поставување на компонентите, па не мора да се купува посебно.
Заради намалување на преодните отпори и избегнување на одвишните контакти (кои се проблематични места во секоја електрична инсталација), доводниот кабел од мрежата и одводниот кабел кон печката се директно зашрафени во контакторот, без никакви утичници.
Со вакво поврзување вентилаторот и термостатот нема да работат кога контакторот ги има исклучено греачите. Вака одлучив затоа што јас не ја оставам печката да дува, туку да акумулира речиси на максимум за потоа да грее со зрачење, без дување. Но кој ја сака функцијата на дување тогаш вентилаторот со неговиот термостат треба да се приклучат директно на мрежата. Има уште еден термостат за греачите, тој останува приклучен после контакторот.
Со овој уред е заменет претходниот, базиран на микропроцесор, програмабилен далечински преку WiFi, бидејќи после секој испад на мрежата во уредот страдаше една минијатурна диода во SMD куќиште. Кај оваа постара техника не би требало да има проблеми со фината електроника.
Со помош на овој уред печката секогаш ќе акумулира само во ниската тарифа, за која нема прогресивен раст на цената со растот на потрошувачката, како кај високата тарифа.