Во текстот под наслов 'За цената на нуклеарното гориво' претходно видовме дека цената на нуклеарното гориво (LEU - low enriched uranium), дури и при сегашните рекордно високи цени на ураниумот изнесува само околу 8 USD/MWh електрична енергија. Да ја разгледаме сега економската физибилност на инвестирањето во малите нуклеарни централи од новата генерација, базирани на мали модуларни реактори (SMR - small modular reactors).
Како појдовна основа ќе ни послужи цената што пролетва беше објавена од страна на одделот за современи извори на енергија во ЕСМ. Според нив, капиталните трошоци (цената на чинење) изнесува околу 4,7 милиони евра за 1 MW инсталиран капацитет во малите нуклеарни централи базирани на SMR.
Годишната потреба за базично производство на електрична енергија во Македонија ќе го усвоиме на ниво од 4000 GWh/год. При капацитетен фактор (наречен уште и фактор на расположливост) од 0,94, што одговара на 8200 часа производство при инсталирана моќност годишно, потребниот инсталиран капацитет на нуклеарните централи во Македонија би изнесувал околу 488 MW, односно малку повеќе од два блока од РЕК „Битола“.
Капиталните издатоци за изградба, без каматни трошоци би изнесувале 488*4,7 = 2293 милиони евра, односно околу 2,3 милијарди евра. При почетно учество од 15%, Македонија би требала за почеток да вложи само 344 милиони евра, а останатите пари би биле земени на заем со каматна стапка од 3,5%, односно под приближно исти услови како кај унгарскиот кредит, што најверојатно ќе се потроши за непродуктивни цели во нашите општини.
Инаку, дури и повеќе од 344 милиони евра готови пари Македонија досега им платила на Бехтел и Енка за изградба на делниците автопат, за кого веќе видовме дека е неисплатлив, односно приходот од патарини не е доволен дури ни за плаќање на каматите на заемот, а камоли за отплата на самиот заем. Заемот за автопатиштата Македонија ќе мора да го отплатува од буџетот, односно преку нови задолжувања, што никогаш нема да може да ги отплати во услови на буџетски дефицит. За разлика од автопатиштата, инвестицијата во мали нуклеарни централи е релативно брзоповратна, како што ќе видиме подолу.
Клучот на исплатливоста лежи во претходно споменатиот капацитетен фактор од 0,94, што значи дека нуклеарната централа работи практично 24/7 преку цела година со полна инсталирана моќност. Тоа е особеност на нуклеарните централи, чиј електричен аутпут не смее многу и нагло да варира поради таканареченото „ксенонско труење“ на реакторот, што имал улога и во нуклеарната катастрофа во Чернобил.
Од овие причини нуклеарните електрични централи (НЕЦ) се погодни за базично, односно приближно константно производство, но можат да се користат и за покривање на врвовите (пиковите) на потрошувачката, доколу се изврши складирање на енергијата со пумпно-акумулациони хидроелектрани (ПАХЕ), за коишто досега многупати сме зборувале.
Бидејќи однапред не знаеме колкава би била инсталираната моќност на нашите идни нуклеарни централи, сите пресметки понатаму ќе ги извршиме, т.е. нормализираме за 1 MW инсталирана електрична моќност на централата. Основни податоци за пресметката се следните:
• Капитални издатоци (цена на чинење): CapEx =4,7 мил. евра/MW инст. моќност;
• Почетно 15% учествo: I0=0,7 мил. евра/MW инст. моќ;
• Годишно производство на ел. енергија: Eg=8200 MWh/MW инст. моќ;
• Временски период за отплата на кредитот: m=20 години;
• Експлоатациски век (траење на проектот): n=30 години;
• Годишна стапка на инфлација: inr=2,5%;
• Годишна стапка на раст на цената на ел. енергија, на нуклеарното гориво и на ануитетите од кредитот: g=2,5%;
• Каматна стапка на кредитот: i=3,5%;
• Барана стапка на принос на инвеститорот (државата) за време на отплатата: r=10%;
• Процентуален износ на оперативните трошоци (OpEx) и трошоците за одржување во однос на приходите: 35% од приходите;
• Цена на нуклеарното гориво: 7,5 евра/MWh;
• Заемот би изнесувал K=4 мил. евра/MW инст. моќност, а пондерираната цена на капиталот (weighted average cost of capital) би изнесувала WACC=4,02%.
Изградбата на малите нуклеарни централи со SMR би траела кратко, само околу 2 години, бидејќи реакторите се произведуваат во фабрика, се транспортираат и само се поврзуваат на местото на изградба. При грејс период од само 2 години, отплатата би започнала две години од нултата, а првиот ануитет би изнесувал 0,246 мил. евра/MW инст. моќност. Во следните 18 години ануитетите би растеле со стапка на раст g=2,5%.
Нуклеарната централа би се отплатувала самата себеси во следните 18 години, а вкупниот каматен трошок би изнесувал 1,885 мил. евра/MW инст. моќност.
Најважниот резултат од пресметката претставува почетната цена на електричната енергија на крајот од втората година (initial cost of electricity), ICOE=60,78 евраMWh, односно колку што моментално изнесува продажната цена на ЕСМ. Оваа цена понатаму би растела со годишна стапка g=2,5%, слично како ануитетите и цената на нуклеарното гориво.
Како што гледаме, оваа цена не е драстично повисока од цената на електричната енергија од фотонапонските (ФЕЦ) и ветерните (ВЕЦ) електрични централи, иако се работи за вистинско базично производство на електрична енергија. Објаснувањето лежи во високиот капацитетен фактор од 94%, односно нуклеарната централа работи речиси непрекинато со максимална (инсталирана) моќност и бргу ги враќа парите.
На крајот да ги видиме најважните финансиски метрики.
• Нето сегашна вредност (Net Present Value) на крајот од проектот: NPV=2,1 мил. сегашни евра/MW инст. моќ. (при сопствено вложување I0);
• Индекс на профитабилност (Profitability Index) во однос на почетното учество: PI=NPV/I0=4,00;
• Вкупен принос, нето од вложувањето, во однос на почетното вложување: 629%;
• Годишен принос од инвестицијата, просечен геометриски (Return on Investment): ROI=6,84%;
• Модифицирана внатрешна стапка на принос (Modified Internal Rate of Return): MIRR=4,23%
Во стварност, би се постигнале уште подобри финансиски резултати бидејќи со извесна ревитализација работниот век на НЕЦ би можел да се продолжи прилично над 30 години.
Врз основа на погорните показатели произлегува дека малата нуклеарна централа базирана на SMR е економски физибилна и доколку капиталните издатоци - цената за изградба наведена од страна на ЕСМ може да се постигне во реалноста, Македонија би требало што побргу да ги започне подготовките за развој на нуклеарната енергетика. Најпрво би требало да се започне со образование и обука на идните кадри во странство, за да после 10-15 години ја имаме првата мала нуклеарна централа во државата.
Идната електроенергетика би требало да биде базирана на нуклеарни централи (НЕЦ), фотонапонски (ФЕЦ), ветерни (ВЕЦ) и хидроцентрали (ХЕЦ), меѓу кои задолжително една или две пумпно-акумулациони хидроелектрани (ПАХЕ).
На тој начин Македонија би ја завршила Зелената транзиција и конечно би се ослободила - најпрво од термоцентралите на јаглен, а малку подоцна и од термоцентралите на гас.