Еден астероид полека се приближува кон Земјата. Но, место за паника нема – астероидот нема да удри во нас. Наместо тоа, Земјата ќе добие привремен минијатурен придружник, кој по 2 месеци ќе продолжи понатаму на својот пат низ вселената.
Астероидот 2024 PT5 има пречник од околу 11 m, отприлика со големина на еден автобус. Телото беше откриено на 7 август од телескопот ATLAS (Asteroid Terrestrial-impact Last Alert System), лоциран во Јужна Африка.
Во студијата објавена во Research Notes of the AAS, двајца истражувачи за динамиката на астероидите ја пресметале големината, брзината и патеката на астероидот. Истражувачите утврдиле дека астероидот ќе направи една целосна орбита околу Земјата во текот на 53 дена пред да биде исфрлен назад во вселената.
Астероидот ќе ја започне својата орбита околу Земјата на 29 септември, а треба да нè напушти на 25 ноември.
Верувале или не, приказната на астероидот 2024 PT5 не е уникатна. Многу астероиди имаат слични траектории и приказни, паѓајќи во делумни или целосно елиптични орбити околу нашата планета “на поминување”. Една таква квази-месечина е и астероидот 2023 FW13 откриен минатата година, за кој астрономите веруваат дека орбитира околу Земјата повеќе од 2000 години!
Другите квази-месечини “навраќаат” на многу пократки посети, како 5 метри големиот астероид 2006 RH120 кој орбитираше околу Земјата околу една година и астероидот 2020 CD3 кој беше мини придружник на нашата планета во текот на неколку години пред да нè напушти во мај 2020 година.
Инаку, истражувачите веќе пресметале од каде потекнува астероидот 2024 PT5, врз основа на неговата траекторија. „Ваквите орбитални елементи се конзистентни со оние на Арџунас, ретко резонантната популација на мали NEO-а [near-Earth objects, англ. објекти блиску до Земјата] во секундарниот астероиден појас сместен околу патеката што ја следи системот Земја-Месечина“, пишуваат тие.