Астрономите откриле нешто прилично извонредно од длабочините на вселената – тие детектираа моќна серија радиобранови. Она поради што оваа емисија “отскокнува” од вообичаеното е тоа што овие радиобранови патуваат низ вселената цели 8 милијарди години! Оттаму експертите сметаат дека оваа емисија би можела да помогне за подобро да ја разбереме една од најголемите мистерии на универзумот...
Сигналот, познат како FRB 20220610A, се состои од сјајни изблици на радиобранови што траат само по неколку милисекунди. Ова се едни од најдалечните снимени радиобранови досега и никој со сигурност не знае од каде потекнуваат овие изблици на енергија, или пак дали некој можеби ги испраќа.
Јачината на новонабљудуваниот сигнал е навистина запрепастувачка. Имено, за време од само неколку милисекунди FRB 20220610A ја емитува истата количина на енергија којашто нашето Сонце ја создава во период од 30 години!
Експертите вклучени во истражувањето објавено во Science, шпекулираат дека ваквите сигнали би можеле да бидат поврзани со остатоците од експлодирани ѕвезди, познати како магнетари.
Овие сигнали теоретски би можеле да им помогнат на астрономите да состават една посеопфатна претстава за универзумот, имајќи предвид дека количината на нормалната материја присутна во просторот не се совпаѓа со онаа што експертите теоретизираат дека треба да постои.
Еден од луѓето вклучени во истражувањето е и астрономот д-р Стјуарт Рајдер од Универзитетот Мекквари во Австралија.
„FRB сигналите се вообичаени и ветуваат многу. Можеме да ги искористиме за да создадеме нова мапа на структурата на универзумот и да одговориме на големи прашања од областа на космологијата“, вели Рајдер.