Рубрика: Омнибус
Бизарните победници на IgNobel 2024
Објавено на 19.09.2024 - 16:45

И повторно е тоа време од годината. Традиционално, некоја недела пред објавата од Шведската академија на науките и објавата на Нобеловите награди за оваа година, вечерта на 12 септември, во престижниот амбиент на Технолошкиот институт во Масачусетс (МИТ), беа прогласени добитниците на IgNobel наградите за 2024 – наградите за истражувања чијашто тема најнапред ќе ве натера од срце да се насмеете а потоа и ќе ве замисли.

Се вели дека најголемите научници се и најспособни за самоиронија и добар смисол за хумор – клучни карактеристики за доброволно да се прифати ИгНобел (IgNobel) наградата. И оваа година потесниот избор на “најпрестижни” научни истражувања не разочара, па љубителите на шашави и бизарни академски дострели можат да уживаат во изборот на откритија кој се движи во распон од гулаби што управуваат со проектили, цицачи кои дишат низ анусот, до двоење на пијани и на трезни црви и... што уште не.

Игнобелот за физиологија беше доделен на тим од јапонски и американски научници за демонстрација дека добар дел од цицачите, вклучително и глувците и свињите, се способни да дишат преку нивниот анус, со оглед на тоа што се способни да апсорбираат кислород во крвотокот ако им се администрира преку ректумот. Иако темата на истражувањето може да ве натера слатко да се изнасмеете, треба да земете предвид дека групата научници се заинтересирала за темата ентерична вентилација (како што овој процес технички се нарекува) во текот на првите месеци од пандемијата на ковид, кога болниците ширум светот очајнички бараа механички вентилатори за поддршка на пациентите во респираторна криза. Нивните истражувања првично биле инспирирани од способностите на рибата приморска нежица (од семејството Cobitidae), инаку мала слатководна риба која преживува во средини со ниска количина на кислород благодарение на способноста за дишење преку своето црево.

Игнобелот за мир постхумно му беше доделен на американскиот психолог Бурхус Скинер (1904-1990), татко на оперативното условување (кое, меѓу другото, вклучува и техника на засилување, наградување на позитивното однесување за да се олесни учењето). Помеѓу многуте „посериозни“ експерименти, Скинер, еден од највлијателните психолози на дваесеттиот век, исто така, во 1940 година развил и луд систем што вклучувал ставање на живи гулаби во проектили со цел да ја наведуваат нивната траекторија, во ера кога наведуваните орудија сè уште не постоеја. Со избувнувањето на Втората светска војна, проектот беше напуштен, иако првите тестови, со гулаби впрегнати во посебна рамка што се движеле во склад со движењата на главите на животните, дале мошне охрабрувачки резултати.  

Животните се протагонисти и кај ИгНобел наградата за физика, кој отиде во рацете на американска група истражувачи кои покажаа дека дури и мртва пастрмка може да плива, но и кај ИгНобел наградата за хемија, којашто беше доделена на група истражувачи од Амстердам која се послужиле со хроматографија (техника со која вообичаено се идентификуваат составните компонентите во една мешавина) за да ги раздвојат трезвените црви од оние пијаните.

Германски и американски научници го добија IgNobel-от за ботаника, за демонстрација дека вистинските растенија ги имитираат формите на листовите од пластичните растенија кога се поставени до нив, факт што го наведе тимот да претпостави дека растенијата „гледаат“.

ИгНобелот за медицина им припадна на меѓународна група научници од Швајцарија, Германија и Белгија кои открија дека лажниот лек кој предизвикува болни несакани ефекти може да биде поефикасен од лажен лек без болни несакани ефекти. Во пракса, во одредени случаи несаканите ефекти може да ја зголемат ефективноста на терапијата.

Истражувачи од Франција и Чиле добија Игнобел за анатомија за нивното откритие дека иако повеќето луѓе имаат влакна на скалпот распоредени во насока на стрелките на часовникот, на јужната хемисфера има повеќе исклучоци од ова правило. Истражувачите ги споредиле насоките на влакната со оние што ги заземаат ветровите во торнада, кои се под влијание на Кориолис ефектот и вообичаено имаат ветрови кои ротираат во различни насоки на северната и јужната хемисфера. Но, се чини дека косата не подлежи на истото правило.

Околу педесет научници, претежно Холанѓани, со фрлање 350 757 монети ја покажале валидноста на теоријата на веројатност која вели дека кога се фрла паричката, таа има тенденција почесто да паѓа во истата позиција од која тргнала. Со други зборови, како што претходно претпоставуваше математичарот од Универзитетот Стенфорд, Перси Диаконис, фрлањето паричка не е секогаш најдобриот метод за правење на сосема случаен избор. Упорноста на овие истражувачи беше наградена со IgNobel за... веројатност, се разбира.

Игнобелот за демографија им припадна на група научници од Универзитетот во Оксфорд кои открија дека, многу често, најдолговечните луѓе според документи живеат на места каде што има мошне лоша евиденција за раѓања и смрт.

И за крај, ИгНобелот за биологија им беше доделен на двајца американски научници кои во 1940 година забележаа дека производството на млеко кај кравите варира кога пукате хартиена кеса покрај мачка што на кравите им се поставува на грбот. Практичната демонстрација на експериментот беше обезбедена и прикажана на церемонијата, за среќа користејќи човек во костим на крава и плишана мачка.

Целосната листа на ИгНобел наградите за 2024 година може да ја прочитате тука

Инаку оригинален иницијатор и дом на наградата од 1991 до 1994 година е Технолошкиот институт на Масачустетс, по што наградата се сели најнапред на Харвард, а потоа на општо задоволство, номинациите, гласањето и прогласувањето на победниците се одвиваат на интернет.

Клучни зборови: