Рубрика: Астрономија и астронаутика
Марс има океан од вода, но живот? Којзнае...
Објавено на 23.08.2024 - 18:00

Древните седиментни карпи, пронајдени од роверот Истрајност (Perseverance), го потврдија присуството на вода на Марс во минатото. И тие ја одржуваат жива надежта дека ќе најдат траги од вонземски живот.

Според податоците собрани од Тања Бозак, геобиолог од Одделот за гео, атмосферски и планетарни науки при МИТ, роверот Истрајност на НАСА открил дека древните карпи во кратерот Језеро на Марс се формирале во присуство на вода. Овие седиментни карпи, стари повеќе од 3,5 милијарди години, може да претходат на појавата на животот на Земјата.

Роботската рака на роверот Истрајност на НАСА работи околу карпата наречена Скинер Риџ во кратерот Језеро на Марс. Составен од повеќе слики, овој мозаик покажува седиментни карпи сместени на карпестото дно на некогашната речна делта Слика: NASA/JPL-Caltech/ASU/MSSS

Од 2022 година, роверот ја истражува делтата на древна река во внатрешноста на кратерот, земајќи примероци од карпи, кои го потврдија присуство на древно езеро.

Овие карпи потврдуваат дека, барем во повремени периоди, Марс имал средини погодни за живеење“, вели Бозак. Студиите за стратификацијата на карпите, објавени во AGU Advances, откриваат присуство на сулфати, глина и карбонати, типични за водните средини. „Овие минерали можат да понудат информации за хемијата на водата, температурата, киселоста, па дури и за атмосферскиот состав на Марс во тоа време.

Анализираните седиментни карпи се најстарите што некогаш биле проучувани на Марс и можеби содржат траги од древна органска материја. „Тие се најперспективните [примероци од] карпи за пронаоѓање фосили и знаци на живот“, вели Бенџамин Вајс, коавтор на студијата.

Меѓутоа, ако од една страна присуството на карбонати (кои на Земјата создале, на пример, корални гребени) е елемент „компатибилен“ со животот на Марс, од друга страна мора да се нагласи дека сулфатите се показател за голема соленост, што не е нужно поволна состојба. Сепак, ова можеше да биде важна помош за зачувување на животот (ако има) по... смртта. Всушност, кога водата испарила, ‘саламурата’ што се наталожила на дното од езерото можела да ги зачува органските остатоци: „Нешто налик на ставање објект во сол“, објаснува Бозак.

Но, за да се утврди дали некогаш на Марс постоел живот, неопходно е да се најде органска материја. Роверот Љубопитност (Curiosity) веќе откри органски јаглерод, но од небиолошко потекло. Мисијата за носење на примероци од Марс, иако моментално е откажана од НАСА, останува критична за испраќање на примероци до Земјата и спроведување на подлабока анализа. „Бидејќи само на Земјата ги имаме алатките што се потребни за да го докажеме или не постоењето на живот на Марс“, заклучува Бозак.

Клучни зборови:
Роботската рака на роверот Истрајност на НАСА работи околу карпата наречена Скинер Риџ во кратерот Језеро на Марс.

Роботската рака на роверот Истрајност на НАСА работи околу карпата наречена Скинер Риџ во кратерот Језеро на Марс. Составен од повеќе слики, овој мозаик покажува седиментни карпи сместени на карпестото дно на некогашната речна делта Слика: NASA/JPL-Caltech/ASU/MSSS